Општина Охрид: Решивме голем број проблеми на жителите на Лескоец

Продолжува серијалот на паушални соопштенија организирани од СДСМ Охрид, на кои освен невистини и лажни обвинувања не може да се прочита ништо друго. Впрочем, нереализирањето на ветувањата дадени пред граѓаните, урбанистичкото пустошење и енормното задолжување на охриѓани се одлика на СДСМ Охрид. Разликата помеѓу времето кога Вие владеевте со Охрид и сега е огромна и видлива. Охриѓани знаат многу добро кој и што направи за Охрид. Ова го пишува во реакцијата на охридската локална самоуправа по повод денешните обвинувања од страна на СДСМ Охрид.

Општина Охрид

„Подобро би било да го отворите отчетот на градоначалникот и таму да прочитате што се е направено за охриѓани. Доколку тоа го направевте ќе видевте дека во Лескоец се реализираа голем број проекти и се решија голем број на проблемите што ги имаа жителите на Лескоец“, се вели во реакцијата на Општина Охрид.

Жителите на Лескоец, се посочува во реакцијата, знаат дека оваа Локална самоуправа изврши реконструкција и изведба на нова водоводна линија во Лескоец и тоа се реализираа две фази од проектот, а во тек се подготовките за реализација на третата фаза по што трајно ќе се реши проблемот со водоводот. Првата фаза е во должина од 500 метри и вредност од 1 800 000 денари, а втората од 500 метри и вредност од 2 100 000 денари. Исто така знаат дека се изгради и фекална канализација низ целата територија на селото Лескоец. И тоа не е се што реализиравме во Лескоец, тука е и отворањето на детска градинка, реконструкција на една од најфрекфентните улици во Лескоец „Илија Смически“ во вредност од 6 498 485 денари, се асфалтираа три краци од улицата „Илинденска“ во вредност од 1 970 516 денари, се реконструира училиштето, започнавме со изградба на фудбалскиот терен и уште многу други помали проекти.

„Жално е што сакате да ја потцените интелигенцијата на граѓаните, па со лаги и манипулации се обидувате да добиете некој ситен политички поен. Охриѓани се мудри и добро знаат на кого ја даваат довербата. Затоа вас ве сместија во мрачното минато на Охрид“, додаваат од Општина Охрид.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk