ОХРИД 24 репортажа: Галичка свадба – жив сведок за македонскиот културен идентитет

ОХРИД 24 низ ексклузивни фотографии и видеа од овој дводневен настан ви ја доловува Галичката свадба чија промоција е промоција и на нашиот македонски народ и на земјата Македонија.

Галичник е само по себе легенда. Македонски бренд од планинско село со негибнати природни предели кои мирисаат на посебна македонска мистична убост. Галичник е природен магнет за љубопитниците, за намерниците и за уметниците. Вечна инспирација.

Галичка свадба 1

Да се биде тука е привилегија, особено на Петровден и за време на надалеку познатата Галичка свадба. Нешто што е малку да се гледа од фотографии, малку да се слуша и да се гледа низ емисии, но сепак, тоа е оној магнет кој ќе те донесе тука да бидеш жив сведок на македонската посебност и древност, на македонската вековна и милениумска постојбина.

Токму тој магнет го привлече и нашето дамнешно љубопитство да се искачиме по патот на западната магистрала која со секој километар нуди и открива сѐ понесекојдневни нешта. По пределите на македонската земја таму најгоре, на седумнаесеттиот километар североисточно од Маврово и од Мавровското Езеро.

Галичка свадба 4

По неколку километри возбудливи нагорнини и остри свиоци, ете нѐ одеднаш во чудесна убост: пред нас пространи предели: Окото го има најширокиот видик. Бескрајна глетка. И среде таа планина убаво асфалтиран пат кој кривулесто се протега пред очите и те опушта, те води кон уште повисоки и помагични предели.

Галичка свадба 7

Таму најгоре – во Галичник. На вековната традиција, на милениумската македонска постојбина.

Галичка свадба 6

А Галичката свадба е токму тоа: збир на вредности кои со векови се негувале во ова и во други македонски села, но останале овде да зборуваат и да прикажуваат за некогаш, за понапред, за многу понапред..

Веќе сме на сретсело во Галичник, кај Трите чешми. Над нив амфитеатар, изграден во камен, како впрочем и речиси сите куќи во ова село.

Галичка свадба 2

Тука во камен изградена се извишува и селската црква „Свети Петар и Павле“ , црква во која ќе се одвива венчавањето на овогодишните галички среќници, младоженците Бошко Лепчески и Тања Чаловска.

Галичка свадба 8

И веќе е 20 часот, време за почеток на Свадбата. А таа започнува како и што е редот, со китење на бајракот.

Велат дека се пееле и песни додека се китело, но за жал, тоа не го слушаме. Китењето со цвеќе и врзувањето на крстот на бајракот веќе ни ја открива симболиката на овој настан, на овие македонско-христијански православни обичаи.

Галичка свадба 9

Бајрактарот го зема бајракот и го носи во куќата на зетот, од десната страна на чардакот. Да се обележи кој се жени, од која куќа е зетот.

Галичка свадба 10

И веднаш за оние кои не виделе, ќе чујат до три ми пушки, до три испукани куршуми за да знаат селаните и посетителите дека свадба се започнува, свадба галичка со сите обичаи, со сите нишани.

Време е да се соберат ергените и еснафите заедно со зетот на чело да појдат до потсело да ги пречекаат тапаните. Зурлаџиите од друго село, најдобрите за свадба. Патем се движат низ мноштво народ кој оттука, кој од подалеку, но сите дојдени да се насладуваат на овие живописни предели и уште поживописни свадбени галички и македонски обичаи.

Се поздравуваат и почнува песната, удираат силно тапаните, пиштат зурлите и се одѕива екот од куќите, од ридовите и доловите од планините.

Галичка свадба 11

Започнува свадбата галичка со оро на сретсело кај трите чешми. Се играат легендарните свекрвино, невестинското и тешкото во кое врз традиционална руба ‘лскотат древните шари македонски.
Галичка свадба 13

Нежното и срамежливо свекрвино оро го наследуваат првичните чекори на Тешкото оро чиј крај доведува до врвна игра на секој поединец од орото и на секој тапанар и зурлаџија.

Галичка свадба 14

Галичка свадба 18

Уживање и за око и за уво на сите, веќе илјадници присутни кај сретселото.

Галичка свадба 17

Времето минува, а доаѓа и моментот за поаѓање кај невестинскиот дом со запалени фаќели да се проследи последниот вечерен обичај, одењето на вода, на Три чешми. Уште еден обичај кој останува да се памети само низ вакви настани како што е Галичката свадба.

Галичка свадба 19

А обичаите на оваа свадба се бројни. Особено е редок обичајот на т.н. „канење на мртвите“. Група од ергени и роднини, предводени од зетот се упатуваат на селските гробишта, на гробот на нивниот покоен предок за да го известат за свадбата.

Галичка свадба 21

Зетот пали свеќа и зборува…„ја ќе се жена дедо, а жаља и плача зашчо не ќе си ми на софра да ми ја заличиш софрата и трпезата, ама ја зна дедо дека и ти ќе се радвиш и затоа сака да те почеста…“ и го чести со локум и ракија….

Следува бричењето на зетот, а сретселото веќе е исполнето со народ.

Народ од секаде и повеќемина известувачи за овој настан. Меѓу нас е и екипата од светски реномираниот Њујорк Тајмс и нивната репортерка Сузан која цело време ме прашува што е ова, што е следно и неуморно трчка, слика, од секој агол во секоја прилика.

Галичка свадба 44

И си личи тоа на Њујорк Тајмс, си велам. Треба да се учи од нив и на овој план. Бездруго!

Галичка свадба 23

Во посебната ложа се и оние посебните: министерот за култура и за медиуми, како и неодминливиот, американскиот амбасадор, а до него и британскиот.

Тече свадбата, а веќе избричениот зет ги крева на раце двете малечки дечиња, момче и девојче, како да сака да каже јас веќе сум маж и готов да бидам и татко.

Се гледа неговата весела возбуда, неговата среќа, но и среќата на сите околу него и на сите присутни кои со аплауз го поздравуваат.

Време е веќе да се оди кај кумот, да му се кажи радосната вест и да се добие благослов. А кумот среќен, ја крева чашата и дава благослов.

Галичка свадба 22

Одново тапаните и зурлите и одново оро, тука кај кумот. Сега е веќе време да се оседлаат коњите, да се подготват сватовите и напред со бајрактарот да се појде кај невестата. Белиот коњ е за неа!

Галичка свадба 26

По пат, бајрактарот им покажува на минувачите и на селаните и на гостите кој го води коњот и кој ги држи уздите.

Галичка свадба 30

Така до домот на невестата за да знаат и нејзините и невестата дека уздите се кај младоженецот, кај мажот. Така било и така и ќе остане.

Галичка свадба 34

Уште еден обичај во дворот на невестата. Свекорот го вади подарокот – сребрениот ѓердан и бара согласност од таткото на невестата за да продолжи свадбата.

Галичка свадба 38

Следи кршење на лепчето, на погачата, од која ако свекорот земе помало парче, првото дете ќе биде женско, а ако земе поголемо, ќе биде машко.

Галичка свадба 39

Со поголемото парче во рацете свекорот пресреќен ја покажува својата гордост и радост.

Галичка свадба 37

Време е да се појави невестата и да му баци рака и на кумот и на родителите. Во меѓувреме побратимите од зетот го земаат и товарат на коњ чеизот од невестата, а потоа и неа ја качуваат на коњ…

Галичка свадба 41

Се движат по истиот пат до црквата на венчавка. И оттука одново на невестинското, на сретсело….

Галичка свадба 43

Галичка свадба 45

Полни очи убавина за сите. И радост за сите од оваа и вака организирана свадба во која најсреќни се младоженците и двајцата родум галичани кои имаа привилегија да бидат избрани како вистински носители на овааа свадба, а ние како гости да бидеме почестени со овој македонски бренд во чии вредности се огледа и отсликува сето наше вековно и милениумско постоење.

Галичка свадба 46

ОХРИД 24 низ ексклузивни фотографии и видеа од овој дводневен настан ви ја доловува Галичката свадба чија промоција е промоција и на нашиот македонски народ и на земјата Македонија.

Галичка свадба 48

Нека биде така. На многаја лета!

ОХРИД 24                                                                                                                            Дим Дон

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk