Репортажа од Лесковац: Ај да прајме ајвар да те видам!

Овие денови низ цела Србија се одржуваат масовни натпревари и победниците ќе бидат во финалето кое е закажано за 14 октомври во Сокобања, каде ќе се избере Кралот на ајварот.

Зима без ајвар не бива. Тоа ти е како да си без леб. Ете затоа насекаде се запалени ќумбињата и чадат ли чадат. Мирисот на пиперките ни влегува насекаде и по куќите и дворовите и по зградите и по становите. Но и на плоштадите. Таму може да се излезе на мегдан во натпревар за најдобар ајвар. Е, па, ајде, ако смееш, ај да прајме ајвар, да те видам.

ајваријада 2

„Изаѓи ми на теглу“, што би рекле Србите. Е, токму така, со ваков назив, северните ни соседи, деновиве ја одржуваат нивната ајваријада во повеќе градови низ земјата. Еден од градовите беше и Лесковац. Ние од ОХРИД 24, сосема случајно ги затекнавме среде оваа ајвар-акција. Веќе четврта година го избираат најдобриот мајстор или т.н. Крал на ајварот, чиј рецепт ќе биде национален бренд на српски ајвар за следните години.

ајваријада 6

Секако, „Кралот“ ќе биде и парично награден, а како прва награда ќе добие и специјален шопрет на дрва од фабриката „Смедеревац“.

ајваријада 4

Затоа борбата за правење ајвар во Србија е голема и масовна. Се пријавуваат илјадници натпреварувачи, а стотина од нив се избрани да дојдат на мегдан на еден од плоштадите и да испечат пиперки, да излупат, да сомелат и да го испечат ајварот. Нормално , сите под исти услови, но со свој марифет.

Организаторот се погрижил за сѐ: и за пиперките, и за ќумбињата, и за дрвата и за масло, шеќер , сол…па и за скутничиња , за штандови и за музика . Секако и за камери кои ќе го снимаат во живо и ќе го прикажат најдоброто.

ОХРИД 24 на минување низ Лесковац забележа дел од оваа манифестација и поразговара со учесниците и со организаторите.

Младата дама Лилјана Вукотиќ е главниот менаџер на манифестацијата и таа ни ја откри целта и ефектите од оваа ајваријада со предизвикувачки назив:„Изаџи ми на теглу“, или во слободен превод:„Ајде да прајме ајвар, да те видам“!

ајваријада 1

„Целта на манифестацијата е да се види која куќа во Лесковац и во Србија прави најдобар ајвар“, вели Вукотиќ.

Овие денови низ цела Србија се одржуваат масовни натпревари и победниците ќе бидат во финалето кое е закажано за 14 октомври во Сокобања, каде ќе се избере Кралот на ајварот.

„Овде учествуваат сите што се мајстори за правење на ајвар и мажи и жени со својата вештина и умешност се трудат да бидат најдобри меѓу најдобрите. Имаат исти услови и се им е обезбедено. Од нив и од нивната умешност ќе зависи и нивниот резџултат. А наградите се наша работа“, додава менаџерката Лилјана.

А меѓу учесниците имаше од сите генерации и стари и млади и од градот и од селата и од Србија , но и од Македонија. Дваесетина екипи од по 6,7, па и 10 члена кои ги користат своите или бабините рецепти за вкусен ајвар.

Организаторот им подготви и културно-уметничка програма за подобра инспирација и реализација на „кралскиот ајвар“.

Оваа година по оценка на жирито најдобра екипа се избрани младите момци и девојки под името „Гимназијалци“. Тие ја научиле најдобро бабината тајна на ајварот и ете ги постанаа најдобри, а нивниот мајстор Растко Стаменковиќ е избран за „Крал на ајварот“ во Лесковац. Него и неговата екипа ќе ги чека Сокобања каде заедно со финалистите од сите градови по Србија ќе готват нов кралски ајвар.
Ние можеме да се восхитуваме на ајвар-атмосферата во Србија, а истовремено, со оваа вест и да поттикнеме нешто слично и во нашата Македонија. Барем пиперки за ајвар имаме, ако не насекаде, ама барем по Струмица, Неготино, Штип, Радовиш, Кочани….

ајваријада 5

Словенците нѐ надмудрија во брендот ајвар, а нам ни остана да го викаме ајвер, но пиперките и мајсторијата, марифетот за одличен и вкусен македонски ајвар не може да ни го одземат со лиценца,зашто за тоа е потребна македонска умешност. Ни фали само добра организација на манифестација која би ја крстиле „Ајваријада Македонија“!

Дотогаш, да ги запалиме ќумбињата и да вежбаме „Ајвар на Мегдан“. Со соседите, со роднините и со пријателите. За убава и топла зима. Зачинета според наш традиционален македонски вкус. На здравје, ајвар!

ОХРИД 24                                                                                                                              Дим Дон

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk