Двајца браќа, талентирани музичари од Косел – први во Македонија!

Семејството Наумоски ја покажува својата гордост, а браќата Петар и Габриел го продолжуваат патот на успехот и кон повисоки цели – да бидат уште подобри и попознати во светот на музиката.

Петар Наумоски и неговиот постар брат Габриел Наумоски од Косел, оваа година ги освоија првите општински, првите регионални и првите државни награди на натпреварот по виолина.

Петар и Габриел 1

Секој во својата класа, во конкуренција од триесетина млади музички таленти од цела Македонија, коселчаните Габриел и Петар со одлична изведба на избраните композиции, (ментор: Елица Рашкова, ОМУ „Методи Патче“ Охрид), ги воодушевија музичките експерти во Скопје, членовите на жирито на Државниот натпревар.

Петар и Габриел

ОХРИД 24 и другпат пишувал и го промовирал надарениот Габриел, но овојпат, приказната ќе ја започнеме со Петар, со помалиот брат.

Неговиот пат до успехот е од пред три години кога и започна со учење на музичките акорди на виолината. Во сушност, тој свири на првата виолина од братот Габриел, кој, пак, од година во година, од концерт во концерт станува веќе сериозен музичар и континуиранио наградуван, како од публиката, така и од стручните жирија.

Но, како малиот Петар ја доживеа оваа награда, за која вели дека и потајно ја очекувал?

Петар и Габриел 9

„Се чувствувам многу среќен, бидејќи и очекував да бидам награден. Се радував, но најмногу се радуваа моите родители, особено татко ми кој ми донесе една голема торта за да прославиме за наградата и да ги почестиме и другите гости кои ни честитаа. На училиште кога дојдов следниот ден  ги почестив сите другарчиња со чоколатчиња, а ми честитаа сите и ракава ме заболе од честитање“.

Така искрено и детски вели Петар кој уште додава дека прво започнал со клавир, ама некако му се видело потешко и…

„Почнав со клавир, ама нешто како да ми беше потешко и некои работи не можев да ги запамтам во почетокот. Затоа и по некое време се префрлив на виолина. Виолината е и поубава и полесна за вежбање“.

Го прашавме Петар и за тоа зошто мисли дека е добро да се научи некој инструмент, особено виолината и, еве го одговорот:

Петар Наумоски

„Добро е да се свири, зашто си го правиш она што си сакаш, што ти е желба, а и добро е затоа што можеш кога ќе пораснеш, да заработуваш од виолината“.

Го потсетувам: и да бидеш славен? Да, вели, за  да биде славен! Прво како брат му, а подоцна и двајцата многу повеќе.

А брат му Габриел, кој свири веќе седум години ги освоил сите можни награди за негова возраст во Македонија и со уште поголема посветеност продолжува со својата нова виолина да ја освојува публиката.

За неговите почетоци, Габриел се потсетува и раскажува за ОХРИД 24:

Петар и Габриел 8

„Мојата љубов за виолина и за музика започна од пред седум години. Моите родители се занимаваа со танцова музика и оттука и мене некако ме привлече музиката, а виолината мислам дека  е најубавиот инструмент. Ме запишаа на музичкото училиште и веќе сум таму седум години. Имам освоено досега три општински, две регионални и три државни први награди“.

Клучот на успешната музичка приказна на двајцата браќа Наумоски, двајцата ученици во подрачното училиште во Косел, велат, лежи во нивната посветеност, како на часовите на училиштето во Косел, така и на часовите по виолина.

Петар и Габриел 6

„За да успееш како виолинист, потребно е многу труд и работа, многу посветеност. А во тоа многу помагаат и родителите“, нагласува Габриел.

Родителите Јулијано и Валентина Наумоски, навистина се посветени на талентот на своите надарни деца и инвестираат и се грижат колку што е потребно и колку што им налагаат можностите.

Успехот на нивните деца-музички државни прваци на Македонија е нивна голема радост и голема гордост.

Петар и Габриел 7

„Вреди да се работи на талентот на своите деца, онака како што и работиме на училиште со учениците, истото продолжува и дома и во соработка со менторите на Петар и Габриел, професорките Елица Рашкова и Ирена Веруш од ОМУ „Методи Патче“. А штом се работи и резултатите се тука. Радоста од тоа и гордоста се навистина искрени, родителски и големи, вели мајката Валентина, која инаку работи како одделенски наставник во ОУ „Ванчо Николески“ во Косел.

Семејството Наумоски ја покажува својата гордост, а браќата Петар и Габриел го продолжуваат патот на успехот и кон повисоки цели – да бидат уште подобри и попознати во светот на музиката.

Петар и Габриел 2

ОХРИД 24 и со оваа приказна ги поддржува младите охридски таленти, посакувајќи им ѕвездени врвови. Нека биде така!

ОХРИД 24                                                                                                                            Дим Дон

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk