(ИНТЕРВЈУ) Весе Весела Богдановиќ: Исповед на македонската учителка вредна милион долари

За светот светска и светски призната, а зa нас во Македонија – само една селска учителка. Тоа е со два збора ироничната вистина за македонската учителка Весе Весела Богдановиќ, која веќе 13 години е вработена во селското училиште во Ивањевци и веќе 13 години ги учи децата на најефикасен начин, преку игра до знаење, она што дури лани како Кембриџ го воведе нашата држава. Со своите креативни методи достигна да биде финалист на светски познатата Varkey Academia и Varkey Fondation. Избрана е меѓу најдобрите во натпреварот за Најдобар учител во светот кој го избира The Global Teacher Prize Аcademia, признаниие со иста важаност како и Нобеловата награда во другите области, а вреди исто толку: еден милион долари!

Весела 16

Oд светот доби и статус Мicrosoft Expert и титула Светски Амбасадор – Едукатор, но согледувајќи го односот на нашето општество кон наставниците и согледувајќи го нивното згазено достоинство, милион долари вредната учителка никогаш повторно не би ја избрала професијата учител.

Нејзината искрена исповед за тоа што, сепак, и покрај сè, го работи со огромна љубов и со посветеност 24/7, за поддршката и неподдршката, за сѐ она што ѝ се случува и за нејзините погледи за македонското образование, проследете во подолгото интервју кое најдобрата светска учителка ексклузивно го даде за ОХРИД 24.

OХРИД 24: Веќе е познато, Македонија има наставничка, учителка вредна милион долари. Таа е единствената македонска и балканска учителка која влезе во трката за Светска најучителка! Која е, во сушност, Весе Весела Богдановиќ, македонската учителка со светски глас?

Весела 1

– Јас сум сопруга и мајка на 12 годишен син, Бојан. Родена сум и живеам во Битола, но се вработив и веќе 13 години работам во селото Ивањевци, во општина Могила. Првите години работев како воспитувач во забавиште, а сега како учителка во одделенска настава. Мојата прва љубов беше предучилишното образование. Најпрвин дипломирав на Педагошкиот факултет во Битола, насока воспитувач, а потоа и на насоката одделенски наставник. Првите впечатоци, основи, искуства и идеи ги добив во битолските државни градинки каде имав прилика да посетувам активности. Оттогаш мојот свет е шерен, а мојата слика за стимулативна средина е исклучително весела и шарена.

OХРИД 24: Да се присетиме на идејата и мотивот како дојде до тоа токму Весе Весела Богдановиќ да биде избрана во тој светски TOP 50 TEACHERS?

Весела 21

– Тука уште еднаш би ѝ се заблагодарила на колешката Марија Петреска, наставник по анлиски јазик во ОУ „Христо Узунов“, с. Другово, Кичево, која ме упати и ми помогна да аплицирам. Без нејзината поддршка и охрабрување јас немаше да се осудам да се самооценам себе си на ниво кое ке ми каже дека – да, јас таму треба да аплицирам, имам сè што треба, таму јас припаѓам. Всушност, неколку месеци не ја ни имав погледната апликацијата, бидејќи идејата за влез ми се чинеше невозможна. Но сепак ете, бев на вистинско место и во вистинско време.

OХРИД 24: Колку натпреварот за милион долари беше значаен за вас лично и за македонскиот учител, воопшто?

Весела 19

– Во натпреварот учествуваа илјадници апликации од 150 земји од светот. Самото признание TOП 50 е нешто што не се случува секој ден, ниту во секоја кариера. Токму тоа беше мојата лична придобивка. Што значи за македонскиот учител? Не сум сигурна како да одговорам на ова. Македонскиот учител е интересна приказна, тоа е всушност македонскиот народ воопшто, поделен на две страни. Едните се вредните и креативните кои амбициозно соработуваат едни со други и го охрабруваат секој труд и успех, следат добри примери, учат едни со други, ги споделуваат своите идеи, ги почитуваат туѓите примери. Другите стојат на страна со спремни папки за професионален развој во раце и copy paste идеи за следни акции за педагошка покриеност, вработени во училиштето до зградата во која живеат, наспани и стокмени во костумчиња и штикли, прави даскалици и негираат сè што е успех.

Весела 22

На пример: јас за некои не сум ништо посебно, дури и никаков показател за квалитет затоа што работам со 8 деца наспроти нив со 30. Нив би ги поканила да се замениме, би им го отстапила моето работно место и баш би сакала да го видам нивниот ентузијазам после макар пола година поминат низ селски патишта по 2 часа дневно, на свој трошок, без клима за лето и парно за зима. Па радо би се „засрамила“ да покажам како јас „не знам да бидам тој квалитет во таа средина“. Истите замислуваат дека имам богато семејство кое ми овозможува шарена училница, затоа што им е тешко да ислушаат емисија во која по стоти пат објаснувам како со собирање отпадоци и играчки секој може да има сè, особено ако секое од 30-те деца донесе по нешто; или барем да погледаат некој од моите филмови и да видат дека сината вреќа за ѓубре со неколку риби од хартија е тој БОГАТ и скап тепих кој прави магија. Уште поинтересно е што зазеле таков одбранбен став што дури и да се зборува за нивни итереси и наши заеднички проблеми немаат време да прочитаат или дослушаат затоа што се окупирани со негирање на некој што е избран за еден од ТОП 50.

OХРИД 24: Кои активности и ресурси беа потребни да се рализираат за да се држи чекор до самото финале?

Весела 10

– Она што беше пријавено и приложено на старт беше сето она со кое сите ние се натпреварувавме целото време. Тоа што беше важно понатаму во изборот на конечен победник беше, од една страна, поддршка од матичната земја во насока на промоција на методологијата на својот кандидат, а од друга страна застапеноста на хуманитарни активности низ приложеното. Најголемиот дел од 50-те финалисти уште на самиот старт со самата апликација понудија примери и докази за пилотирање на нивните проекти низ барем неколку државни училишта во матичните земји, а некои имаа пилот проекти проширени и глобално. Тоа е клучно без разлика за кој светски натпревар се работи затоа што е директен доказ дека авторскиот труд е веќе оценет и прифатен од матичната земја како квалитет во претходниот период.

Весела 24

Од друга страна, дел од нив се професионалци кои целата кариера ја посветиле на хуманитарна работа, отворале приватни бесплатни училишта, згрижувале деца со посебни образовни потреби. Во тие земји законите дозволуваат преземање на такви активности, а неформалното образование лесно се прифаќа и во формални рамки штом покажа резултат врз доброто на заедницата. Мислам дека секој од нив заслужува по еден милион долари, само кога би можеле да ги погледнете нивните хумани дела низ целата нивна кариера. Токму поради овие факти јас сум сосема задоволна со својот успех и сосема задоволна и срекна што успеав да ја освојам титулата ТОП 50 и да бидам помеѓу нив, 50 избрани од илјадници апликации од 150 земји од светот.

OХРИД 24: Имавте едно огромно искуство и едно изненадувачки пријатно патешествие: од селска учителка да станете светска. Какво беше чувството и како сега се чувствувате година дена после?

Весела 20

– Навистина, стекнав огромно искуство кое пред сè ми отвори многу теми за размислување и анализи и ме натера да размислувам малку поинаку од моето досегашно размислување околу вредностите на ентузијазмот. Мислам дека оваа година пораснав многу години во поглед на резонирање на многу моменти. Јас и по една година и после 13 години работа сè уште сум селска учителка во туѓа општина затоа што општина Битола не слушнала за мене или пак можеби, подготвува изненадување за мене за коe јас, сè уште не знам. Но во овој контекст, не сум важна јас, има колеги кои од Битола патуваат и подалеку и повеќе години од мене, па нашата општина не води сметка за нивно превземање, туку се занимава со штотуку дипломирани студенти и ова трае над 15 години во континуитет. Ова значи дека се нема развиен осет за грижа за граѓаните ниту за акумулирање на квалиетот. Затоа и не треба да е чудно што нашите професионаци од сите струки ја напуштаат Битола и заминуваат барем во Скопје каде се цени нивната професионалност и соодветно се користи. Битола е град во изумирање токму поради овој однос.

OХРИД 24: Финалето заврши, а Весе Весела Богдановиќ е со својата мисија и со новиот статус на Амбасадор Едукатор? Како финалист на тој натпревар, Варки фондацијата која го организира ви додели статус на Амбасадор – Едукатор. Што тоа значи и како и каде го спроведувате?

Весела 11

– Со тој статус јас имам нови обврски кои бараат од мене континуирана соработка со тимот за работа на проект за издигање на достоинствето на наставничката професија во светот и поттикнување на креативноста и иновативноста кај наставниците. Ние, во таа програма, според видувањата на светската организација сме личности кои имаат моќ да делуваат глобално и локално на ова поле. Во неа влез обезбедивме 38 ТОП 50 едукатори од светот. Но тука ќе спомнам и што е иронично. Моите колеги амбасадори реално имаат моќ за делување на околината затоа што со својот личен пример и кога молчат покажуваат пример на професионалци кои добиле бенефиции во рамки на својата земја и напредувале после години труд и докажување во својата професија. Во тоа не влегуваат промоциите на ТВ, присуство по медиуми и слично, зборувам за сериозен професионален напредок, а не за медиумска кариера. Јас во моментов за голем дел од моите колеги сум пример кој демотивира од причина што ниту нив не им значи медиумска слава како ни мене, а друго како придобивка и не гледаат за реално изводливо.

Злобните се ситат со фактот дека јас сум сè уште селска учителка, а добронамерните, трудољубивите и креативните ме советуваат да престанам да се посветувам толку на професијата туку да си одберам друго хоби и разонода во животот затоа што тие со време сфатиле дека не се исплќа да се вложуваш себе си во оваа професија. Заедничко и за едните и за другите е што сега имаат заедничка преокупација и 24 часовно полно работно време, како да се покријат со докумнетација за пред инспекции и тоа супер им оди. Денес со компјутери и интернет барем тоа е како шега, тоа е поле на кое заеднички сполотено делуваат и јас можам само да учам од нив, а не да мудрувам со креативност и ентузијазам бидејќи и мене подеднакво ми се потребни три сертификати, награди од натпревари и добри оценки на екстерно за да опстанам во оваа професија. Ете колку јас можам да придонесам и при планирањата и при разговорите и акциите во улога на амбасадор во светската организација.

Од друга страна имам многу придобивки. На пример, сега сите покани за било каква вклученост во светски акции ми стигаат директно на мејл, дури и пред да стигнат во државните институции. Тоа ми дава предност за соработки и вклучување независно од никој.

OХРИД 24: Работејќи на ова се сретнавте со многу видни и познати личности и од светот и од Македонија. Каква е нивната поддршка за вашите активности?

Весела 17

– Па, не се работи баш за подршка, таа некако е веќе придружна. Секојденевно ми се случуваат понуди кои навистина годат и даваат можности. Прво тука ке ја истакнам Асоцијацијата за образовни и културни иницијативи “Чекор по чекор”- Македонија и УСАИД. Тие се со мене и ги поодржуваат моите активности од секогаш, сите изминати години. Не само што сум дел од нивниот тим, ментор на групи за професионален развој, обучувач за наставници, туку и ми овозможуваат присуство на светски и регионални настани за вмрежување наставници, конференции за размена на искуства за програма призната на светско ниво и со долгогодишна тардиција низ светот – Чекор по чекор. Се почитуваат и споделуваат мои идеи во секое време од нивна страна. Во овој случај не се чекаше мое светско признание за да станам дел од нивниот тим и тоа е за почит и пример.
Соседна Србија во овој миг ми овозможи акредитирани трибини во пет градови од Србија, а Центарот за унапредување на образованието ми испраќа редовни понуди за соработка.

Весела 23

Што се однесува до соседните земји веќе 5 години имам континуирана сорботка од која сум многу задоволна. На локално и државно ниво, голем број невладини организации секојдневно ми нудат соработка во поглед на работа на проекти за унапредување на обрзованието и во овој миг можам да кажам дека неформалното образование сериозно се занимава со барање реални решенија за низа реални проблеми во поглед на услови за работа и сестран развој на децата. Тие истите имаат способност реално да проценат потреби и неопходност од ангажирање кавлитетни соработници, што е знак за вистински професионлизам. Сè помалку се ангажираат роднини и деца на пријатели со никакви квалитети што е знак за добра насока, барем таму.

OХРИД 24: Секојдневно на вашиот профил се забележуваат новини од секој нов час. Се навикнавте ли на ваква работа? Користите ли нешто што другите учители не го знаат или не го прават? Во што сте различна, а во што иста со другите?

Весела 4

– Различна сум само во тоа што упорно се трудам да не го изгубам својот личен стил. Без разлика дали некој зборува дека учењето низ игра е смешка, јас сум таа што сум сум, а со новите програми и насоки сите мора барем по малку да си играат во своите училници. Од друга страна никогаш не велам дека секој мора да биде како мене. Напротив, секој треба да има свој личен стил, да развива и негува своја љубов, своја методологија. Затоа и секогаш се цени различноста, но пред сè упорноста во докажување на својата идеја и визија. Јас успеав да си докажам дека може да се игра и со деца поголеми од прво одделение и упорно работам на тоа што ми прави задоволство.

Работев 10 години само во прво одделение, не по мој избор, такво е моето работно место, но често се зборуваше колку мене ми е лесно да си играм со првачиња, затоа што одделенските наставници во тоа време не работеа со прво одделение за да им биде „лесно“ и ним. Сега еве последниве години сите имаат прилика да си играат со нив и не им се гледа многу лесно да си играш, а јас сега успешно си играм со вторачиња, третачиња…. Пред една недела овозможено од страна на почитуваната директорка Ивана Божиновска Витанска од ОУ „Христо Узунов“ од Кичево, си „играв“ двојазична работилница со деца од петто до деветто одделение, од три државни учлишта, како специјален нивен гостин за време на активности од проектот „Градиме мостови“. И во оваа прилика сакам да истанам колку ѝ се восхитувам на почитуванаta директорка затоа што е пример на директор, менаџер кој знае да процени потреба и да спровде акција за тимска соработка на наставници од секаде – за образовни цели и за доброто на своето училиште.

OХРИД 24: Соработуваат ли другите наставнички со вас? Бараат ли да им посочите нешто поинакво и да го реализираат со нивните ученици, или ве покануваат и вас да сработите заеднички часови?

Весела 6

– Соработувам со огромен број на колеги. Тоа се сите креативци и успешни професиналци во оваа професија. Учиме едни од други, едни со други. Во моментов имам огромен број на покани за соработка; посети и заеднички работилници што нема услови сето тоа да го изведам поради редовните часови. Споделувам сè што имам, сите свои идеи на моите веб страни и преку социјалните мрежи. Често во последно време и се запршаувам колку е тоа паметно. Има голем дел од колеги кои не почитуваат авторски идеи па без ниту едно благодарам копираат идеи и ги споделуваат како свои со мали измени во шаренилото. Се случуваат и, можам да кажам-глобални промени за кои сум сигурна дека сум „виновна“ или да кажам заслужна, без ниту да се спомне моето име како извор и носител. Секој бара начини како да искористи нешто. Порано идејата беше да споделуваме сите за унапредување на квалитетот на наставата, но сега кога едни издаваат прирачници (има мали искучоци кои ги почитувам и вредат), заработуваат преку веб страни, обуки за наставници, игротеки за деца, не знам колку е вака паметно што сè оставам достапно, макар како поттик и идеја. Во таа насока, во последно време работам на заштита на авторските права и голем дел од идеите веќе не се достапни јавно, но за тоа не сум виновна јас, туку сè околу мене.

OХРИД 24: Каква е соработката со родителите и колку тие се вклучени на часовите кои ги подготвувате и реализирате?

Весела 5

– Родителите на моите дечиња и на претходните генерации се родители за пример и почит. Се грижат за своите деца, посветуваат внимание, не се оправдуваат дека имаат работа, а имаат многу работа. Секогаш се тука за мене и за своите деца. Редовно комуницираме преку наша група на Facebook која е затворена за јавноста и секогаш се тука за време на работилници. На пример: ако нивните дечиња на час со мене пишувале интерактивни приказни со примена на ИКТ, тие тоа го повторуваат и дома, им овозможуваат на своите деца да се во тек со сè , дури и кога ни сами не го правеле тоа, сега се трудат да научат за своите деца. Само толку имам да кажам. Секоја чест за нив, 13 години ваква соработка со толку генерации…Тоа ме прави посебно задоволна.
Од друга страна имам огромен број на родители кои не сум ги ни запознала, а ми се обратиле за помош. Родители од секаде. Помагам колку што можам со насоки, идеи, конкретни свои активности како пример. Посебно е интересна соработката со родители, наши иселеници кои редовно бараат помош и идеи за работа со своите деца. Мислам дека соработката со родителите во оваа земја и нивното внимание и доверба ми се најголемото признание што сум можела да го добијам во својата учителска кариера.

ОХРИД 24: Кои моменти од часовите, поточно која работилница ви остави најсилен впечаток од вашата работа со учениците?

Весела 12

– Сите работилници си имаат свои убави страни. Моите дечиња најмногу сакаат да истражуваат со природни материјали, но ја сакаат и креативната работа. Сега од второ одделение, па и сега, посебно ги интересира пишувањето нивни авторски приказни со случки на замислени ликови во нереални замислени светови. Тоа, впрочем, го работиме од прво одделение како усно творештво и преку слободни драмски интерпретации, често интегрирано со математика и наука со што приказните и фантазијата ни се склоп на секојневието во кое функционираме. Најинтересно и најпродуктивно е кога се прави интеграција на часовите преку дневна тема. Не го сакам училишното ѕвонче, а ниту ним не им значи нешто затоа што претежно сме внесени во тоа што го работиме и не сакам кога работата треба да се прекине поради некој шаблон на работа по ѕвонче или гледање на часови за предвидено време.

Децата се непресушен извор, ако видат дека се почитува нивното мислење и нивните идеи, а тоа не се прекинува поради поминатите 5 предвидени минути за воведен разговор во услови на одделенска настава каде работи еден наставник. Тој може да си планира флексибилен работен ден, сè додека води сметка за целосна реализција на целите на денот. За овој начин на креативно креирање на денот бев обучена за време на факултетските студии и моите први години работа кога светскиот бренд за образование „Step By Step“ беше програма и методологија која се бараше и работеше како совршен модел во предучилишното и основното образование на државно ниво. Ја согледав користа и придобивките и оттогаш секогаш се обидувам да работам на тој начин, иако сега инспекциите бараат прецизно почитување на распоредот и ѕвончето, а особено бројот на час запишан во годишната програма од август, што е апсурдно и се коси со можноста за почитување на принципот на актуелизација, а и оневозможува креативно и иновативно работење и следење на потребите на децата.

Тоа одење по број на час е мелем за душа на мрзливите наставници кои не сакаат да се замараат со програмата секој ден, а ѕвончето едвај го чекаат со душа за да почне следниот час и денот да мине војнички прецизно, иако сега и креативните мораат да работаат така за да избегнат казни. Тоа не е нешто што светот го цени, ниту позитивно оценува ниту промовира кај себе како пример. Мојот успех надвор и за време на изборот на Global Teacher Prize и за изборот на Microsoft Тeacher Еxpert на Македонија пред 2 години се должи токму на тоа што надвор прикажувам свои примери на интеграции и флескибилен работен ден со огромно вложување на едукаторот во креација на темите и вклопување на целите во еден непрекинат и забавен тек. Тоа е воедно и она што учениците најмногу го сакаат.

OХРИД 24: Кои прашања најчесто ги добивате во текот на работилниците ?

– Моите ученици се навикнати да прашуваат постојано. На тој начин сме стекнале навика за истражувачки пристап во секој миг. Знаеме дека информација може да се добие на повеќе начини, од други лица, преку интернет и енциклопедии. Оттаму секогаш излегуваат низа дополнителни прашања.

OХРИД 24: Колку самите ученици од вашето училиште, значи, вашите ученици, колку тие се зависни од вакви часови ? Можат ли еден ден да издржат без вас?

Весела 13

– Соработувам со сите ученици од училиштето, и мали и сега големи, мои бивши ученици, Секогаш кога им треба идеја и планираат креативна и истражувачка работа, тие се сите тука во мојата училница. Често правиме заеднички работилници, а поголемите ги ставам во улога на ментори. Секогаш прашуват што следно би работеле заедно и кога. Токму поради ова мојата училница е секогаш отклучена за сите, а сите се грижат за неа затоа што е наша, заедничка. Интерсно е кога некогаш ме нема од оправдани причини. Моите ученици претходно се договаарт со мене што треба да работаат. Следниот ден и навистина сериозно и самите ги следат инструкциите и работаат како да сум таму со нив, а плус и ме изненадуваат со по некој цртеж или нова идеја за следна интересна активност кога ќе се вратам.

OХРИД 24: Раскажете ни накусо една-две анегдоти во кои сте се воодушевиле од интееракцијата на учесниците, од нивната инвентивностост и креативност и што според вас е причина или темел за нивна креативност и инвентивност!

– Секојдневно ме изненадуваат со своите идеи. Во последно време сега во трето одделение си мислам дека ниту можам да се наречам автор на моите идеи и часови. Еве зошто: јас секогаш штом добијам некоја интересна почетна идеја за време на некој пауза, ја споделувам со нив како со колеги соработници, да речам, гласно размислувам за неа и како да ја планирам понатаму во детали. Тие толку лесно се внесуваат и толку се темелни што за миг добивам од нив низа идеи и поубави од моите и работи за кои јас не сум се сетила. Замислете ги онака сите околу мене и сите возбудени да кажат по некоја идеја, само ова да се реализира што поскоро.

Кога ќе направиме некое ново наставно средство за математика, на пример, тие дополнително знаат да смислат барем уште неколку негови примени и да ми го покажат тоа точно и прецизно. Пред некој ден со нив кусо си зборував за идејата за изработка на песочни часовници за часовите по вежби за брзо читање и онака без план, со само една идеја, од нив лично добив какви ли не идеи и примени. Дури и следниот ден половината од нив истражувале дома сами и со родителите па така знаеја што е изводливо, а на што не треба да губиме време. И тука нема одлагање. Она што се спомнало макар за миг за нив е како сериозно ветување и мора да се изведе. Но тоа мора само да се види за да се разбере. На пример, еднаш им ветив дека како вежба за читање ќе подготвам игра низ дворот со барање на скриено богатство, но поминуваше подолг период и јас никако не успевав да смислам како тоа може реално да го изведам, и јас имам периоди кога креативноста ми е некако во некој сон, но тие толку ме потсетуваа на тоа ветување и толку самите често сакаа да зборуваме и ми даваа свои идеи што на крај седнав сериозно и подготвив замена, трагање по богаство на стара мапа со читање на пишани инструкции и со тоа си го исполнав ветувањето на ниво кое ќе ги направи среќни.

Завчера учевме за магнет и за таа цел ја повикав како гостинка колешката Весна, наставник по физика. Сакам да соработувам и да барам помош од моите колеги. Таа на часот на дечињата им донесе дрвена кутија, цел сет за проучување на таа тема и децата цел час истражуваа со струготини и разни магнети. Штом таа замина знаете што ме замолија? Ме замолија и беа упорни да си направиме таква дрвена кутија и во неа да собереме материјали за истражување со магнети. Дури и смислуваа идеи како да пренамениме поинаква, макар картонска кутија за таква цел. И бидејки не верувам да заборават до понеделник, сигурно ќе мораме да си направиме и таква збирка, а јас како знам и умеам, ќе морам да си најдам различни магнети како од сетот кој е стар којзнае колку години, а сепак функионален да остави ваков впечаток. Затоа ви кажувам, секојдневно ме изненауваат и многу ме радуваат кога гледам дека дивергентното мислење е одлично развиено кај секој еден од нив.

OХРИД 24: Очигледно според сè она што работите и на што сте посветена 24/7,  знаеле и го согледале од Светската академија за учители. Тие тоа го наградија кај вас, ве мотивираа со самиот натпревар и со изборот во топ тимот на светски учители, но колку овде, колку во Македонија од надлежните го вреднуваат тоа и како? Бевте ли барем овде избрана меѓу петте најдобри учители на денот на Учителот, на 5 Октомври?

Весела 15

– За 5 Октомври, за Светскиот ден на Учителот не знам како се пријавувале и како се избирале. Јас, како избран светски финалист во натпреварот за Најучител, вреден еден милион долари сепак им честитам на колешките и колегите кои се на национално ниво наградени. Дел од нив искрено заслужуваат, ги познавам. Останатите не ги знам, но верувам дека и тие заслужуваат признание. Добро е, конечно некој да се сети и да го мотивира наставникот и неговиот труд. Секако, она што ме прашувате, можеле да се сетат и на мене и да ми дадат барем една благодарница за она што како промоција го правам за државата Македонија. Јас сум избрана меѓу илјадници апликанти од преку 150 земји во севтот. Тоа не е мала работа, ниту мала чест ни за мене, а ни мала чест за Македонија. Но, ете, веќе ништо не ме изненадува. Уште еднаш им упатувам честитики на сите заслужно наградени и посакувам и апелирам вредните и креативни наставници што почесто и повеќе да се мотивираат, пред сè, поради целите кои ги поставуваат и остваруваат во интерес на учениците, во интерес на квалитетно образование и квалитетно македонско општество и квалитетнои современо општествено живеење.

OХРИД 24: Учителке, вие сте единствената селска учителка со светски глас. Согледувајќи ги и сите овие аспекти на твоето работење и на вашиот третман како селска учителка од страна на МОН и БРО, а од страна на Светската академија како една од најдобрите светски учителки, чувствувате ли некаков гнев на онеправданост, на неможност вашите идеи и вашите методи да ги искажете во училиште со побројна паралелка каде со уште побројни идеи и со посилна интеракција ќе бидете уште посилна и поуспешна и на задоволство на многу повеќе ученици?

Весела 18

– Не, не чувствувам гнев, затоа што не работам во град. Тоа е повеќе, да речам, обесправеност, и тоа не е од сега и поради некоја награда, туку во редовна процедура како граѓанин на Битола кој 13 години работи во туѓа општина. Ако се сеќавате, а сигурно се сеќавате на далечното минато, по извесни години во село по ред, колегите се повлекуваа во град. Сега тоа не се важи повеќе, затоа што мојата општина во која, за несреќа, живеам, нема чувство да си го згрижува и користи за свои придобивки квалитетот на своите граѓани. Повеќе ситуацијата би рекла дека е иронична, за да може човек да се чувствува гневен.

OХРИД 24: На крај едно футуристичко прашање: каде се гледате себеси за следните 10 години на професионален план и каде го гледате македонското образование после исто толку години?

Весела 9

– Навистина, не знам каде се гледам. Доколку учителската професија не си ја врати вредноста и достоинството, додека не ми останува време за креативни часови, зашто сето време е за пишување „папирологии“ со закани од казни; додека некој ми влегува на час да запише казна, ако бројката на часот не ми се поклопува со мојата бројка-фантазија што сум ја запишала во годишната програма од август; додека некој ми бара пресметани 30 % ИКТ- божем светско чудо е ИКТ…итн., ете, дотогаш, веројатно, во иднина, одвај се гледам во оваа професија, како и скоро секој оној што го познавам.

А моите потреби за креативна едукативна работа можам и онака лесно да си ги задоволувам и преку хуманитарна работа и во соработка со невладини организации и на тој начин да оставам нешто зад себе. Македонското образование е многу збунето во моментов. Ми наликува на мало дете кое трчка на сите страни каде ќе му се покаже лижавче. Му треба сериозно работење на себе, не со наставниците, туку темелна работа внатре, најпрвин. Грешките кои се прават низ минативе 15 години и повеќе, одат само во длабочина како во жива песок. Треба серионо да се запре, да се помине време во тишина, да слегне сè, да слегнат сите мисли… Потоа Македонија треба да си ги искористи своите внатрешни капацитети кои ги има и да седне да си направи своја брендирана програма. Да заврши еднаш потценувачкиот однос кон нашите можности и да почне градење на национална образовна историја која ќе биде препознатлива во иднина. Ова е долга тема, не се опишува во еден разговор.

OХРИД 24: Кога по некоја случајност би се нашлe на местото на министер за образование, што прво би променилe во односот кон наставниците и во односот кон иднината на учениците?

Весела 14

– Јас сум присутна насекаде и гледам жална и страшна слика. Мотивираните наставници се крајно демотивирани, а мрзливите имаат супер почва за опстанок и оправдување за своето неработење. Заедничко им е што и двете страни се доволно заинаетени на сè, па дури на пример и да им подариш нешто во моментов и тоа да е корисно за нив, веќе не се во состојба ни да го прифатат со почит и радост, туку радо би да заземат одбранбен став за секој случај, за сè, зашто во сè гледаат замка.
Додека ова не се надмине, ништо нема да биде добро и никој нема да моќен да направи добри промени. Тоа е како да навикнеш мало дете на ќотек и потоа тоа дете си знае дека може глупости да прави, а ќотекот како навика ќе си го истрпи кога и онака се навикнал.
Не е веќе проблем да се пишуват и копираат подготовки, да се прикаже добар театар за време на посета на час…да се вежба цела година прашања за екстерно, наместо креативна реализација на содржини… Проблем за наставниците и ќе нема за скоро, благодарение на технологијата и соработката меѓу нив… Проблем ќе имаат нашите деца, зашто учителките веќе немаат време да им посветуваат внимание, освен чисто формално. Додека не заврши оваа тивка војна на инаетење на двете страни, државата од една и просветниот кадар од друга страна, кога секој покажува ум и моќ, кој со сила и со казни, кој со манипулација; кога неспособните напредуваат и се унапредуваат, а докажаните не можат да се доначудат на таа пародија, ете дотогаш ништо нема да се смени, ни сам Бог да стане министер.

ОХРИД 24                                                                                                                               Дим Дон

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk