Стојаноски вети дека ќе ја обнови механизацијата на јавните претпријатија

Нашата мисија е да бидеме достапни, отворени за сите граѓани и транспарентни. Создаваме општина која ќе биде услужна и ќе одговори на секој граѓанин. Функционирањето на една локална самоуправа се огледува преку функционирањето на јавните услуги, преку работата на јавните претпријатија кои треба да обезбедат соодветни услуги. Тие постојат за да им служат на граѓаните, рече проф. д-р Јован Стојаноски, кандидат за градоначалник на Охрид од СДСМ, на денешната прес конференција.

Стојаноски

„Токму затоа обезбедуваме висококвалитетни комунални услуги и поставуваме стандарди кои ќе значат дека тој висок квалитет на услуга ќе биде постојан. За да го постигнеме ова, ја обновуваме потребната механизација на јавните претпријатија бидејќи таа им е основна алатка во обезбедувањето на квалитетни услуги. Гарантираме дека тие стандарди ќе се почитуваат затоа што ќе го следиме процесот на обезбедување на услуги кон граѓаните“, рече Стојаноски.

Тој посочи дека јавните претпријатија повеќе нема да бидат загубари, туку ќе прераснат во високодоходовни субјекти, ќе обезбедуваат одлични услуги, граѓаните ќе бидат задоволни, а приходите остварени од тие услуги ќе им ја подобруваат финансиската состојба.

„Воедно ја развиваме и комуналната инфраструктура со која ќе обезбедиме вода за пиење до секое домаќинство и постојан притисок во текот на целата година, поефикасни системи за наводнување, 90% од домаќинствата да бидат вклучени во канализационата мрежа до 2021 година и 100% покриеност на домаќинствата со организирано собирање на комунален отпад“, рече Стојаноски, додавајќи дека со овој проект се создава општина за сите.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk