Милевски: Нема опасност од разорен земјотрес и ерупција на вулканот во Косел

Секако, нема никаква опасност од класична ерупција на Косел (освен зголемено исфрлање на гасови, без оглед на затрупаноста на каналите со шут), но можна е промена на режимот и издашноста на некои локални извори и како што наведовме за очекување се десетина послаби земјотреси кои ќе следат во деновите, па и 2-3 месеци по овој пик од 5,1М, пишува проф. Милевски на социјалната мрежа Фејсбук.

земјотреси

„За земјотресите во охридско, нормално дека никој не може со 100% точност да предвиди кога, каде точно и со колкава јачина ќе се случат, ама треба да се знае дека: статистички, според историски податоци и реконструкции, во Охридското епицентрално подрачје силните земјотреси над 4М се многу ретки (на 50-100 години), со и над 5М се уште поретки (на 300-500 години), а со и над 6М на околу 2.000-3.000 години еднаш.“

Ова го пишува проф. д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при Природно математичкиот факултет во Скопје.

Тој во својот статус на социјалната мрежа Фејсбук истакнува дека според геолошко-седиментолошки записи, најсилен земјотрес во охридско-коселската област во холоценот достигнал 6,1М (како скопскиот во 1963), а нешто послаб во VI век, со околу 5.8-6М.

Ивица Милевски

„Охридското епицентрално подрачје е значајно по тоа што сеизмичките бранови се протегаат (пропагираат) главно долж централната раседна линија (раседот во подножјето на Галичица и на север до Косел), а потоа кон рамката на Охридската депресија, односно кон северозапад и југ, додека послабо латерално кон исток и запад. Длабочината од мин 10 km е одговорна за големата регионална распространетост до радиус од околу 150 km. Шансите за посилен земјотес од 5М (во однос на максималните забележани, типот на раседите и локалните блокови) е многу мала, а нешто поголема е кон Св.Наум и Поградец, ама овој јазол моментално не покажува активност“, вели професорот Милевски.

Проблем, според него, е големиот број постари асеизмички градени објекти во охридско кои може или претрпеле штета заради градбата, иако карпестите маси кон стариот дел на градот се релативно „еластични“.

Милевски додава дека нема опасност од ерупција на вулканот во Косел, ниту пак за мини-езерско цунами:

„Секако, нема никаква опасност од класична ерупција на Косел (освен зголемено исфрлање на гасови, без оглед на затрупаноста на каналите со шут), но можна е промена на режимот и издашноста на некои локални извори и како што наведовме за очекување се десетина послаби земјотреси кои ќе следат во деновите, па и 2-3 месеци по овој пик од 5,1М. Уште помала е шансата за појава на мини-езерско цунами (тоа би можело само доколку се јави огромен одрон или свлечиште кон езерото, ама нема услови за такво нешто)“.

Професорот Ивица Милевски уверува дека нема потреба за страв од разорен земјотрес со големи материјални штети.

„Значи според очекуваната дури и максимална магнитуда, типот на подлогата под Охрид, еластичноста на карпите и др., нема потреба од страв за некаков разорен земјотрес или поголеми штети. Единствено треба поголемо внимание ако се живее или се поминува покрај стари објекти без бетон и арматура и со издадени балкони, настрешници, лимени и други додатоци, високи оџаци и др. и тоа особено во следните 2-3 дена и особено во селските населби кон епицентралниот дел“, вели Милевски во својот Фејсбук статус посветен на последните природни потреси во охридскиот регион.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk