Најголемата штета си ја направивме сами

Лажните вести, полуинформациите и пропагандата често ги чувствуваме на сопствената кожа. Последиците од нив уште почесто. Кампањата со земјотресите ќе биде уште еден пример за тоа.

Во јули вообичаено на охридските улици може да се каже дека е реткост да се слушне македонскиот јазик. Џагорот овој период најчесто го создаваат туристите од други земји, кои во летната сезона во голем број го посетуваат македонскиот бисер, Охрид. Но годинава од 18 јуни, кога започна сеизмичката активност на ова подрачје, започна и штетното влијание врз туризмот и бизнисите во овој наш град, пишува во денешното издание на дневниот весник Нова Македонија.

градски плоштад

Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“ во Охрид

Дел од екипата на „Нова Македонија“ токму по овој повод престојуваше во Охрид во петокот и впечатокот од охридските улици е разочарувачки за туризмот и очекуваната туристичка активност. Според она што го видовме тој ден, при што направивме кратко истражување, многу разговори и анкета со локалното население и со туристите, оформивме заклучок дека дента секој седми беше турист, а вообичаено во сезона, секој трети човек што шета низ охридските улици е турист.

Минувајќи покрај брегот во близината на пристаништето накратко поразговаравме со прикотвен возач на такси-брод. И неговото сведочење го потврди и нашиот впечаток дека и охридскиот туризам е стресен со земјотрес од просечна јачина.

„Ова е страшно. Освен што е хорор за жителите, се случува среде сезона на штета на бизнисите. Сите се во страв и паника, јас веќе три вечери спијам во братчево. Бев прикотвен на брегот кога беше најјакиот од 5 степени по Рихтер, па јас не го почувствував, ама ги слушнав и видов сите што беа во рестораните и дома како одеднаш врескајќи се растрчаа“, ни раскажа охридскиот возач на такси-бродот.

Иако е навистина невообичаен амбиент за секого кога ќе почувствува тресење на земјата, анксиозноста, стравот и паниката практично се посеаја со перманентното известување на медиумите, посебно порталите и телевизиите со нивното лицитирање кога и во колкава мера може да дојде до катастрофа.

„Ниеден од медиумите не известуваше со смирувачки тонови. Никој не кажа спротивно од цунами-пропагандата за претстојната апокалипса во Охрид. Можеше барем малку да се каже за асеизмички градените објекти во Охрид, за тоа дека се сигурни, дека и досега сме се среќавале со вакво нешто, па сите сме живи и здрави, а туристите секогаш задоволни си заминувале по убавиот одмор, а потоа повторно наредната сезона се враќале. Доста веќе со сензационализми и негативна пропаганда. Зар не сме свесни дека самите си штетиме најмногу?“,  реагираа во глас повеќе туристички работници, длабоко разочарани од паниката што медиумите ја направија во јавноста.

Туристите што одлучија да не заминат исто така сметаат дека природната непогода го загрозува она од што најмногу охриѓани прават профит, но дека вестите и сензационалистичките медиумски информации посебно си го прават своето. Накратко разговаравме и со долгогодишни посетители на Охрид од Босна и Херцеговина, кои знаат како е во вообичаената летна охридска сезона.

„Ние доаѓаме секоја втора година во Охрид и ова што се случува, за мене е страшно. Жал ми е за бизнисите и за туризмот. Оваа празна глетка низ градот не е типична за Охрид, огромен број туристи си заминаа“, изјави постара туристка од Босна и Херцеговина, која седеше на клупите до брегот заедно со својот сопруг.

Сепак, сеизмичката активност, која засега не е со голема јачина, не ги попречува сите планови. Во хотел во Охрид во четвртокот, петокот и во саботата се одржа и конференција за паметни технологии, каде што присуствуваа голем број странски научни експерти. Земјотресите, некои од нив не ги почувствувале, а некои, пак, не се плашат.

„Ние не го почувствуваме овде, веројатно во движење сме биле. Единствено првпат утринава почувствував еден мал земјотрес, но среќа никој не реагираше и не се исплашија, па се тече како што е испланирано. Некој ја праша за земјотресите и претседателката на светското здружение на професионални електротехничари, која живее во Калифорнија, а таа одговори дека во нејзината земја е вообичаено да има и поголеми земјотреси, па затоа и не им се плаши“, рече организаторот, проф. д-р Љупчо Караџинов кога ги посетивме во петокот.

За жал, и откако заминавме ние охридската почва не престана да се тресе. Така, ноќта петок кон сабота биле регистрирани седум мали земјотреси, а најсилниот тогаш што ги вознемирил граѓаните и посетителите на Охрид бил со јачина од 4,2 степени по Рихтер. Потресот се случил на четири минути по полноќ, а епицентарот се наоѓал на 9 километри источно од селото Косел на длабочина од 2 километри.

Во серијата земјотреси што започна од 18 јуни во охридскиот регион се регистрирани над 1.000 земјотреси. Сепак, за издвојување е фактот дека охридското подрачје не е познато по земјотреси со голема јачина. Тоа го потврдуваат и експертите за сеизмологија. Имено, тие се обидуваат смирено и педантно да го искажат своето мислење дека нема место за паника оти охридското подрачје не е познато по земјотреси со голема јачина.

Професорот Ивица Милевски од Природно-математичкиот факултет објасни дека, според геолошко-седиментолошки записи, најсилен земјотрес во охридско-коселската област во холоценот достигнал магнитуда од 6,1 степени, а нешто послаб во 6 век, со околу магнитуда од 5,8 до 6 степени.

Ивица Милевски

Проф. Ивица Милевски

„Според историски податоци и реконструкции, во охридското епицентрално подрачје силните земјотреси, со магнитуда од над 4,5 степени, се многу ретки и се случуваат еднаш во 50 до 100 години, тие со магнитуда над 5 степени се уште поретки, на 300-500 години, а со магнитуда со и над 6 степени на околу 2.000-3.000 години“, појасни професорот Милевски.

И Центарот за управување со кризи за да ги смири туристите и граѓаните информира дека институциите на системот за справување со кризи се подготвени за што било во иднина да се случи.

Редно е и медиумите, професионално покривајќи ги настаните, одговорноста за своето известување, истражувања и анализи да ја лоцираат кон граѓаните, а вистината да им биде во фокусот на работењето. Лажните вести, полуинформациите и пропагандата често ги чувствуваме на сопствената кожа. Последиците од нив уште почесто. Кампањата со земјотресите ќе биде уште еден пример за тоа.

ОХРИД 24                                                                                                извор: Нова Македонија

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk