ОХРИД ВО МОИТЕ ОЧИ со актерот Горан Стојаноски

Охрид во моите очи, претставува серија разговори со познати и признати охриѓани од сите општествени сфери на живеењето. Низ неколку прашања ви ја доловуваме автентичната слика и перцепција што секој од нив ја има за градот на Самуиловите тврдини. На кој начин гледаат на Охрид, кои се„ најохридските“ работи, култните места во градот, Охрид некогаш и сега, која историска личност би ја оживеале, каде би бил Охрид за една деценија од сега…

Со Горан Стојаноски, актер и директор на Центарот за култура „Григор Прличев“ отворивме повеќе прашања и разговаравме за Охрид во неговото време и Охрид денес, за културниот и духовниот развој на градот, за специфичниот охридски менталитет и начин на комуникација, за охридската чаршија како душа на Охрид, за вредностите на градот, но и за неговите недостатоци и потреби.

ОХРИД 24: Како изгледа Охрид во вашите очи и на каков начин би му го претставиле градот на човек кој за првпат доаѓа тука?

Горан Стојаноски 3

– Охрид претставува мој дом. Не заради тоа што живеам во Охрид, јас сум имал среќа цели 15 години интензивно да патувам посебно низ Европа, па дури и на Блискиот Исток, работејќи некои интересни социјални програми кои се поврзани со театарот и знаете како, моето чувство за ориентација и за вдомување, не го претставувам Охрид заради тоа дека е мој град и дека сето тоа е некоја егоистична приказна. Напротив, тука има некаков специјален дух. Специјален дух од причина што мојата перспектива на гледање на Охрид е посебно место. Мислам по спиритуалност. Во Охрид ако му кажеш зошто треба да дојде на човек: не можеме да речеме само ќе го видиш стариот дел од градот, музеите и црквите. Тоа е легитимно и тоа е добро, но цел свет е полн со музеи и со храмови. Имаме прекрасно езеро, ќе му кажеш, но има полно езера и прекрасни плажи низ целиот свет.

Главната карактеристика која би му ја препорачал на некој кој првпат доаѓа во Охрид е да се почувствува добро, можеби не во атрактивна смисла на промовирани забави и журки, туку во една пријатна домашна, несекојдневна атмосфера што често мене ме потсеќа на филм од Фелини. Има еден момент на комуникација што многу често ја спомнуваат овде луѓево, како ќе се се разберат двајца охриѓани? Еден оди од една страна, друг од друга. Првиот му вика на вториот Е ре? – Е, одговара тој. Со ова сакам да го доловам тој „охридски принцип“ на комуникација, кадешто не треба многу да се зборува и многу да се кажува за да се разбереш. Тоа е на едно сериозно, високо интуитивно ниво и она што мислам дека е главната предност во однос на еден таков тип на спиритуализација кадешто со луѓето во Охрид можеш да се разбереш со поглед, со краток збор и секојпат сум се прашувал зошто е тоа така, зошто не треба да се кажуваат многу зборови, туку многу може со едноставна комуникација да се каже дека сте се разбрале со некој човек.

Охрид

Тука има два аспекти: едниот аспект е дека Охрид има некаква чудна плашливост, а од друга страна има и една сериозна мирнотија… Плашливоста од друга страна е поврзана со грабливоста, како кај галебите, затоа што живее Охрид живее да речеме само еден дел, една туристичка сезона, но ако се вратам на таа одредена мирнотија, нешто невидливо да речам, и мене ми дава еден мир и никојпат Охрид не разгорува во смисла на социјален аспект. Покрај тоа што е убав, Охрид со сите негови профилирани атрибути, градот има нешто што јас го викам убава тајна. Убавата тајна да седнеш сам на клупа, да поседиш некое време и наоѓаш одредена сатисфакција, нешто што е невидливо и е тешко за објаснување. Од друга страна, Охрид е и една обична паланка, во Охрид живеат и луѓе кои имаат, како да ви кажам, чудни ставови за начинот на живеење и постои еден сегмент кадешто луѓето не се почитуваат. Тоа може да се види не толку на отворено или на видливите, јавни места, туку на местата коишто не се видливи, места кадешто луѓето работат, каде меѓусебно повеќе си замеруваат итн.. Веројатно, како некаков спој меѓу светлина и темнина.

Секогаш викаме треба нешто да направиме за Охрид, на Охрид треба да му се помогне… но воочуваме дека во Охрид постојат поголем број на граѓани кои се така да речам летаргични, опуштени и некако незаинтересирани за градот. Многу ретко се наоѓаат луѓе со претприемачки дух, а градот има сериозна подлога да биде атрактивен и од тој аспект.

Ќе се навратам и на еден Григор Прличев кој уште во тоа време зборува за недостатоците на Охрид. Ние некако не сакаме да зборуваме и го одбегнуваме тоа прашање, но ако не зборуваме за нашите недостатоци ние никогаш не можеме да му помогнеме на Охрид. Мојата главна идеја уште кога дипломирав во 1993 година увидов недостаток на духовност и просветителство, посебно на емоционално-спиритуална база. Оттука и мојата тенденција да се формира храм наречен театар, како би можел на моите охриѓани да им помогне во смисла на нови вредности, традиции, вистински дух е една од причините заради која би поканил некој во Охрид за да види дека тука има и една светла страна ама и една темна страна, која не е изразена, ама е апсолутна присутна во во нашиот град.

ОХРИД 24: Вредности и предности на Охрид. Што уште му недостасува?

– На Охрид му недостасува чувство на заедништво. Затоа што никој не може да ме убеди дека една ваква убавина не може да се направи, не поубава, туку да се направи да биде респектабилна средина во која може да се живее прекрасен живот. Охрид има некој чуден однос, мислам дека тоа е дури и комплекс на помала вредност, се замислува дека е некаква Палма де Мајорка. Дека таков тип на туризам треба да се прави кај нас.

Мислам дека тоа не е правилно. Палма де Мајорка е од типот на големите туристички места и тоа е друга приказна. Ние мислам дека треба да се фокусираме на нешто друго. Иако мојата експертиза не е туризмот, ќе напоменам дека Охрид има сериозни културни вредности. Во Охрид за жал тие културни вредности се занемаруваат. Културни вредности не се само остатоците од минатото, тие остатоци укажуваат дека овде има сериозно плодна почва за хуманост, за култура, не зборувам за уметност, зборувам за култура, за начинот на создавање на вистинските вредности.

Повторно ќе го споменам Прличев: овде постои сериозен дух кој во моментов мислам дека некако е поклопен со некој облак. Тој „момент“ е временски подолг. Мислам дека создавањето на културни вредности, институции, здружување на граѓаните во името на одреден просперитет е засадување на семето, кое не може да изникне на брзина, туку навистина треба да ја помине својата еволуција за да ја постигне својата цел.

Најголем предизвик е просто кажано: да му се најдеме на градот, да им се најдеме на луѓето со кои живееме. Еден сериозен се случува во Охрид, ќе се навратам на претходното прашање, на пример во 90-тите години, кои покрај тоа што беа навистина турбулентни, ги немаше овие мобилни апарати. Денес ова што му недостасува на Охрид е чувството на заедништво. Да можат луѓето да разговараат очи во очи, а да не испадне работата: „со кого излезе на кафе? – излегов со телефонот“.

Гледам дека посебно младите луѓе се занимаваат со телефонот, дури станува и непријатно. Создадени се некакви социјални мрежи каде што мислиш дека ја добиваш секоја информација. Практично се губи вистинскиот меѓучовечки контакт. Многу ретко гледам луѓе кои се занимаваат со друштвени игри: на полигон некој да игра кошарка, на пример. Тоа му дава почовечка димензија на животот и радост, секако.

Затоа мислам дека приказната со социјални мрежи некако сите не извади од ѓонија, што би се рекло. Не извади од колективниот ум, иако тоа е еден светски феномен, ова што се случува. Ми смета тоа што постојат поделености: овој му рекол на овега, за овој рекле вака и вака… некоја чудна дивергенција на менталитетот, што станува чудно кога ставот дали е тоа политички или општествен е различен и заради тоа ние сега се мразиме. Значи ние не можеме да излеземе од таа форма на дуализам: нема црно и бело, така? Мора да има можност работите да се гледаат малку пошироко. Не може да ги гледаме така работите, ние имаме проблем што брзо судиме за се. Посебно во Охрид, се донесува суд на прва рака. Тоа во склоп со озборувањето и измислувањето на приказни за други луѓе се најголемите проблеми во охридското живеење.

ОХРИД 24: Вашето култно место и што го прави култно?

Свети Наум

– Свети Наум, од многу проста причина. Пред да влезите во црквата, има една слика со Свети Наум каде во кочија има запрегнато крава и мечка и над нив светецот има контрола. Многу луѓе ќе се замислат што тоа значи. Знаеме дека Свети Наум бил исцелител. Симболиката да можеш да ја скротиш мечката, поточно да го скротиш несвесното во себе и да го доведеш во баланс со свесното во себе, како што е кравата, е една сериозно голема приказна. Сите оние моменти кои ги имаме кај нас како лутина, нервоза, бес, сè она што е негативно што се случува внатре во човекот, да може да се рационализира, иако оваа сила е многу голема, да ја зауздаш, да не ти ја изгазат бавчата. Значи, мечката како симбол на потсвесно, посебно на потиснатото, мислам дека е сериозна порака дека некогаш овде се случувале не религиозни, туку духовни работи.

Така да, за мене Свети Наум, приказната за Свети Наум и самото место ми е најкултно.

ОХРИД 24: Како Ви изгледа едно класично охридско секојдневие?

Горан Стојаноски 1

– Класично охридско секојдневие. Од сабајле едно кафенце, за добар почеток на денот. Одам на работа каде ја подготвувам програмата и се занимавам со одредени тековни работи во склоп на институцијата во која сум директор. Одвреме навреме често спортувам, шетам, се качувам по планини… Патувам за Скопје, кога имам време користам време да одам и на риболов, сакам да се дружам со луѓе, знам да си седнам во кафеана, да се расположам, да се развеселам, тоа е моето секојдневие, во смисла на општо живеење.

Но сепак, едно од најдрагите работи во секојдневието ми е процесот на правење на претстава. Тој е многу поразличен од обичното живеење, затоа што преку тој процес влегуваш во друго живеење. И емоционално и ментално и секакво…Се живее многу поинтезивно и поемоцинонално, со распнати емоции… Тоа е едно општество во мало. Општество во мало, ексклузивна драгоценост за луѓе кои сакаат да се почувствуваат живи. Некогаш се чувствувате лошо, не ви е добро… Театарот, процесот на создавање на претставата е еден креативен процес. Креативните процеси прават одредени катарзи на различни типови на емоции што во секојдневието не можеш да го направиш и не можеш тие емоции да ги чуваш под тепих. Ние имаме потреби сите наши т.н. негативни работи да ги чуваме под тепих и еден ден излегуваат и прават беља.

Она што мислам дека сериозно му недостасува на Охрид е креативна програма: од мало до големо, за да можат луѓето да се канализираат, имајќи ја во предвид нели, ситуацијата во државата, општествено-политичкиот контекст и секој еден чувствува притисок. Сметам дека притисокот единствено може да се регулира само преку креативна работа, не само во театарот, креативен може да се биде и во менаџментот, во спортот, во маркетингот, во најразлични области може да се биде креативен.

Токму затоа, и претходно споменав, ни недостасува тој претприемачки дух. Сите ние сакаме со сета сила да бидеме богати, да бидеме веднаш збогатени. Тоа е невозможно. Ние сакаме да ја следиме неолибералистичката култура која е посветена на правење пари и затоа викаме парите се сè. Да, постојат и шеги: богатите викаат парите не се важни, сиромашните викаат парите се важни. Парите се важни, апсолутно, тоа е проток на енергија, без нив не може да се живее, но кога стануваш опседнат со пари, тогаш веќе се губат човековите вредности.

Пред некој ден гледав едно кулинарско шоу со Џејми Оливер, снимено во Костарика. Луѓето живеат над 100 години, во најобични материјални услови, покрај море. Ги прашуваат зошто не си го подобрите животот, зошто не направите сето ова да е поубаво? – Сè имаме, им одговараат. Цело време танцуваат, добро се хранат, фамилиите им се сериозно цврсти, си се почитуваат едни меѓу други, вистинските вредности се тука. Што треба, да изградат облакодери за да се чувствуваат подобро?

ОХРИД 24:  Нештата кои му даваат душа на Охрид и препознатлив лик на Охрид. Кои се „најохридските“ работи за вас?

чаршија

Чаршијата со сите нејзини луѓе: бербери, мајстори, шивачи, слаткари, кондураџии, трговци… Оние луѓе кои се добри, кои не се алчни, оние луѓе кои се борат за поголемата слика. Луѓето кои искрено се инвестираат себеси. Моето гледиште се поврзува со носталгијата за Охрид пред триесетина години, единствено тоа ми го дефинира Охрид како Охрид.

ОХРИД 24: Кога сме кај чаршијата, кои личности ги асоцираш со таа чаршија?

– Мене искрено да ви кажам, импресивни ми се луѓето кои биле рибари. Тие луѓе правеа сериозен подвиг за Охрид и за зачувување на езерото. Тие фрлаа мрежи, тие луѓе ги прехранувале своите фамилии, се грижеле преку лов на риби, но никогаш не го упропастиле езерото. Да, ќе фрлеле мрежа, денеска им требало кило грунци, ако фателе пастрмка помала ќе ја пуштеле. Кога ќе дојдело времето за мрест, не ја ловеле рибата. Е тоа е она што се вика душа на Охрид. Кога сите ние би се грижеле за секој сегмент од нашето општество, кога не би ја имале таа лакомост, кога не би ни се протнал тој лаком неолибералистички принцип, ние во спротивно ќе патиме.

Имаше една личност, покоен сега Шерафедин Керим – Чекушот. Осуден како наркоман, како некаков хохштаплер и слично. Јас со него сум немал некакви контакти, но кога ќе поминев покрај езеро секогаш беше тука. Секогаш даваше некој „филинг“ на филмот на Фелини како некој човек кој е отфрлен, заради тоа што правел лоши работи, секогаш е достапен, не може да премине граница, не може ништо да направи, ме разбирате, тој беше осуден да седи таму во едно ќоше. Тој човек едноставно беше „персона нон грата“. Ниту правел криминал, ниту се заминавал со дрога… Еден таков лик, колку и да бил негативно извикан од „чесниот свет“, претставуваше една икона која така да речам, му даваше одреден шмек на охридското крајбрежје.

На пример, постоеја голем број на деца ентузијасти, пливачи и спортисти, кои со невиден ентузијазам ќе поминеа низ животот и после ги снемува. Пак ќе продолжеа со нешто, па пак ги снемуваше. Сето тоа се манифестираше со тоа дека во Охрид може да се негува во одреден период само краток ентузијазам по било кој основ и област. И испадна дека во Охрид имаме луѓе кои не се борат, луѓе кои не знаат да се борат или малку се борат… Многу малку еснафи или борци останаа… Не дека градот го нема тој капацитет, напротив.

Новото време почна да промовира една приказна за кариеризам. Кога ќе гледаш во кариеризмот де факто се создава дехуманизација. Кариеризмот не подразбира тимска работа или тој општествен сегмент на комуникација, не подразбира да се живее пријателски и братски.

ОХРИД 24: Охрид на Вашето време или Охрид денес? Што се промени, а што остана исто?

Горан Стојаноски 4

– Ми недостасува почитта. Во тоа време кога беше во прашање некој постар од тебе, имаше пет души во градот кои изразуваа непочит. Не стравопочит, туку вистинска почит. Денес, за жал, hate speech или говорот на омраза е до толкава мера развиен, посебно преку социјалните мрежи, што просто не ми се верува во тоа...

Не ми се верува дека новите генерации се до толку огорчени, да произведуваш внатре во душата горчина и да мислиш дека ако си огорчен и ако плукаш некого, дека е ти е подобро…?! Нема шанси да ти е подобро.

Јас се сеќавам како средношколец и како студент, тие години ми беа уживање, иако беше распад на Југославија. Имаше нешто што беше вистинска вредност: почит. Благодарност кон она што си, што е. Некако бевме на земја, бевме приземјени. Сега сè е: лети, лети чавко. Така некако можам јас да го дефинирам тоа.

Знаете за што ми е многу жал? Гледам прекрасни млади луѓе, дисконектирани, гледам многу луѓе навалени со главите долу, кафулињата се полни со поединци кои си играат со своите телефони, комуницираат виртуелно на невидено…едноставно се изгуби вистинскиот контакт човек на човек. Мислам дека тоа е разликата, меѓу тогаш и сега.

Се сеќавам дека играв кошарка додека бев средношколец. На утакмица во трета година гимназија, не сум видел такво навивање, таква жар и таква љубов. Мислам дека се изгуби тој ентузијазам, тој жар кој го имаше. Мислам дека првпат, во 2011 година кога Македонија го играше тој решавачки натпревар со Литванија во четвртфиналето на европското првенство, поголема возбуда немам доживеано одамна, од една проста причина: кога ја победивме Литванија, јас никогаш не сум излегол со ќејф на плоштад да се веселам. Излегов, вистински излегов, со ќејф. Во тој момент, плоштадот во Охрид беше преполн со луѓе. Ама не партиски, туку национално дојдени. Се радуваа со победата на едни млади момци кои ја претставуваа нашата држава. Тоа беше фантастично!

Вистински моменти. Тоа ни фали. Да се радуваме за одредени наши работи заеднички, а не да се раздвојуваме. Максимата „раздели, па владеј“ е една од најиспробаните во сите светски истории. Но нема поголема благодет од чувството на заедништво.

ОХРИД 24: Автентични охридски фрази и муабети на кои може да се сетитте.

– Една од најинтересните анегдоти што сум ги слушнал е мал апсурд. Имаше некоја емисија со еден од старите кајчари. Му правеа интервју. Човекот беше малку „потфрлен“. Го прашуваат, што мислите вие за флората и фауната во Охрид? – Па што да речам…за флорава се знајт, а фаунава е, фауна ти е…го земаш, го креваш и го удираш од земја!

кајче

Имаше еден период многу убав кога имаше доста странци, кога охридските маратонци одеа по хотелите да бркаат женски. За разлика оттогаш, денес нема таков тип на живеење. Сега реално, толку малку излегувам по ноќни барови. Но сум имал прилика, да појдам и да видам. Да направам една споредба од едно „Диско Палас“ и сегашниве дискотеки. Јас бев во екот на тие излегувања. Во „Диско Палас“ се играше, не се фолираше, едноставно се играше на музиката, тој што знаеше да игра, играше. Во „Диско Палас“ ако се случеше тепачка, ќе излезеа надвор и ќе се решеа со тупаници.

Сега, тоа го немаме. Сите се во некој филм од типот: ќе се облечам ко пејачката таа, ко пејачот тој, „ќе се накљукам со кварни стероиди“ и ќе мислам дека тоа е успехот до мојата девојка. Посебно преку фејсбук…јас искрено таа форма, не можам да поверувам, ама сепак е реална. Во квази вредности, на докажување кој е голем маж, која е јака женска, излезени се од својата природа. Ако ви споредам млад човек на 17-18 години во мое време, кој секој ден трчаше по 20 километри, секој ден правеше по 100 склекови, кој немаше проблем да подигне каков било терет и кој знаеше да пука… сакале или нејќеле, тоа го викаа војска. Денес, на таа возраст, на прсти се бројат таквите. Сакам да кажам дека, јакоста, можеби не по наша волја, ама во тој период се спортуваше масовно, сите беа некако поприродни, немаше социјални мрежи, немаше таков тип на забави. Забавите беа еден на еден и имаше поинаков колектив. Така да, разместени се тие вредности.

ОХРИД 24: Да се навратиме уште малку на минатото. Кога би имале можност да го делите сегашниот миг со една историска личност која чекорела по охридската калдрма, која би била таа личност и за што би разговарале?

Григор Прличев

–  Прличев. Ќе му речам вака: многу се имаш измачено. Душат си ја дал да го опулиш народов, не те разбрале, дури и на грчки си напишал, на т.н. наши непријатели и таму си победил со дух. Не знам што би ми одговорил, но знам дека има една безвремена негова песна „За охридскиот џган“.

Уште оттогаш е проникнато едно чувство на нечовечност што се појавува во нашиов менталитет и тоа е високо квалитетно искоментирано преку песната на Прличев. Се со цел не да те обвини, не да те исплука, туку напротив, да те опули, дајте луѓе да се видиме. Дека ние не сме само супер, цело време викаме супер сме, што ни фали… Ние имаме проблем со таа малограѓанска ароганција. И кога таа ароганција би можела да се исчисти, тогаш би требало да има еден висококвалитетен просперитет. Е ама ние не сакаме многу, многу отворено да правиме муабет за тие работи. Тоа мислам е и главен проблем кај нас. Не сакаме многу отворено да ги прикажуваме работите, сакаме да ставаме сè под тепих, затоа владее една мала летаргија во градов.

ОХРИД 24: Доколку како личност и како граѓанин ја имате таа моќ и тие одврзани раце да носите одлуки во интерес на градот и на неговите жители, кои би биле тие одлуки?

– Прво би интервенирал во системот на образование. Затоа што нашиот систем на образование е екс катедра и се промовира некој тип на учење само преку меморија, што секаде функционира и на крај добиваш: математичар, физичар, инжинер кој на крај е интелигентен и „хард дискот му е полн“, нема проблеми, ама нешто фали… Човечките вредности ги немаме. Градењето на човечки вредности од мали нозе преку креативни едукативни процеси: Англија тоа го има инсталирано уште во 1961 година. Не дека и таму е сјајно, да се разбериме, но дека во образовниот систем треба да се направат креативни принципи за едукација и да се развиваат тие вистински вредности, треба.

Кај нас детето ќе појде на школо и ќе и рече на учителката: седи мори или бегај мавни се. И тоа го сметаме за здраво, со системот на образование. Ќе видиш ти, кој е татко ми, јас ќе имам петка. Таа е таа некултурна борба за моево дете да успее, затоа што јас сум силен. Дали било тоа бизнисмен, политичар, адвокат или што и да е…. Кога внукот на Тито повторил второ одделение немало гужва. Едноставно ќе повториш и точка, чиј сакаш биди. Во ова општество треба да има луѓе кои ги познаваат тие работи.

Аналфабет

Најновата претстава на Народен театар Охрид – Аналфабет

И во нашата нова претстава „Аналфабет“ се зборува за тоа. Една од проблематиките кои се појавуваат во нашето општество е исмеана. Оттука сето тоа би можело и би морало да еволуира во здравознајни и посветени луѓе и веројатно тие би можеле заедно и подобро од нас во иднина да го подобрат системот.

ОХРИД 24: Едно прашање од вашата потесна и стручна област. Колку Охрид живее културно и колку културата живее во Охрид?

прличеви 6

На овогодинешните Прличеви беседи во Охрид, 5 февруари 2017

– Има еден сериозен потенцијал кај луѓето во Охрид. Луѓето си ја сакаат културата. Дефиницијата за култура, пак, секогаш била сериозно прашање, затоа што културата не е само културна вредност на нешто што е направено или нешто што во моментот се прави, културата е начинот на живеење, начинот на однесување, начинот како работите циркулираат низ општеството, како ќе ве пречекаат на шалтер, како ќе ве пречекаат на продавница, како ќе ве угости келнерот, како ќе ве прими келнерот, сето тоа е култура.

Ние имаме еден проблем, кога викаме култура мислиме дека тоа е или кино или одредена претстава или музеј или некоја историска вредност, не тоа се остатоци од одредена култура. Култура е сосема друга приказна, широка приказна каде што се сместени сите сегменти во општеството.

Кај нас велат: е оној е културен. Значи, начинот на однесување со луѓето, дали ги повредуваш, зборувајќи ја вистината, дали си емпатичен, да си цврст – да не си лицемере, да си храбар – да не си плашлив, таа вредност е во моментов како вистинска културна вредност на едно битие е изземена, затоа што сè е обратно. Луѓето имаат сериозна потреба да се вратат на шини, во духовна и во национална смисла.

ОХРИД 24: Ако зборуваме поконкретно, каков е односот на охриѓани кон културните настани што се случуваат во градот?

фестивал 5

Директорот на Центарот за култура на отворањето на 55-тото издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри

– Театарските настани се посетени. Се чувствува потреба да дојдат и да видат нешто што е поинакво од она што им се сервира на телевизија или на интернет. Имаат потреба да се дружат, да се почувствуваат живи, имаат потреба да си го подобрат животот, имаат потреба од дигнитет, имаат потреба од достоинство, имаат потреба од вредности… Затоа пак се враќам на тие вистински вредности, но ќе кажам и ова: и Цеца и Аца Лукас за некои луѓе се култура, денес ќе појдете на концерт од Цеца и ќе видете 50.000 луѓе, донесете го Сандовал, нема да појдат многу луѓе. Јас не ги осудувам луѓето што си го сакаат тоа, ни на крај памет не ми доаѓа тоа, ним им е убаво тоа. Но тука се наметнува прашањето: заради што им е убаво. Кога ќе почнеш да разговараш со тие луѓе заради што им е убаво, тешко дека ќе дојдеш до некој конкретен или точен одговор. Убаво ми е, вели и ужива во тоа.

Најголемото прашање кое треба да го одговориме е сепак, кој е нашиот вистински идентитет? Со што, ние како охриѓани се гордееме и кои се нашите вистински вредности. Сметам дека треба да почнеме да го градиме тој наш препознатлив културен идентитет. Оттука изградбата на театарска зграда ја сметам за едно камче во тој ѕид која треба да го гради дигнитетот и идентитетот културен во градот. Тука е и „Охридско лето“, еден сериозен фестивал со врвни уметници и групи кои со сите сили се борат да направат нешто народот да се просветли. Меѓутоа, се разбира, не можете со сила да натерате некого да дојде и да гледа еден таков настан. За некои луѓе тоа е едноставно досадно.

ОХРИД 24: Каква туристичка приказна му треба на Охрид?

– Пек-пекери. Јас 15 години работев низ Европа: посебно Германија, Франција и Португалија. Којзнае за Македонија, посебно за Охрид? Е каде е тоа, еве го. Што има таму? Странец да се забере од таму, за да го прошета Охрид по целата должина и ширина му требаат четири дена. Во принцип голем од туристите, го прават тоа, а после престојот овде си продолжуваат во Грција, Египет и некои други дестинации.

Ние не можеме да му речеме на некој Французин дојди во Охрид и остани 15 дена. Ние измислуваме, ќе одиме до Велестово и до Франција, ќе јаваме на магариња, во ред, но тоа е еден ден работа. Ќе го разгледаме стариот дел на Охрид, но и тоа се прави во еден ден. Еден-два дена ќе пливаме и што ќе правиме потоа?

Нашите луѓе од блиските простори заради кусок на пари во Охрид ќе дојдат на десетина дена и се враќаат назад. Мислам дека покрај тоа и здравствен туризам може да функционира тука: имаме воздушни бањи, водени бањи, тоа може да биде чудо. Имаме чист воздух, водата ни е бисер, нема збор тука.

ОХРИД 24: Како го гледате Охрид во следните десет години, каде посакувате да се движи градот?

Горан Стојаноски 2

– Видете, тоа е многу тешко прашање. Кога завршував културен менаџмент, имаше една приказна на правење на SWAT анализа: слабости, предности, можности и закани. Кога ние ќе се освестиме кои ни се можностите, кои ни се предностите, кои ни се заканите, кои ни се слабостите и така натаму, оттука од таа фаза да поченеме да мислиме и да го создаваме Охрид, ние не знаеме каде го создаваме Охрид. Ние сме на ниво на желба, да треба да има убавина, убави патеки, убави згради, убави театар и кино, убави кафеани, пријатни места за движење, апсолутно е така.

Како да кажам, сметам дека Охрид треба природно да еволуира. Не може да ги судите луѓето и нивните чувства. Луѓето можат да излажат што мислат, ама никогаш не може човек сам себеси да се излаже што чувствува. Може да го скрие, да не го каже тоа, но единствено што знае со сигурност е тоа што чувствува. Тука лежи вистинското прашање: ние многу малку се занимаваме со прашањето дали луѓето вистински се чувствуваат добро. Затоа што вистинскиот контакт е како се чувствува. Кај нас, ако кажеш дека се чувствуваш тажно, како да е срамота. Тука сме ние некако исчашени и изместени. Сметам дека треба да се работи на зајакнување на духот на луѓето, затоа ако се одоброволат луѓето и ако станат пријатели едни со други, тогаш никојпат не би имало проблем да ја определиме визијата на Охрид и мисијата на Охрид.

Кај нас ако еден каже вака треба, друг ќе се најде и ќе рече не треба така. Му текнало на Горан ова… половина ќе речат абе кој е тој да каже, другите ќе речат море алал да му е. Тука мислам дека е главниот проблем кај нас, не треба да гледаме кој рекол, туку што рекол и дали тоа е добро за градот и неговите жители. Имаме проблем ние, како менталитет да ја видиме поголемата слика и со идеја да влезиме во тоа.

Ако јас работам претстави и имам десет глумци, јас сум еден од нив и имам мала, епизодна улога. Ако јас не ја знам целината, јас како мала улога ако не помагам за целината, а не само јас да се истакнувам, тогаш има добра претстава, тогаш има добро општество. Како што прават Јапонците, чистачката и генералниот директор работат за иста мисија. Чистачката му вели на директорот, оваа куќа мора да е чиста, за да може заеднички да просперираме, таа се чувствува дел од самата компанија исто како и директорот.

Еве еден друг пример: кај нас децата кога излегуваат на голем одмор, внатре во училницата оставаат пакетчиња смоки, кикиритки, благи, хаос, ништо неисчистено. Во Јапонија го нема тоа, не затоа што некои викаат дека тие се понапред од нас, туку едноставно не фрлаат ѓубре ко ние. Не треба никоја тешка филозофија за тоа. Си јадеш, си го собираш и го фрлаш в корпа. Ние треба да научиме да си ги собираме нашите ѓубриња и да ги фрламе в корпа. Ние не ги фрламе, ние си ги фрламе на улица. И секогаш мислиме дека некој друг треба да ни ги исчисти ѓубрињата. Тоа е тој претприемнички дух што реков дека ни недостасува, ѓубрињата треба сами да си ги исчистиме уште од деца.

ОХРИД 24                                                                                                                                      П.Д.

Facebooktwittergoogle_pluslinkedinmail

© Ohrid24.mk. Сите права се задржани.
Текстот не смее да се презема, во целина или во делови без договор со Ohrid24.mk