Охридскиот мајтап – ведрата страна на охридското секојдневие (7)

Во ова недела ќе ви приспомниме за две-три анегдоти и два-три мајтапа кои се на сметка на охриѓани и на велмешани, како и на маратонците и кајчарите охридски кои се труделе да зборвет на српски, ама често ја утнувале…

Ведриот мајтап кај охриѓани отсекогаш бил присутен и создавал позитивна енергија за убаво поминат ден. Охридските муабети, особено чаршиските, не поминувале без добро „зачинет“ мајтап на кој се смееле и мајтапчиите, но и „мајтапените“. Во суштина, така и почнувал денот со умесни шеги, не ретко и на своја сметка.

Во ова недела ќе ви приспомниме за две-три анегдоти и два-три мајтапа кои се на сметка на охриѓани и на велмешани, како и на маратонците и кајчарите охридски кои се труделе да зборвет на српски, ама често ја утнувале…

Оваа првава, за велмешани е поврзана со големиот мајтапчија Благоја Мостро кој во една средба со некој дебрчанец го опитал:

Велмеј

– А ре од к’ј си ти, на која улица живиш?
– Јас, му велит дебрчанецов, јас су од Велмеј, од Дебрцана, ама тамо немат улици…
– Како ре, му велит мајтапчијава, како немате улици, по чатија ојте?!?

Онаа втората мајтап-анегдота е од времето на охридскиот „маратон“ и екскурзијантките од бившата ни држава и фаљбите на охридските „маратонци“:

магаре

Имало еден млад охриѓанец кој бил нолгу јак и силен, та можел и многу да креват. Така еднаш успеал да крене и магаре, а од тој настан му напрајле и фотографија.
Е, сега, ко дошле екскурзијанткиве од бившата, Србинки ли биле, Босанки, Хрватки, свеедно, и ги шетат овој јакиов охриѓанец низ чаршијава охридска и крај излогот од фотодуќанот, та им велит, се фаљит, и то, поџомити на српски:
– Ето видиш, ја сам тај магарац што сам подиго!
Пуљет екскурзијанткиве и се смејет, а тој, охриѓанецов се чудит шо се смејет?!
Ги опитвит, а тие му објасвет дека погрешно се изразил. Демек требело да речит :„Ја сам тај који је подигао магарца!“
А вака кошо рекол испаднало дека велит:
„Ја сум то магаре…“
Се велит дека оттогај и му останал прекарот „магарето“.
А, бе, шо, ти вељам: мајтап работа ова охриѓаниве!

Дури сме овде, да ја спомниме и онаа кога охридскиве кајчари ја покажвеле својата гостопримливост и тие ете се труделе на српски.

охридско кајче

Во една таква пригода ги повиквет српскиве туристи да не се плашет за да се повозет со кајче по езерото:

– Ајмо дечки, уџите у чамац, кајче немат гајле!

Нека и овие две постари анегдоти бидат повод за ваше добро расположение, а ние како медиум ОХРИД 24, токму затоа, за едно поинакво ведро неделно расположение, ја продолжуваме оваа серија со наслов „Охридскиот мајтап – ведрата страна на охридското секојдневие“ во која сите вие почитувани читатели и ваши пријатели ќе можете да се вклучите со ваши или прераскажани мајтап-анегдоти од живеењето во Охрид и од животот на охриѓани.

За да ги прочитаме најдобрите и за да ги запаметиме и прераскажуваме на следните генерации со порака дека ведриот дух го разубавува и денот и животот.

Овој наш ведар проект веќе оди секоја недела и тоа токму во недела, за опуштено да се читаме присетувајќи се на интересни случки, настани и ликови и опуштено да се насмееме. Ги очекуваме вашите прилози и вашата желба за објавување на најинтересното и најохридското вкусно и умесно мајтапење.

ОХРИД 24                                                                                                                     Дим Дон

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk