МЕПСО ја модернизираше опремата во трансформаторската станица Струга

„Ревитализацијата на високонапонска опрема во трафостаницата „Струга“ е дел од тековните активности за модернизација на постројките од преносната мрежа“, информираат од државната компанија.

МЕПСО изврши ревитализација на високонапонска опрема во 110/x kV трансформаторска станица „Струга“ и со тоа го зголеми нивото на доверливост и сигурност во снабдување со квалитетна електрична енергија во струшкиот регион за претстојната зимска сезона.

Стручните лица од МЕПСО во период од 18 септември до 12 октомври извршија промени на прекинувачи кои беа во експлоатација триесетина година. Монтирани се два нови прекинувачи со што е зголемена доверливоста во на електропреносниот систем и со тоа за претстојната грејна сезона е сведен на минимум ризикот од испади и дефекти. Воедно беа заменети со нови и шест мерни напонски трансформатори во постројката, а извршени се и градежни работи во полињата каде е поставена примарната опрема.

„Во процесот на ревитализација на опремата во оваа трафостаница МЕПСО вложи околу 100.000 евра. Ревитализацијата на високонапонска опрема во трафостаницата „Струга“ е дел од тековните активности за модернизација на постројките од преносната мрежа“, информираат од државната компанија.

За овој процес МЕПСО лани во октомври набави високонапонска опрема во вредност од 1,87 милиони евра што е дел од заемот од Европската банка за обнова и развој. Во југозападниот дел на земјава, во рамки на своите приоритети, стручните тимови на МЕПСО се ангажирани и на ревитализација во трансформаторска станица „Сопотница“ во близина на Демир Хисар и во трансформаторската станица „Битола 1“, процес што е планирано да заврши до 10 ноември, годинава.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk