Во Македонија и во ЕУ сè уште постои родов јаз

Евростат објави фрапантен податок што покажува дека недоволниот број жени на раководни позиции и разликите во платата во однос на мажите за иста работна позиција е проблем и за многу поразвиени држави од Македонија. Мажите заработуваат повеќе од жените во секоја земја – членка на ЕУ, покажуваат податоците на Евростат.

Меѓународниот ден на жената ги раздвижи статистичките служби. И Евростат и Државниот завод за статистика излегоа со нови податоци за родовата застапеност во економските текови, пишува Лидер.

Евростат објави фрапантен податок што покажува дека недоволниот број жени на раководни позиции и разликите во платата во однос на мажите за иста работна позиција е проблем и за многу поразвиени држави од Македонија. Мажите заработуваат повеќе од жените во секоја земја – членка на ЕУ, покажуваат податоците на Евростат.

Секој трет менаџер во ЕУ е жена

Европската статистичка служба пресмета дека во Унијата секој трет менаџер (1 од 3) е жена. За иста работа заработуваат и до една четвртина помалку од мажите.

Анализата покажува дека на менаџерски позиции во Унијата се 7,3 милиони луѓе (пресметката е за фирми со 10 и повеќе вработени). Од нив, 65% или 4,7 милиони луѓе се мажи, а само 2,6 милиони или 35% се жени, иако бројот на вработени жени и мажи е речиси еднаков.

Дополнително, жените на менаџерски позиции заработуваат 23,4% помалку пари од просекот кај мажите, што значи дека родовиот јаз е во голема мера присутен во Европската унија.

Мажите заработуваат повеќе во секоја земја – членка на ЕУ!

Најголем број жени на раководни позиции има во Латвија и ова е единствената земја во Унијата каде се тие мнозинство во менаџерските столчиња (53%). Следуваат Бугарија и Полска со 44% жени – менаџери, па Ирска со 43%, Естонија со 42%, Литванија, Унгарија и Романија со по 41% и Франција и Шведска со по 40%.

Најмалку жени на менаџерски позиции има во Германија, Италија и во Кипар со по 22%, следуваат Белгија и Австрија со 23%, Луксембург со 24%.

Кога се работи за разликите во платите, најмал е јазот во Романија, а најголем во Унгарија и во Италија – покажуваат податоците на Евростат. Сепак, во секоја земја – членка на ЕУ, мажите – менаџери заработуваат повеќе пари.

Јазот во Романија изнесува 5%, во Словенија 12,4%, Белгија 13,6%, а во Бугарија 15%. Жените – менаџери во Унгарија заработуваат и до 33,7% помалку од мажите, во Италија оваа разлика изнесува 33,5%, во Чешка 29,7%, Словачка 28,3%, Полска 27,7%, Австрија 26,9%, Германија 26,8%, Португалија 25,9%, Естонија 25,6%.

Каква е состојбата во Македонија?

Државниот завод за статистика на Македонија објави дека 49,9% од вкупното население се жени, а во просек живеат 3,9 години подолго од мажите.

Последните податоци на Заводот за активното население во земјава (заклучно со третиот квартал од 2016 година) покажуваат дека од 949.944 луѓе кои се водат како активно население, 370.397 се жени. Од нив, 285 илјади 357 се вработени, а 85 илјади 041 се невработени.

„Во мерките за вработување коишто ги спроведуваме се внимава најмалку 30% да бидат жени, иако овој процент во зависност од мерката и се надминува. Во периодот од 2007 до 2016 година, кај сите мерки и услуги за вработување имаме апликации од 51.651 жена, а од нив 22.544 се во работен однос. Учеството на жените во мерката самовработување е 35,8%, во мерката самовработување со кредитирање изнесува 33,3% и ова се показатели кои укажуваат дека претприемачкиот дух кај жената е на многу високо ниво“ – вели директорката на Центарот за вработување – Скопје, Слободанка Алексовска.

Сепак, се уште е недоволна застапеноста на жените на раководни позиции. Се проценува дека на менаџерски позиции се околу 12%.

„Познато ни е дека жените поретко од мажите преземаат бизнис – потфати, а уште помалку жени преземаат технолошко – интензивни деловни потфати коишто би резултирале со поголеми обрти и поголеми добивки. Согледуваме дека жената е малцинство во управувачките структури. Колку е нивото на управување повисоко, толку е помал бројот на жени“ – вели Валентина Дисоска од Здружението на бизнис – жени.

Кога се работи за застапеноста на жените во управните или во надзорните одбори, сè уште сме далеку од европскиот просек.

„Во Македонија во управни и во надзорни органи има во просек околу 19% жени, а целта е во Европа е до 2020 година да има околу 40% жени“ – вели Ленка Угриноска, претседателка на здружението на жени – менаџери „Елит“.

Главни проблеми со коишто се соочени жените се недостиг од финансии, немање доволно информации за водење и менаџирање, како и предизвикот да се усогласат обврските во семејството и работата.

„Треба да се разбијат стереотипите кои постојат за жените да одат напред и да се докажуваат со своите способности, да основаат свои компании и да бидат менаџери и управители“ – вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

Повисока свест во општеството и подигнување на корпоративната култура се само некои предуслови кои мора да се исполнат за во земјава да се постигне целосна родова рамноправност кога се во прашање економските текови.

„Сè уште постојат стереотипи и предрасуди при определба на професијата на жените кои се и пониско вреднувани. На пример, има предрасуди дека имотно – правните односи не ги добиваат подеднакво со браќата“ – вели Савка Тодорова од Националниот совет за родова рамноправност.

Жените на менаџерски позиции се најмногу присутни во финансискиот сектор, во образованието, агробизнисот, во текстилната индустрија, информатичко – комуникацискиот сектор, медицината.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk