Стојаноски ги повика граѓаните да му ја вратат слободата на Охрид

Нема поважна мисија од тоа Охрид да го направиме општина за сите граѓани. Првиот чекор е создавање на инфраструктура за сите. Градиме одговорно, квалитетно и домаќински, за секој граѓанин да добие решение кое ќе му го подобри животот во неговата средина, рече на завршната прес конференција проф. д-р Јован Стојаноски, кандидат за градоначалник на Охрид од СДСМ.

Според него, нема ништо поважно од здравјето на луѓето и затоа приоритет на новата власт ќе биде обезбедување на чиста и здрава вода за пиење и чист воздух, а истовремено вети постојано и навремено чистење на депониите и каналите, вложуваме во колекторски системи, пречистителни станици, регионални фабрики за третман на отпад и енергетски ефикасни објекти.

„Парите ги враќаме кај граѓаните. Соработуваме со бизнисите, заедно ги креираме плановите за поефикасен локален економски развој. Преку соработка со фирмите, обезбедуваме сигурна пракса за младите, ги насочуваме во професионалните кариери. Создаваме отворена и услужна, општина за сите. Обезбедуваме пријатни детски градинки, чисти и загреани училишта. Обезбедуваме поддршка и помош за најзагрозените семејства и за лицата со посебни потреби. Ги вклучуваме граѓаните во креирањето на буџетот, во носењето одлуки и во контролата на власта“, рече Стојаноски.

Во недела, рече тој, стоите пред најважниот избор од кој зависи иднината на Охрид, и вашата иднина.

„Ве повикувам, храбро, достоинствено и одлучно, сите заедно, да излеземе и да го дадеме својот глас за подобар Охрид. Охрид го заслужува тоа, вие го заслужувате тоа. Охрид не може и не смее повеќе да биде заложник и да тапка во место. Со заокружување на бројот деветнаесет, вие ја имате моќта да изберете живот во Охрид за сите. Одлуката е лесна. Придружете ни се“, рече кандидатот за градоначалник од СДСМ кој ги повиќа граѓаните заедно да му ја вратат слободата на Охрид и заедно да донесат живот за сите.

ОХРИД 24

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk