СДСМ со реакција за денешниот прес на пратеникот Љубен Арнаудов

Љубен Арнаудов прво треба да им одговори на граѓаните за неговата вмешаност во настаните од крвавиот 27-ми април кога беше посегнато по уставниот поредок и по животите на пратениците од мнозинството, реагираат од општинската организација на СДСМ Охрид по повод денешната прес конференција на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ Охрид

„Што се однесува на амандманите кои тие ги поднеле за ребаланс на буџетот, ги потсетуваме дека општинските комисии за проценка веќе одамна работат на утврдување и проценка на штетите кои настанале како последица на земјотресите. Всушност, заменик градоначалникот Ангел Јанев кој воедно е и командант на кризниот штаб на општината, а кој денес се појави на партиски прес, за ова веќе би требало да го има информирано својот сопартиец Арнаудов“, се вели во партиското соопштение.

Од СДСМ посочуваат дека настанатите штети како последица на земјотресите, по утврдувањето од страна на општинските комисии, ги надоместува Министерството за финансии.

„Толку од теоријата на Арнаудов дека СДСМ не се грижи за граѓаните. Воедно, би сакале да му посочиме на Арнаудов дека настанати штети не се субвенционираат, туку се надоместуваат. Инаку што се однесува до туристичката сезона, нејасно како ВМРО ДПМНЕ уште на самиот почеток ја прогласува сезоната за пропадната“, велат од СДСМ, од каде додаваат дека несериозно и шпекулативно е да се даваат изјави од таков тип.

На крајот на краиштата, потенцираат од СДСМ, нивниот градоначалник, Бакрачески веќе четири години не успева да ги сумира резултатите од било која од претходните летни туристички сезони.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk