ДУИ не донесе одлука за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ

„Од последните состаноци, едногласно одлучивме дека таа дебата не може да биде денес исцрпена, за која било од петте опции и остануваат сите опции отворени“, изјави Османи.

Албанската победничка партија на последните парламентарни избори, Демократска унија за интеграција, од која се очекуваше одлука дали ќе коалицира со стариот партнер македонскиот победник на изборите ВМРО-ДПМНЕ, по три дена дебата едногласно одлучи дека дебатата за опциите кои се ставени на маса треба да продолжи и не донесе конечна одлука со кого ќе коалицира.

Османи

Како што изјави во недела вечер портпаролот на партијата, Бујар Османи, тие не донеле одлука за ни една од опциите кои биле ставени на маса, а не исклучиле ни една можност.

„Не донесовме одлука во однос на било која од опциите кои беа на маса, без исклучувања на ниедна, досега немаше доволно аргументи за конечна одлука. ДУИ започна сеопфатен процес на консултации, во партијата, со нашите членови, пријатели во меѓународната заедница и имавме сеопфатна дебата за петте предлози кои беа на маса. Од последните состаноци, едногласно одлучивме дека таа дебата не може да биде денес исцрпена, за која било од петте опции и остануваат сите опции отворени“, изјави Османи.

Според него, тие се воделе според тоа да донесат одлука во интерес на Албанците и за тоа им треба уште време.

На новинарско прашање дали ова значи дека Никола Груевски нема да може да состави влада, Османи не сакаше да коментира.

„Нема да коментирам проекции и претпоставки, наша задача беше да донесеме одлука, да ги поставиме сите опции на маса. Не можеме засега ќе продолжиме и понатаму во наредните денови. ДУИ денеска не донесе одлука во однос на било која од опциите кои беа на маса, без исклучувања на ниедна, досега немаше доволно опции“, додаде Османи.

Според него, разговорите во ДУИ ќе продолжат од утре. Вечерва на полноќ истекува рокот за мандатарот Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да формира влада.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk