Во Дебар нема веќе болни од коронавирус, излекуван е и последниот пациент

Регион

Нема веќе активни случаи на Kовид-19 во Дебар, општината од каде што, всушност, почна да се шири епидемијата во земјава и која поради тоа беше во карантин, заедно со Центар Жупа.

Меѓу 69 пациенти што влегоа во денешната статистика на Министерството за здравство како излекувани од коронавирусот еден е од Дебар. Тоа е, воедно, последниот заболен од овој град, каде што веќе подолго време нема ниту нови случаи на Kовид-19.

Во текот на април, во Дебар беа регистрирани само два случаи на Kовид-19 и тоа во првата половина на месецот, додека во земјава во тој период рапидно се зголемуваше бројката на заболени.

Последните два случаи на коронавирус во Дебар беа регистрирани на 16 април и оттогаш бројката во овој град „застана“ на 51. Четворица од заразените во Дебар починаа, така што излекувани се 47 пациенти.

Освен Скопје, Куманово и во Прилеп, каде што бројките на заразени од ковид-19 се троцифрени, сега и во Тетово (84), Велес (77) и Струга (66) има повеќе случаи на коронавирус во споредба со Дебар.

извор: Република

Please follow and like us:
Tagged