Иванов: Должност ни е да ја сакаме, чуваме и унапредуваме Македонија

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Ѓорге Иванов

На 11 октомври 1941, пред точно 76 години, Македонија го избра патот на борба против најголемите зла во историјата на човештвото – фашизмот и нацизмот. Свесен дека вистинската слобода за Македонија не може да биде измолена и подарена, туку само со борба освоена, македонскиот народот заедно со сите чеда на Македонија ја започна Народноослободителната борба. Во оваа борба, народот на Македонија се препороди и се почувствува слободен да си ја земе судбината во сопствените раце.

На овој ден се потсетуваме на нашите партизани кои чекорејќи по патот кон слободата се соочија со многу маки и премрежија, и притоа покажаа невиден хероизам и искрен патриотизам. На овој тежок пат, тие се водеа од три вредности – слободата, правдата и човечноста кои ги вградија во темелите на македонската држава. Нашите славни предци во наследство ни ја оставија скапо платената слобода и државност на Република Македонија. Наша должност е да ја сакаме, чуваме и унапредуваме, за да им ја предадеме на нашите потомци.

Затоа, да останеме верни на македонската традиција на соживот и почитување на различноста. Да вложуваме во довербата и во почитта што го држат нашето општество сплотено. Да продолжиме да градиме демократска, просперитетна и европска Република Македонија. И притоа, постојано да ги имаме на ум вредностите кои нè движат и како луѓе и како општество, а тоа се слободата, правдата и човечноста, се вели во честитката по повод Денот на народното востание против фашизмот на македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk