Бакрачески: Ќе продолжам да го давам најдоброто од мене за Охрид

„Овој пат решив одговорот да го дадат моите најмили- децата. Тие се мојата примарна причина и неисцрпна инспирација да го изберам овој пат. Знам дека овој пат тие беа помудри од мене. Во овој момент од мојот живот решив повеќе да се посветам на нив и на мојата примарна професија“, пишува Бакрачески во својот фејсбук статус.

Охрид е секогаш силна и исконска инспирација да се работи за негово добро. Го дадов, сѐ уште го давам и во иднина ќе го давам најдоброто од мене за најдоброто на градот. Ова го пишува актуелниот градоначалник Никола Бакрачески на Фејсбук, по неговата донесена одлука да не се кандидира за втор мандат.

Бакрачески

Градоначалникот Никола Бакрачески на 74-тата седница на Советот на Општина Охрид

„И така доаѓаат моменти во нашиот живот кога стигнуваме пред крстопат. А најважните крстопати обично немаат патокази. И тогаш се соочуваме со безброј прашања: Што ако погрешиш? Што ако сè што си верувал било помалку вредно од тоа што ти си очекувал? Што ако ја пропуштиш можноста, бидејќи не си ја знаел твојата вистинска вредност? Што ако застанеш на нешто познато и сигурно, но Бог се обидувал да ти даде нешто подобро? Што ако одлучиш да не одиш назад, туку продолжуваш напред? Што ако одлуката да го правиш она што никогаш не си го направил порано е одговор на сето она што нема смисла? Што ако одговорот не треба да се бара со зборови, туку во акција? Што ако си собрал храброст да го направиш она што навистина сакаш да го направиш а тоа го смени целиот твој живот? Зошто ги напуштаме моќта, бенефициите и привилегиите тогаш кога сме најсилни?! Зошто напуштаме повеќе за да добиеме помалку?! И дали помалку некогаш значи повеќе?! И уште стотици други прашања и стотици други одговори во различни и спротивставени насоки“, пишува Бакрачески на социјалната мрежа Фејсбук.

„Но јас знам зошто одлучив вака денес. Овој пат решив одговорот да го дадат моите најмили- децата. Тие се мојата примарна причина и неисцрпна инспирација да го изберам овој пат. Знам дека овој пат тие беа помудри од мене. Во овој момент од мојот живот решив повеќе да се посветам на нив и на мојата примарна професија. Но и на мојата храбра мајка, на поширокото семејство и другарите кои секогаш беа тука да ме бодрат кога ми беше најтешко, да ми даваат ветар во грб кога требаше да се издржи и успее, кои имаа разбирање за моите ангажмани и отсуства сите овие четири и пол години, кои беа трпеливи и тогаш кога ненамерно им грешев“, стои во статусот на градоначалникот Бакрачески.

Градоначалникот вели дека има многу работи за кои жали што овој момент нема да ги продолжи, но градот Охрид и работата за негово добро остануваат силна и исконска инспирација.

„Го дадов, сѐ уште го давам и во иднина ќе го давам најдоброто од мене за најдоброто на градот.  А за моите вредни и лојални соработници, за граѓаните кои беа секогаш со мене и живееја со успесите и предизвиците кои заедно ги решаваме, за оние кои очекуваа и сакаа денес да биде поинаку, ќе се изјаснам онака како што доликува – на крајот од мандатот со завршување на изборот на нов градоначалник“, вели Бакрачески, додавајќи дека секогаш останува достапен за нив, посветен на нив, и со нив, без разлика каде и да работи и дејствува, на која и позиција утре да продолжи,  секогаш ќе го давам најдоброто и ќе се бори за своите соработници.

Никола Бакрачески стана градоначалник на Охрид на 3 април 2013 година, откако убедливо со 21.004 гласа победи во првиот круг на локалните избори што се одржаа на 24 март истата година. За време на неговиот мандат, долгот на Општина Охрид е намален за 13 милиони евра, а започнати се сите капитални проекти кои беа најавени во неговата предизборна програма: покриениот пливачки базен, затворениот зелен пазар, новата автобуска станица, а најавено е и скоро започнување на Домот за стари лица во населбата „Далјан“.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk