Тилевски најави замена на традиционална дограма и типизирани тезги во чаршијата

Охрид претставува лулка на културните, традиционалните, историските и религиски вредности. Македонската култура е дел од македонскиот идентитет, македонската култура н`е издвојува, но и н`е соединува со светот. Нејзин белег е Охрид, додека пак за Охрид, траен белег е Чаршијата, место каде што се случуваат многуте меѓународни манифестации, национално-културни настани, концерти и претстави, спортски настани, изложби и промоции, изјави д-р Митко Тилевски, кандидат за градоначалник на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ.

Тилевски

На денешниот прес тој најави неколку проекти меѓу кои изработка на стратегија и акционен план за реконструкција и замена на дограма и излози во охридската чаршија (замена на традиционални типови дограма).

„Целта на овој проект е враќање на автентичноста и сјајот на охридската чаршија, преку изготвување на дејни решенија, стандарди и правилници за уредување на угостителски тераси, тенди, дуќани и излози и замена на постојните алуминиумски и пластични разнобојни дограми и излози со традициоанална висококвалитетна дограма“, рече Тилевски.

Според новата програма на ВМРО-ДПМНЕ се предвидува и поставување на типизирани тезги.

„Овој проект предвидува определување и уредување на изложбено-продажен простор во Чаршијата со изработка и поставување на типизирани штандови за продавање на сувенири и сл. и нивна замена со досегашни тезги на строго определени локации на градот“, рече Тилевски.

Тој најави и поставување на рекламни билборди со фотографии од стар Охрид

„Изобилството на стари автентични фотографии со локации од Охрид од минатото е одлична можност за привлекување на вниманието не само на туристите туку и на граѓаните на Охрид, со цел враќање во времето низ еден визуелен времеплов и согледување на самата еволуција на градот. Билбордите ќе се постават на повеќе локации од градот со автентични фотографии како сведоштво за изгледот на градот во минатото“, нагласи кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk