Скандалозна распределба на пари во култура

Култура

Нема пари за Скопскиот џез фестивал и за Синтезис, но има пари за Џез-фест во Тетово. Министерството за култура денеска ги објави резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година по дејности и области.

Меѓу оние кои добија најмногу пари годинава е здружението „Артал“ од Тетово, кое за еден концерт и еден фестивал ќе добие 3,5 милиони денари.

За одржување на познатиот Џез-фестивал Куманово одобрени се само 200 илјади денари, а наспроти ова, Џез-фест Тетово добива 1,5 милиони денари.

Етно-групата „Синтезис“ биле одбиени за финансиска поддршка да настапуваат во Австралија. Одбиени биле и пари за одржување на Скопје џез-фестивал и познатиот „Офф фест“, како и сите културни настани организирани од Авалон продукција.

Голем број уметници и јавни личности реагираа, на како што велат скандалозната одлука на Министерството за култура.

-Не можам да кажам дека сум изненаден, туку едноставно сум шокиран како ова не е препознаено од Министерството за култура кое нема никаква друга работа, туку да препознава и да поддржува вакви идеи.За останатите чекори коишто ќе ги превземеме, ќе бидете благовремено известени кога ние ќе добиеме официјално известување како тоа Министерството за култура смета дека на државата не и` се потребни концертите на Sting, Lenny Kravitz….напишаа на фејсбук од Авалон продукција.

-На страна попарава со резултативе на Министерството за култура денес. Ова е нешто за кое сум зборувал најмалку 10 години. И сега заклучивме дека само одредени продукции се богателе на наш грб а добар дел од колачот “лапале“ од разноразни буџети. И за што? За “грандиозни“ концерти на “странски ѕвезди“ додека домашни артисти седат по дома, напиша фронтменот на групата „Суперхикс“ Петар Младеновски.

-Очекувам реакции од одговорните во македонските културни и научни национални институции. И од Советот за македонски јазик, исто така! Од МАНУ – не очекувам. Од премиерот не очекувам. Тој е зафатен со градење на едно општество за сите во кое мнозинскиот народ во сопствената земја не е граѓанин дури ни од втор ред, пишува професорката Елка Јачева Улчар .


Режисерката Зоја Бузалковска пак, напиша писмо до премиерот Зоран Заев, во кое бара даде оставка од Советот за култура поради Годишната програма на Министерството за култура.

По добиеното решение може да се поднесе жалба во рок од 15 дена до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, но, жалбата не го одлага извршувањето.

Од Министерството за култура пак информираат дека поддржани биле  добро аргументирани проекти, конципирани со квалитетни уметнички содржини, проекти преку кои се негува и поттикнува културниот диверзитет, уметничкото творештво и културниот развој.

извор: Алфа

ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged