Утре ќе се гласа за изборот на новата Влада

Според Деловникот, за состав на новата влада се дискутира 48 часа од почетокот на седницата. Најдоцна до среда на полноќ ќе биде познат исходот од гласањето за новата Влада.

Собранискиот спикер Талат Џафери за вторник ја закажа пленарната седница на која ќе се дискутира и гласа за новиот владин кабинет на мандатарот Зоран Заев. По зеленото светло од Централниот одбор, Социјал- демократите владината програма и листата на предложените министри ја доставија до Собранието. Мандатарот Заев, како што рече, верува дека владата има капацитет за четири годишен мандат.

влада

„Најглавната работа ќе оди на две линии во новата Влада. Првата е организирање на состаноци, екипирање на тимови заради реформи. Ќе препознаете и кај министрите без ресори како ќе провејуваат надлежности околу реформскиот процес. Таа е една трака по која ќе се движи новата Влада. Втората паралелна трака е унапредувањето на квалитетот на живот на граѓаните, еднаквоста во нашето општество во секој аспект, пред се мислам на социјалната еднаквост. Веднаш работа на сите можни подготовки на законско решение за подигање на минималната плата, импликациите од минималната плата во приватниот сектор и нивна поддршка, за да не направиме дисторзии, но ќе ја отвориме оваа спирала на покачувањето на платите“, изјави Заев.

Вкупно 17 ресорни министри ќе брои новата влада. Социјал- демократите ги кандидираа: Радмила Шеќеринска- министер за одбраната, Оливер Спасовски- за внатрешни работи, Драган Тевдовски- министер за финансии, Никола Димитров- за надворешни работи, Рената Десковска е предложена за министер за образование, Љупчо Николовски- за земјоделство, Мила Царовска- министер за труд и социјална политика, Роберт Алаѓозовски- за култура, Дамјан Манчевски- министер за информатичко општество и администрација, и Горан Сугаревски- за транспорт и врски.

Од СДСМ, седуммина предложени се за министри без ресор. Кочо Анѓушев, Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Самка Ибраимовски, Аднан Ќахил, Зорица Апостоловска и Зоран Шапуриќ.

Интегративците на Ахмети во владата ќе партиципираат во владиниот кабинет со шестмина. Хазби Лика- вицепремиер задолжен за спроведување на Охридскиот Рамковен договор, Бујар Османи- вицепремиер за евроинтеграции, Булен Салиу ќе раководи со ресорот правда, Садула Дураку- министер за животна средина, Крешник Бекташи- министер за економија, Рамиз Мерко- министер без ресор.

Во неделата, последни со двајца кандидати за министри излегоа и Алијансата за Албанците. Арбен Таравари за здравство, а Сухејл Фазлиу за локална самоуправа.

БЕСА се откажа од владино учество и нема да гласа за новиот владин кабинет, незадоволни од изборот на кадрите, но и поради неприфаќањето на нивните услови за заедничко владение и редефинирање на државата. Заев од СЈО ќе побара информација колку кандидатите за министри се кредибилни да седат во владина фотеља.

„Сето она што нема да биде неопходно нема да го практикуваме од проста причина да останат повеќе пари, за социјалната помош, за најсиромашните, да помогнеме таму каде што треба, да направиме еден пат повеќе, еден тротоар повеќе… ќе се водиме токму од тој аспект на штедење, верувајќи дека прво треба да тргнеме од себе си“, нагласи Заев.

Според Деловникот, за состав на новата влада се дискутира 48 часа од почетокот на седницата. Најдоцна до среда на полноќ ќе биде познат исходот од гласањето за новата Влада.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk