Ковид-19 и македонскиот туризам

Охрид

Откако Ковид 19 прерасна во светска пандемија, загубите во економијата не можат ниту да се измерат бидејќи се случуваат на дневна основа. И што повеќе трае оваа состојба, толку поголеми ќе бидат штетите. Туризмот, како еден од развојно најбрзо растечките општествено-економски феномени доби директен удар со непоправливи реперкусии. Како економски сектор кој инкорпорира огромен асортиман на услужни дејности туризмот моментално се наоѓа во фаза на клиничка смрт. Затворањето на границите во цел свет оневозможи било какви туристички движења, а рестриктивните мерки на ниво на држави ја рушија и најмалата нишка надеж за било каков почеток кој би се темелел на домашни посетители во рамките на една држава. Во Македонија сеуште не дошол моментот да се почне со крајно внимателен рестарт на капацитетите во угостителството и туризмот, бидејќи повеќе е од јасно дека некаде системот затајува. Граѓанинот на Македонија се карактеризира со специфичен менталитет кој не признава никаков авторитет, сé до моментот додека проблемот не се префрли во неговиот двор и не почне да обвинува некој друг за несреќата која го снашла. Поради несовесноста и недисциплината која владее кај нас како општество, од ден на ден се рушат изгледите дека за брзо би започнале со угостителски и туристички активности. Во Република Македонија човечките ресурси кои се директно вклучени во туризмот и угостителството се преку 30.000, или доколку се претворат во апсолутен број луѓе кои живеат од овој сектор  бројот е далеку поголем и се движи помеѓу 100.000 и 130.000 со тенденција на пораст.

Во сите економски сектори се започна со имплементација на специјалните мерки за заштита од ковид 19 и истите позитивно влијаеја и доведоа до рестарт на производните капацитети. Туризмот и угостителството се последните економски гранки кои ќе доживеат нов почеток бидејќи станува збор за трудоинтензивни дејности, каде услугите се користат на местото на нивно настанување, а тоа изискува многу луѓе да се најдат во одредено време, на одредено место, како би се сретнале понудата и побарувачката. Фактот што складиштењето или лагерувањето претставуваат поими што не можат да се најдат во туристичката терминологија, кажува дека во овој случај времето е најголемиот непријател на туризмот.

Моментално се води борба помеѓу туристичките чинители кои се наоѓаат во емитивната и оние кои се наоѓаат во рецептивната зона. И едните и другите нема да можат да функционираат доколку не се отворат граничните премини и аеродромите, како би имало проток на туристички посетители во и од земјата. Можеби најумен потег во овој момент е фокусот да биде во домашниот туризам. Тоа секако се коси со очекувањата на туристичките агенции кои се специјализирани во сферата на пакет аранжманите во странските туристички дестинации, но факт е дека повеќе ништо нема да биде исто. Безгрижноста како чувство кое сите го имаме додека сме на долго очекуваниот и заслужен годишен одмор, повеќе нема да постои. Какво е тоа патување кога човек има длабоки размислувања за животот и смртта, кои се чини како премногу да ги доближиле меѓите и станале први соседи? Претпоставка е дека и доколку се стават превентивните мерки на минимум, туризмот ќе биде последното нешто што би почнало нормално да функционира. Сепак се работи за задоволување на терцијарните потреби, кои секогаш се ставаат на маргините. Факт е дека фреквенцијата на патувањата ќе се сведе во нормала во моментот кога повеќе статистиката нема да бележи новозаболени лица од корона вирусот. Тој момент од оваа перспектива се чини многу далечен и недостижен.

Туристичките водичи моментално се во фаза на хибернација и го чекаат погодниот момент повторно да започнат со работа иако голем дел од нив бараат други начини за егзистенција каде не е потребно да се биде во контакт со луѓе. Претпоставката дека голем дел од туристичките водичи дефинитивно ќе престанат да се занимаваат со својата професија може да се потврди со фактот што токму тие ќе бидат изложени на најголеми ризици по своето здравје и здравјето на своите најблиски доколку стане збор за доаѓање на времето и отворање на било каква можност повторно да се стават во функција туристичките активности од овој вид. Освен тоа туристичките водичи во вакви случаи би биле и потенцијални вектори на заразата и би претставувале медиум за поголемо ширење на пандемијата, бидејќи во нормални услови се во постојан контакт со посетители од целиот свет. Секако за ова не би требало да стравуваме доколку се почитуваат мерките пропишани од Светската здравствена организација и општо препорачаните мерки за одржување хигиена и превенција од болести. Транспортот е нултата точка околку која треба да се стави фокусот. Безбедниот транспорт во овие моменти подразбира за 70 проценти намалени капацитети со цел да се обезбеди безбедна дистанца, под претпоставка секое возило да располага со идеален систем на вентилација. Поаѓајќи од овие хипотези јасно е дека за скоро не може да се очекува безбедно патување во превозни средства со голем капацитет. Патувањата во приватна режија со сопствено или изнајмено возило се во овој момент најбезбедните. Исто така камперството е еден огромен потенцијал во кој можеби се крие клучот за надминување на опасноста од Ковид 19 кои демнат зад секој агол. Факт е дека најмалку 3 децении наназад воопшто немало никакви инвестиции и реинвестиции во Република Македонија насочени кон ревитализација на камповите и нивна модернизација во склад со општо прифатените светски трендови. Можеби токму сега кога се бара хигиената да се одржува на највисоко можно ниво, бизнисмените кои стопанисуваат со ваков простор ќе увидат дека располагаат со „кокошка која навистина би можела да несе златни јајца“.

Од демографска гледна точка на емитивните туристички зони семејните патувања ќе бидат тие што ќе го скршат мразот во туризмот. Семејствата моментално се најбезбедните групирања и не претставуваат никаква опасност доколку не дојде до нивно мешање со други единки или други семејства. Сепак избегнувањето контакт со други индивидуи е тајната за успешен рестарт на туристичките патувања. Во рецептивната зона, односно на страната на туристичкта понуда треба исто така да се запазат одредени правила и норми на безбедност. Хотелските капаците треба да се чистат постојано и на дневна основа, особено заедничките простории. Персоналот во хотелите би требало да биде постојано тестиран и изричито да постапува според препораките за превенција од Ковид 19, кои по ништо не се разликуваат од основните санитарно-хигиенски стандарди кои одамна постојат. Тоа можеби ќе бара поостар и позачестен инспекциски надзор од страна на стручни лица кои би произлегле од здравствениот сектор.  Треба целосно напушти и што подолго да се избегнува бифе системот на послужување на храна и пијалоци, а истите да доспеваат до гостинот директно од кујната или барот. Задржувањето во угостителските објекти треба да биде што покусо, дури доколку е возможно храната да се конзумира на отворен простор или дома. Доколку сепак се создадат услови за конзумација на храна и пијалоци во угостителските објекти, најдобар начин за скратување на времето на престој во објектите ќе биде доколку рестораните подготват менија на денот и нудат храна чија подготовка не изискува долг временски период. Сите угостителски објекти ќе треба  да обезбедат редарски персонал и персонал кој само би се бавел со наплата  на услугите, дури и добро да се размисли за ангажман на портир во угостителските објекти кој ќе им ја отвора и затвора вратата на посетителите при влез и излез, со цел да се намали контактот на голема маса луѓе со иста површина како што се кваките и вратите. Најидеален начин е да се постават автоматски врати.

Една препорака до сопствениците на угостителските објекти:Веднаш престанете со закани дека ќе ги зголемите цените на услугите. Правите поголема штета. Тоа е сосема контрапродуктивно и води до пролонгирање на моментот на целосно опоравување на туризмот и угостителството. Цените во вакви моменти треба да се редуцираат со цел да привлечат поширока клиентела. Во овие услови цените за ноќевање не треба да се повисоки од 1500 денари со доручек во хотел. Само со добро конципирана ценовна политика ќе се привлече домашната клиентела која веќе одамна ја имаме изгубено. Зарем претставува толкаво оптоварување да се одржува прописно ниво на хигиена? Или можеби треба да се каже дека едноставно хигиената никогаш не била силна страна на нашето угостителство. Со соодветни хигиенски мерки ќе се заштити здравјето и животот на потрошувачите, а со тоа се заштитува и самиот бизнис.  

Македонија нема да има претерани загуби во економијата врз основ на туризам и угостителство бидејќи учинокот на истите не изнесува повеќе од 2,7 % од брутодомашниот производ. Можеби тоа ќе биде последниот дел од стопанството кој би добил зелено светло за нов почеток. Но треба да се сфати дека доколку не се започне наскоро и не се започне на здрави основи, проблемите ќе не прогонуваат уште долго време. Од една страна ќе се создаде цела армија на социјално загрозени семејства кои дополнително ќе го оптоварат и онака кревкиот буџет на државата. Од друга страна уште многу години ќе каскаме зад нашите соседи и ќе чекаме некоја трошка да падне од масата каде се случува вистински туризам со високо ниво на квалитет кој од ден на ден се повеќе расте. За залекувањето на гангренозните рани на македонскиот туризам и угостителство потребно е сите јавни личности и носители на јавни функции да излезат со апели за поддршка. Одете на летување во Охрид, посетете го Берово, пробајте го прилепскиот ширден и тоа во Прилеп, заблажете си ја душата со крушевски локум на надморска висина од 1350 метри. Ајде да се освестиме сите и да придонесеме во градењето на новите и здрави основи на македонскиот туризам!

Климент Наумов

Претседател на здружението на туристички водичи и придружници Кеј – Охрид

Докторанд при факултетот за туризам и угостителство – Охрид

Please follow and like us:
Tagged