Во уличното осветлување во Охрид ИЦС Системи вложи 3,5 милиони евра

Фирмата ИЦС Системи од Чешката република вложила 3,5 милиони евра за целокупното улично осветлување во Охрид: поставени се 7872 улични светилки, 105 рефлектори за културно-историските споменици, како и 461 фенер во стариот дел на градот.

осветлување 4

Според градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, замената на старите светилки со нови ЛЕД светла е круцијален проект на Општина Охрид.

осветлување 2

„Овој сегмент претставува еден од круцијалните проекти на Општина Охрид. Се работи за еден систем кој вклучува замена на 7 627 постоечки сијалици, додатно монтирање на 461 автентичен фенер во стариот дел на градот. Потоа, 103 рефлектори на значајните културно историски споменици и обележја во градот и дополнителни педесеттина подни светилки на значајните споменици во градот, како и дополнителни нови 620 улични светилки, којшто во иднина ќе се инсталираат во градот. Јас сум навистина горд на реализацијата на овој голем проект, којшто на почеток кога ја поставивме идејата за реализација на проектот многу малку или ретко кој веруваше дека ваквиот комплексен проект ќе биде реализиран, но ете после една обемна подготовка или после период од две години, интензивно работење на сите потребни фактори, успеавме да го реализираме“, посочи градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.

За директорот на чешката компанија Либор Сладки, уникатноста на инвестицијата е во тоа што се замени осветлувањето на целата територија на општина Охрид.

осветлување 5

„Проектот претставува еден главен фундамент во осветлувањето на градот. Станува забор за доста штедливи светилки кои заштедуваат речиси 80% од електричната енергија. Исто така тие не влијаат штетно врз животната средина“, рече Сладки.

Чешкиот амбасадор во Македонија Мирослав Рамеш, истакна дека ваквиот проект е придонес за соработката меѓу Македонија и Чешка.

осветлување 3

„Ваквиот проект е добар импулс за соработка помеѓу Чешка и Македонија. Минатата недела отворив една изложба за Чешки споменици кои се под заштита на УНЕСКО, а вашиот град е прекрасен при што мене ми е особено драго што заслужи да биде осветлен. Охрид заслужи да добие нешто специјално. Веќе во месец јуни планираме да одржиме бизнис форум во Охрид , со цел други прептриемачи да дојдат во градот и да го видат и да се воспостави нова соработка“, истакна чешкиот амбасадор.

осветлување 1

ИЦС Системи во мај минатата година склучи договор со Општина Охрид за 15-годишно управувавање со системот на улично осветлување во Охрид.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk