Ципрас, Вучиќ и Борисов порачаа дека ќе ја поддржат Македонија само со решено име

На заедничката прес-конференција, Ципрас, според „Катимерини“, рекол дека Грција, Бугарија и Србија можат да играат клучна улога како стабилизирачки фактор во регионот, а Европската комисија ја поддржува европската перспектива на Балканот.

Стабилизација на ситуацијата во Македонија очекуваат и посакуваат тројцата соговорници на вчерашната средба во Солун, грчкиот премиер Алексис Ципрас, српскиот претседател Александар Вучиќ и бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Борисов, Ципрас, Вучиќ

По попладневната заедничка средба тројцата порачале дека е неопходно да има суштински дијалог за наоѓање заемно прифатливо решение за прашањето за името, што е предуслов за целосна поддршка од трите земји за евроатлантските перспективи на Македонија, пишува грчки „Катимерини“.

На заедничката прес-конференција, Ципрас, според весникот, рекол дека Грција, Бугарија и Србија можат да играат клучна улога како стабилизирачки фактор во регионот, а Европската комисија ја поддржува европската перспектива на Балканот.

Грчкиот премиер уште кажал дека е потребен континуиран дијалог, соработка и координација на напорите на трите земји за справување со предизвиците и искористување на можностите што ги нуди заедничката цел за безбедност и стабилност на Балканот.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, пак, порачал моделот на Југославија да не се повторува, туку Балканот да го заземе местото на Велика Британија во ЕУ. Според него, други држави имаат амбиции да имаат влијание на Балканот.

„Немам ништо против да го сакаат Балканот, но да се мешаат во внатрешните работи на државите на Балканот е нешто што ме вознемирува“, изјавил Борисов.

Тој додал дека по Самитот во Трст е поголем оптимист, со оглед дека Франција, Германија и Италија најавуваат поголем ангажман за регионот.

„Кога се даваат пари, тогаш никој не сака после да ги урива инфраструктурните проекти. Не чини да се повторува моделот на бивша Југославија. Секоја држава од Балканот треба да има директен пристап до друга држава во регионот“, вели Борсиов.

На средбата се разговарало за железничката поврзаност на Солун со Бургас и со Белград, како и за енергетската соработка меѓу трите земји.

Бојко Борисов кажал дека негов сон е да ги види трите земји инфраструктурно поврзани со патишта и железница и дека тоа ќе биде еден од приоритетите за време на бугарското претседавање со Европската Унија.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk