(фото)СДСМ како опозиција ветуваше отчетност и транспарентност, СДСМ како власт одбива да одговори на поставени прашања

Охрид

Пред само две години во предизборниот „План за живот“, СДСМ ветуваше отчетно и транспарентно работење, ветуваше дека општините ќе бидат услужни и отворени и дека граѓаните полесно ќе имаат увид како се трошат нивните пари.

Денес после две години, општина Охрид и дел од јавните претпријатија одбиваат да одговорат на неколку наједноставни прашања кои редакцијата на ОХРИД 24 ги побара од нив, со цел да ги информираме граѓаните.

На 08.02.2019 година, од општина Охрид и јавните претпријатија побаравме одговор на едно до две прашања во зависност од делокругот на работа.

Најпрво од општина Охрид побаравме одговор на прашањата:

  • 1.Колку се примени нови вработени со договор на дело овој месец?
  • 2. Врз основа на која постапка „Класик компани“ го врши превозот на ученици кон ОУ „Св. Климент Охридски“ ?

Во испратениот меил беше наведено дека одговор очекуваме најкасно до 16 часот истиот ден(08.02.2019г). Но и после три поминати дена одговор не добивме.

Од ЈП „Нискоградба“ Охрид, побаравме одговор на едно единствено прашање:

  1. Колку се примени нови вработени со договор на дело овој месец?

Но одговор не добивме.

Истото прашање го поставивме и до ЈП „Охридски комуналец“, ЈП „Билјанини извори“, ЈП „Градски пазар“ и ЈП „Градски гробишта“.

Одговорот беше идентичен како и претходните, односно не добивме одговор. Единствено од ЈП „Градски пазар“ ни беше одговорено дека тоа се информации од јавен карактер и треба да поднесеме барање со содржина на барањето  дефинирано со  Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, по што ќе го добиеме одговорот на нашето прашање.

Прашања имавме и за МЈП „Проаква“. Таму им ги поставивме следниве две прашања:

  • 1. Колку се примени нови вработени со договор на дело овој месец?
  • 2. Колку гориво има потрошено службеното возило на директорот ?

И од ова јавно претпријатие и после поминати три дена од упатените прашања, одговор не добивме, а со тоа и на граѓаните им беше ускратена можноста да бидат информирани каде се трошат нивните пари.

За тоа колку се транспарентни и отворени претпријатијата имавме можност да се увериме и ден претходно на 07.02.2019 година.

И тогаш до општина Охрид и сите јавни претпријатија упативме неколку прашања, и им напоменавме дека одговор очекуваме најдоцна до 16 часот. Но и тогаш немавме многу среќа. За разлика од поставените прашања на 08 февруари, на поставените прашања на 07 февруари во побараниот термин одговори добивме од општина Охрид, од ЈП „Нискоградба“, од „Градски пазар“, додека одговорот од ЈП „Билјанини Извори“ го добивме после четири дена.

До општина Охрид ги поставивме следниве две прашања:

  • 1. Колку нови дивоградби има во Охрид, после доаѓањето на новото локално раководство ?
  • 2. Дали има ангажирана фирма за рушење дивоградби ?

Административците овој пат беа по ажурни и ни одговорија на прашањата.

До јавните претпријатија прашањата упатени на овој ден беа идентични за сите.

  • 1. Колку е потрошено за репрезентација од 01.01.2019 до 07.02.2019 ?
  • 2. Колку имате ангажирано нови вработени со договор на определено ?

Единствено за ЈП „Охридски комуналец“ покрај овие прашања имавме и уште едно плус прашање:

3.Колку чини новото службено возило на директорот ?

На овие прашања одговор во бараниот термин добивме единствено од „Нискоградба“.

Од „Градски пазар“ исто како и за прашањата упатени на 08 февруари и овој пат одговорот беше дека тоа се информации од јавен карактер и треба да поднесеме барање со содржина на барањето дефинирано со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, по што ќе го добиеме одговорот на нашето прашање.

Од ЈП „Билјани извори“ одговорите на прашњата ги добивме денеска, после четири дена.

Од останатите јавни претпријатија одговор не добивме.

Како редакција јавно ги прашуваме зошто не одговараат на вака поставените прашања, што кријат, дали вака изгледа транспарентна, отчетна и отворена општина, која толку беше најавувана во „Планот за живот“ ?

На граѓаните им ветуваме дека одговорите на овие прашања ќе им бидат предочени, бидејќи како редакција повторно ќе побараме одговор на овие прашања и ќе се трудиме да го добиеме, затоа што граѓаните имаат право да бидат информирани за секоја постапка на локалната власт и за секој потрошен денар од општинскиот буџет.


ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged