Конгресен центар, бесплатен интернет и видео надзор на јавни локации вети Тилевски

Тилевски додава дека за реализација и остварување на конкретен туристички и информатички развој неопходни се континуирани инвестиции во набавка и осовременување на информатичката структура.

Охрид се издвојува како туристички центар не само во рамките на Републиката, туку и во светски рамки. Со големата промоција на Охрид низ светските медиуми, постигнавме голем успех зголемувајќи го бројот на странски и домашни туристи. Претставувајќи го Охрид како една од дестинациите кои мора да се посетат, ги отвораме вратите на туристите, а истовремено и постојано работиме на подобрување на инфраструктурните решенија и на збогатување на содржините на и онака богатото културно и природно наследство на УНЕСКО.

Ова денеска го изјави д-р Митко Тилевски, кандидат за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека нема да се откаже од идејата за изградба на Конгресен центар, иако истата била претходно стопирана.

Тилевски

„Со инвестирањето во изградба на Конгресен центар, Охрид ќе добие уште еден дополнителен адут како за граѓаните така и за здруженијата, институциите и организациите кои го избираат Охрид особено во пролетните и есенските месеци како дестинација за одржување на своите симпозиуми, конгреси и настани. Со тоа се инвенстира и во продолжување на летната сезона и се потпомага на чинителите на туристичко-угостителската дејност“, рече Тилевски, додавајќи дека за ова очекува поддршка од Владата на РМ.

Тој го најави и проектот за воведување бесплатен бежичен интернет на најпосетуваните локации во градот

„Поставување на мрежа од wireless hotspot локации на најпосетуваните и најфреквентните места во градот или вовеување општинска бежична мрежа преку поставување на wireless mesh network. Преку овој проект бесплатен интернет ќе биде достапен како за граѓаните така за сите посетители и туристи со првенствена цел достапност до градските услуги и туристичка понуда на градот“, рече Тилевски.

Кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ вети и воведување видеонадзор на јавни површини и објекти од јавен карактер и интерес.

„Со воведување на видео надзор на јавни површини и објекти од јавен карактер и интерес се подигнува угледот и имиџот како сигурна туристичка дестинација, истовремено се спречува или намалува материјалната штета на објектите и јавните површини, а со тоа се зголемува и безбедноста во сообраќајот“, рече Тилевски.

За големиот број манифестации кои секоја година традиционално се одржуваат во Охрид, Тилевски најавува набавка на мултифункционална бина со озвучување и осветлување. На тој начин, вели тој, ќе се овозможи не само заштеда на средствата кои се трошат за изнајмување туку и можност од нејзино комерцијално изнајмување, а со тоа ќе се зголеми квалитетот на манифестациите и ќе се збогати туристичката понуда на Охрид.

Тилевски додава дека за реализација и остварување на конкретен туристички и информатички развој неопходни се континуирани инвестиции во набавка и осовременување на информатичката структура.

Тој го најави новиот систем систем за паркирање „Smart Traffic management“.

„Преку воведување на системот за паркирање „Smart Тraffic management“, преку користењето на напредната технологија, комбинирана од смартпаркингметри, сензори и софтверски апликации, ќе се овозможи решение на паркинг-можностите во градот со флексибилни паркинг-опции за граѓаните и посетителите, а истовремено ќе се овозможи намалување на сообраќајната гужва и аерозагадувањето“, изјави Тилевски.

Кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ вети и набавка на специјален пловен објект за превенција и интервенирање при итни ситуации во медицинска, противпожарна, спасувачка цел по охридското крабрежје.

„Проектот предвидува набавка на специјален пловен објект за интервенција на вода и во крајбрежниот појас во случај на елементарни непогоди, природни или други катастрофи, како и донесување на план за безбедна туристичка дестинација и управување со итни случаи, пред с`е на Охридското Езеро и крајбрежните области. Пловилото ќе биде опремено со противпожарна опрема, пумпи за вода, опрема за давање на итна медицинска помош, опрема за спасувачки екипи на вода и на копно и друга потребна опрема“, рече Тилевски.

Во неговата програма се предвидува и изградба на хидрантска мрежа (обнова на хидрантската мрежа која е поставена, а на местата каде нема да биде изградена нова со цел побрзо и поефикасно справување со пожари), поставување на противпожарна пристапна мрежа во стариот дел на градот, како и набавка на нова опрема за противпожарната станица, курсеви за пожарникарите на меѓународни семинари и набавки на нови возила.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk