Тилевски: Комплетна инфраструктура во „Мауцкер“ и решавање на проблемот со бездомните животни

Според кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, добрите инфраструктурни, водоснабдителни и канализациони системски решенија, обезбедуваат континуиран развој на општината во секој нејзин дел, вклучувајќи ги како градските така и руралните средини.

Измена и дополнување на детални урбанистички планови и изградба на комплетна инфраструктура во индустриската зона „Мауцкер“ вети денеска д-р Митко Тилевски, кандидат за градоначалник на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ.

Тилевски 1

„Квалитетно изработената урбанистичко-планска документација овозможува заштита и унапредување на животната средина, а пак уредувањето на просторот и неговото планирање во дослух со граѓаните креира пософистициран лик на Општината и овозможува нејзино просторно искористување“, рече Тилевски.

Тој посочи дека ќе биде решен и проблемот со бездомните животни со изградба на современ стационар, сместен кај Мауцкер и шинтер-служба согласно со сите стандарди. Тилевски вети и уредување на просторот кај Бејбунар.

Според кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, добрите инфраструктурни, водоснабдителни и канализациони системски решенија, обезбедуваат континуиран развој на општината во секој нејзин дел, вклучувајќи ги како градските така и руралните средини.

„Преку изградбата и реконструкција на водоводните и канализационите системи паралелно со уредувањето на зелени површини во Општината, директно придонесуваме за почиста, а со тоа и поздрава животна средина за сите нас“, посочи Тилевски кој најави изградба или доизградба на водоводни системи на улиците: „Јане Сандански“, „Абас Емин“, „Будва“, „Вардар“, „Васил Стефоски“, „Христо Узунов“, како и во населените места Рача, Горно Лакочереј, Пештани, Лагадин и Куратица.

Тилевски порача дека ќе биде изградена фекална канализација во Лескоец (4 фаза), Велгошти и населбата Рача. Реконструкција и изградба на канализациониот систем ќе биде извршена и на улиците „15 Корпус“, „Стив Наумов“, „Абас Емин“, „Железничка“, „Будва“, „Александар Турунџиев“, „Ристо Чадо“.

Во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ, предвидена е и изградба на атмосферска канализација низ општина Охрид, на улиците: „Никола Карев“, „Будва“, „Абас Емин“, „Охридати“, „7 Ноември“, „Ристо Чадо“.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk