Паско Кузман: Подземниот Охрид е сè уште една голема мистерија

„Целокупната денешна македонска цивилизација не му е дорасната на историјата на Охрид. Можеби и на други такви македонски градови, но сега зборуваме за Охрид, Охрид е пред сите, тој е на прво место“, вели Паско во разговорот за ОХРИД 24.

Со најпрочуениот македонски археолог и човекот кој го откопа и го стави на увид огромното археолошко богатство на Охрид и Македонија, разговараме за историското минато на античкиот Лихнид и сегашниот Охрид, за неоткопаната археолошка ризница на градот и неговото опкружување, за аргументите кои одат во прилог на тезата дека античките Македонци биле засебен народ од античките Грци, како и за дилемата колку денешните Македонци копаат во Македонија, а колку ја поткопуваат Македонија.

Паско Кузман 3

Паско Кузман, најпознатиот македонски археолог

ОХРИД 24: Во серијалот ОХРИД ВО МОИТЕ ОЧИ, за Охрид рековте дека бил вистински монденски град во антиката, пред и по времето на Филип и Александар. Дали имате сознанија дека двајцата најславни македонски војсководци го посетиле античкиот Лихнид?

Штит со соларен симбол пронајден кај Самуиловата тврдина

– Штитовите на Македонците ги наоѓаме на Самуиловата тврдина. Езерото првпат се споменува во 358 година пред нашата ера, кога Филип II ги испотепал Илирите некаде на територијата на денешна Пелагонија, во таа битка имало околу 5 до 6.000 мртви. За тоа време старите антички писатели пишуваат дека Филип II ја проширил неговата Македонија до Охридското Езеро.

Повеќе научници меѓу кои и нашата Вера Битракова Грозданова, тоа го толкуваат до источниот брег на Охридското Езеро, ете нека е Галичица и Петрино, што е нелогично и невозможно. Јас тоа го толкувам и го пишувам дека е невозможно еден таков стратег како Филип II само да го „ѕирне“ Охридското Езеро и да рече „еве го видов, сега ви го оставам вас“. Тоа се глупости. Тој тогаш, бидејќи сигурно дошол тука со војската, како стратег веднаш ги исперцепирал двата рида, стратешки позиции покрај идната Виа Егнација. Тие два рида се Енгелана (Киклопските ѕидини горе над Свети Еразмо) и Охридскиот рид.

Остатоци од Киклопските ѕидини над Свети Еразмо, IV век п.н.е

Тврдам дека и Киклопските ѕидини и Охридскиот рид почнале да се прават во времето на Филип II. Потоа, за времето на Александар, кога му се побуниле Илирите, тој веднаш дошол со војските кај Трибалите, морал да помине оттука и на Поградец кај Селца, таму бил стариот град Пелион, до нога ги испобил Илирите, повторно. Еве, нека е почната тврдинава да се гради некаде околу средината на IV век пред нашата ера, кога дошол Александар, бил многу зафатен и само можел да му каже: продолжете таму и доградете. Тоа е факт и ние откривме (кога се реконструираше тврдината од 2000-2002), од тој период таков опус на градење, камења кои се токму од тој период, ерата на Филип II и Александар III.

ОХРИД 24: На кои авторитетни луѓе, како Македонци, може да се повикаме за нашата историска вистина?

Генијот на Александар од Николас Хамонд

– Големите автори како Николас Хамонд, сите биле одушевени од грчката култура, многу пишуваат и за Македонија, ама главно неа ја поистоветуваат со хеленската цивилизација, што е доста смешно, бидејќи самите Хелени, уште во тоа време Македонците ги нарекувале Варвари, а нивниот јазик варварски. И Филип II и Александар III имале историски битки против хеленските градови-држави на кои испотепале голем број на Хелени, а подоцна ја прифатиле нивната култура.

Има една книга „Во сенките на Олимп“ од Јуџин Борза во која се зборува дека Македонците се посебна нација. Борза го истражува односот помеѓу македонската држава и грчките градови-држави и заклучува дека иако Македонците примиле дел од грчката култура, сепак успеале да го сочуваат нивниот посебен етнитет како балкански народ.

Професорката Нада Проева има направено најдобри студии за античките Македонци и има напишано и книги за оваа тематика. Секогаш би сакал да ја цитирам неа кога станува збор за прашањето дали се Македонците Грци или се посебен народ.

Во поново време исто така, професорката Вера Битракова Грозданова укажува на многу работи од археолошки аспект на коишто може да се повика човек.

ОХРИД 24: Има ли Македонија и особено Охрид доволно едуциран кадар и доволно ресурси за вистинско промовирање на минатото?

Паско Кузман 1

– Јас мислам дека главен недостаток тука во Охрид ни е недоволното познавање на историјата на сопственото тло. Недоволното познавање на историјата на еден ваков град е рамно на трагично чествување на животот, што би рекол еден антички филозоф, затоа што не можеш да го презентираш онака како што му доликува. Ако си чул дека Охрид е словенски Ерусалим, балкански Ерусалим, треба да знаеш да го објасниш тоа и да знаеш зошто е тоа така.

Оние што треба да го знаат тоа, туристичките водичи, не ги оптужувам. Тие се недоволно едуцирани за таа тематика, вклучувајќи ги тука и нивните професори. Очигледна е нивната непоткованост да го претстават Охрид со сите негови цивилизациски вредности, онаков каков што е, од праисторијата до денес, во сите 8.000 години откако е населен.

Златна фолија во вид на „очила“, откриена кај Горна Порта, VI-V век п.н.е.

За себе можам да кажам дека недоволно знам за мојот Охрид за да можам целосно да го презентирам. Ми фалат два животи за тоа. Затоа што онаа подземна Македонија, или оној подземен Охрид е сè уште една голема мистерија, волшепство и тајна.

мозаик на Плаошник

Дел од мозаиците на Плаошник од ранохристијанскиот период, V-VI век

Стратиграфските архиви се преполни со материјали. Копајќи во минатото на градот во изминативе повеќе од 40 години, постојано како мало дете се возбудував секогаш кога ќе налетав на некој нов артефакт. Си викав: како може ова да не го знам, неверојатно е.

Самуилова тврдина ноќе

Сакаат луѓето да го откријат Охрид и неговата полна вредност, не велам дека не сакаат. Но немаат начин како во еден живот тоа да го сублимираат во себе. Зошто го велам ова? Им фалат два животи. И мене ми фалат. Недоволен е еден живот да се осознае милениумското минато на градот во кој живееме.

Целокупната денешна македонска цивилизација не му е дорасната на историјата на Охрид. Можеби и на други такви македонски градови, но сега зборуваме за Охрид, Охрид е пред сите, тој е на прво место.

Паско Кузман 2

Паско пред споменикот на Свети Климент на градскиот плоштад во Охрид

Земете ги сите сегашни и минати македонски, бугарски, руски научници кои пишуваат за Светиклиментовото време и неговата книжевна школа. До денешен ден не се разјаснети ситуациите само за времето на Свети Климент. И покрај двете житија, и од Теофилакт и од Хоматијан, само времето светиклиментово не е сè уште разјаснето, па како тогаш еден обичен водич ќе му го пренесе тоа на некој странски турист? Не може, бидејќи и самите научници немаат единствен став по тоа прашање. Затоа велам дека Охрид е сè уште една голема мистика и тајна, и покрај целото знаење што го имаме за градот и за езерото.

ОХРИД 24: Една паралела, колку би вределе и дали вредиме денес како надземна Македонија во споредба со подземна Македонија? Колкав процент е откопан од подземна Македонија?

Откопување на подземна гробница на локалитет Горна Порта, 2002

– Надземна Македонија е само една стотинка од вредностите што ги содржи подземна Македонија. Во секоја смисла: историска, археолошка, културна, духовна и така натаму… Ова што денес го имаме и што го имале нашите претци додека биле живи, секогаш било само една стотинка од вредностите што ги има во условно кажано, подземната Македонија.

Сè уште има што да се открива и да се презентира пред светот. Ниту нашите комшии кои ставаат рака врз македонското културно наследство не знаат што сè содржи ова чудо од земја.

ОХРИД 24: Колку денешните Македонци копаат по Македонија, а колку од нив ја поткопуваат Македонија?

плаошник 4

Работници кај археолошките наоѓалишта на Плаошник, 2015

– Особено во денешно време, времето на плурализмот, сметам дека сите ние повеќе ја поткопуваме Македонија, отколку што ја откопуваме и овозможуваме да ни се претстави со сиот нејзин сјај. Многу повеќе делуваме со поткопувањата и притоа ни постои опасност да ја закопаме, да ни паднат темелите на државата, да се сруши Македонија.

Не може да се создава подобар живот само врз база на сега и утре. Подобар живот се прави врз основа на минатите светлости од сите цивилизации коишто би се рефлектирале денес и коишто би ја осветлувале иднината. Без светлата од позади не може да се осветли иднината. Со ова му одговарам на еден Заев, кој вети подобар живот.

Да, сите сакаме подобар живот, но не може тоа без минатите цивилизациски светла. Тоа мора да се сфати во вистинска смисла, а не патриотизмот бил ваков, таков, не чинел и не ни личел.

ОХРИД 24: За крај, кој е кодот на Македонија и сржта на Македонецот? По што ќе го препознаеме Македонецот денес?

– Кодот е самото име Македонија. Еве не сме имале држава 2.000 години како што вели овој Села. Но единствено само ние денес го имаме името Македонија како држава. Нема друга држава со истото име. За мене кодот, магијата е името. Затоа за мене ако се смени името, ние ја губиме магијата и не постоиме повеќе. Може и да постоиме, но ќе бидеме зомби држава со зомби народ. Без тој јон, без тој катапулт, Македонија нема ништо.

Ќе повторам, името е таа магија која нас не одржала и не одржува и дури дојдовме во времето на Тито со државна творба која се вика Македонија. Мора да се почитуваат сите жртви кои се дале во името на нашата слобода и на правото да имаме држава со името Македонија.

Паско Кузман 4

Во лаунџ барот „Објектиф“ каде го снимавме интервјуто со Паско

Ако одиме лично, еве, ако мојот код не е Паско, тогаш не знам кој е. Тогаш си никој. Се сеќавам, на времето кога медијаторот Метју Нимиц беше во посета на Охрид заедно со тогашниот градоначалник Петрески, го прашав: вие сте Метју Нимиц? Да, ми одговори тој. Јас сум Паско Кузман, му се претставив. Најдобро е вие да си останете Метју Нимиц, а јас Паско Кузман, оти ако вие станете Паско Кузман, вие ќе бидете никој. Ако јас станам Метју Нимиц исто ќе бидам никој. Тоа се однесува и на името Македонија.

ОХРИД 24                                                                                                                               Дим Дон

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk