Ана Брнабиќ мандатар за состав на новата српска влада

Новата влада се очекува да биде избрана до 23. јуни, за кога е закажана инагурацијата на претседателот Вучиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ соопшти денеска дека мандатар за состав на новата влада на Србија е Ана Брнабиќ. Брнабиќ, го известила Вучиќ, дека може да обезбеди мнозинство од пратениците во српскиот парламент.

Ана Брнабиќ

Тој истакна дека Брнабиќ е вредна, поседува стручни и лични квалитети и дека е уверен дека ќе покаже почит кон партиите од кои што очекува поддршка, како и дека ќе работи на подобрување на Србија. Вучиќ кажа дека костурот на владата ќе остане ист, но дека ќе има и одредени промени. Брнабиќ, како што кажа Вучиќ, ќе го води економскиот дел, преговорите со ММФ, како и процесот на дигитализација, а суштинскиот политички дел од владата ќе го води Ивица Дачиќ.

„Во Дачиќ имам огромна доверба, како и во сите останати коалициони парнтери и верувам дека ќе продолжат да работат како и досега“, рече Вучиќ.

Вучиќ рече дека во периодот кој што следи ќе биде важно да се обезбеди јакнење на меѓународниот углед на земјата како на запад, така и на исток.

Брнабиќ е 15. мандатар по ред од 1990. година, односно од започнувањето на повеќепартискиот систем во Србија. Таа ќе биде прва жена и декларирана ЛГБТ личност на чело на српската влада.

Мандатарот во наредните денови треба да ги соопшти членовите на неговиот кабинет, а претседателот на парламентот треба да свика седница на која што ќе биде избрана новата влада. Новата влада се очекува да биде избрана до 23. јуни, за кога е закажана инагурацијата на претседателот Вучиќ.

ОХРИД 24                                                                                                               извор: Макфакс

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk