Најавата на Георгиески за намалување на бројот на јавни претпријатија во Охрид отвори неколку дилеми: Дали и колку луѓе ќе останат без работа и дали тоа ќе бидат луѓе кои не се партиски подобни?

Охрид

Локалната власт на СДСМ во Охрид, предводена од градоначалникот Константин Георгиески, планирала да ги намали јавните претпријатија во градот. Георгиески оваа идеја ја кажал во своето гостување на локалната ТВМ телевизија,

Како што пренесе телевизијата, планот на Георгиески бил „Градски пазар“ повторно да биде дел од ЈП „Охридски комуналец“, „Нискоградба“ да биде заедно со „Водовод“, а да се формира едно ново јавно претпријатие за градски паркинг, зимско одржување на улиците и за пајак служба. Исто така планот на Георгиески предвидувал спортските објекти, кои сега се во склоп на ЈП „Билјанини извори“, со завршувањето на градскиот базен да се вклопат во една работна единица како дел од некое од постоечките јавни претпријатија.

Оваа идеја на Георгиески предизвика вистинска дилема меѓу граѓаните кои прашуваат дали и колку луѓе ќе останат без работа и дали тие што ќе останат на работа ќе бидат партиски подобни кандидати?

Во својата изјава од една страна Георгиески рекол дека никој нема да биде избркан од работа, а од друга дека после извршувањето на тоа фузирање ќе следувало процес на рационализација и намалување на бројот на вработени. Како што кажал градоначалникот ќе изготвеле правилник, со кој ќе предвиделе опремнини или други бенефиции за луѓето кои ќе се одлучат да се префрлат од јавно претпријатие во приватен сектор.

Прашање е колку вработени ќе прифатат да се префрлат од јавен во приватен сектор имајќи ги во предвид бенефициите кои ги носи вработувањето во јавниот сектор. Повторно и овде се отвора дилемата дали тоа ќе им биде понудено само на вработените кои се членови и симпатизери на опозициската партија.

Сепак Георгиески ставил едно НО во својата изјава, односно рекол дека сето тоа зависи од деблокирањето на жиро сметката на општина Охрид.

ОХРИД 24 внимателно ќе го следи најавениот процес за кратење на јавните претпријатија и редовно ќе ве информира за чекорите кои ќе следат.

ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged