ЦРКВИ И МАНАСТИРИ ВО ОХРИДСКО: Белчишта и Ботун

Охрид

Храмови во Белчишта

Селската црква Св. Никола се наоѓа североисточно од селото на падините на ридот. Обновена е во 1977 година.

Иконостасот е од 19 век. Престолните икони се насликани од Серафим зограф и Аврам Дичо, синот на најпознатиот иконописец и зограф Дичо Зограф од крајот на 19 век.

Од петнаесетината икони што се наоѓаат во оваа црква оставаат впечаток иконите на Св. Никола, Св. Климент Охридски и Св. Димитрија.

Локалитетот Св. Јован Крстител се наоѓа на околу стотина метра југоисточно од последната куќа на селото и на околу 50 метра од патот што води кон селото Долно Средорече. На ова место се наоѓаат остатоци од поголем сакрален објект.

На јужната страна на локалитетот има остатоци на мала капела, целата изградена од бигор, од постар објект. Капелата е посветана на Св. Јован Крстител.

Југоисточно од с. Белчишта на 500 метри се наоѓа новоизградената црква Св. Атанасиј. Тоа е еднокорабна градба со купола врз централниот дел. Пред самата црква, од западната страна, се наоѓаат остатоци од постар параклис, изграден од бигор, со правоаголна ниша во средината. Исто така на самото место има остатоци на многу стари расфрлени греди. На мислење сме дека на ова место навистина постоела средновековна црква што во непознато време и разурната.

Локалитетот Св. Василиј се наоѓа на околу 200 метри северно од локалитетот Св. Јован или на околу 1 км. источно од с. Белчишта во месноста Селиште.

На самиот терен се забележуваат остатоци на цркви со крстообразна основа, а во густежот на вегетацијата се забележуваат купишта од камења, бигор, фрагменти од керамика и тули. Се работи за локалитет од доцен среден век.

Локалитетот Катуништа се наоѓа на околу 2 км. северозападно од Белчишта. На овој локалитет е констатирана помала средновековна словенска населба во која е откриена еднобродна црква со полукружна апсида на источна страна. Во самата црква како и околу неа се присутни гробови.

Храмови во Ботун

Главната црква на с. Ботун се наоѓа југозападно од селото, на едно стрмно возвишение. Црквата Успение на Пресвета Богородица е големо еднокорабно здание, градена од камен и варов малтер. Венците под покривот се од бигор, како и апсидата, која е единаесеттострана, засведена со полуоблест свод врз кој се издига покров на четири води. Подигната е во Горно Маало. Според натписот е изградена во 1895 година од страна на „Крсте и Костадин браќа, синови на Никола од с. Лазарополе“.

Внатрешниот живопис делумно е пресликан во 1972 година.

Во внатрешноста на црквата се наоѓа велелепен иконостас на кој има дванаесетина икони, а е изработен во 1871 година.

Од прекрасниот живопис би ја споменале композицијата Седмочислениците на јужниот ѕид од олтарниот простор. Распоредот на светителите е следен: како централна личност е насликан Св. Климент Охридски, а околу него се распоредени: Сава Охридски, Наум Охридски, Кирил Солунски, Методиј Охридски, Ангелариј Германски и Горазд. Вакво именување на Седмочислениците никаде и никогаш во било кое време не е познато.

Накрај само би споменале дека оваа црква е изградена врз постаро култно место. На тоа укажуваат многубројните гробни конструкции што потекнуваат од средновековието.

На местото викано Ледина се наоѓа обновената црква посветена на војсководецот на небесните сили архангелот Михаил. Изградена е во 1974 година на постаро култно место, бидејќи околу самата црква, посебно од западната страна, се наоѓаат средновековни гробови. Во внатрешноста црквата не е живописана, само се наоѓаат неколку понови икони.

Целата црква архангел Михаил е оградена со висок ѕид.

На околу 3 км. западно од Ботун се наоѓа локалитетот Св. Богородица. Постарите жители на ова село го именуваат како Калуѓерец.

Некогаш на ова место постоел голем манастир, а во 1991-1996 г. е изградена мала црквичка посветена на Св. Богородица.

Локалитетот се наоѓа во еден живописен предел богат со извори.

Од книгата „Христијански храмови и свети места во Охридско“ од Гоце Ангеличин – Жура, Охрид 2007. (подготви Марко Китевски)

ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged