ОДВ Електрик затворена, а ќе се тестираат само лица кои ќе се јават со симптоми

Охрид

Во мала средина како Охрид и без следење на официјалните податоци јасно е дека ОДВ Електрик е жариште од каде потекнуваат дел од новите случаи во Охрид. Станува збор за т.н. кластер кој за да се контролира треба веројатно да се тестираат сите кои биле во контакт. На прашањето на ОХРИД 24 до Центарот за јавно здравје Охрид дали имаат намера да го направат тоа( независно што ОДВ сега не работи), а ако не, како мислат ситуацијата да ја држите под контрола, оттаму ни одговорија дека по направената епидемиолошка анкета од нивна страна, двете лица и нивните контакти веднаш се ставени во изолација/хоспитализација со издадено решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат на РСМ.

– Согласно постоечките алгоритми и протоколи за работа за присуство на вирусот SARS CoV-2 се тестираат само лица кои исполнуваат дефиниција на случај односно покажуваат соодветни симптоми за присуство на вирусот. Според тоа секој оној кој има симптоми на присуство на COVID-19 од ОДВ Електрик, може телефонски да се обрати до епидемиологот во Центар за јавно здравје Охрид, по што ќе биде упатен на COVID пунктот во Центар за јавно здравје Охрид за да му биде земен соодветниот материјал (брис од грло и нос) според соодветната проценка на епидемиологот. Контактите на секој случај позитивен на COVID-19 кои се со високо ниво на ризик, се тестираат после 14 дневна самоизолација, одговорија од ЦЈЗ Охрид.

На прашањето зошто и во услови кога се декларира дека капацитетите за тестирање се многукратно зголемени, а бројот на тестирани (вклучително и оние за скрининг) е многу скромен, резултатите се чекаат по повеќе дена, од ЦЈЗ Охрид со став дека материјали за тестирање на присуство на COVID-19 кои се земаат на пунктовите на Центар за јавно здравје во Охрид и Струга се доставуваат за тестирање во лабораторијата за вирусологија во Институтот за јавно здравје во Скопје, а резултатите се доставуваат до матичните лекари кои го издале упатот или до епидемиологот преку електронскиот систем МОЈ ТЕРМИН, не подолго од 24 часа од моментот кога се доставени во лабораторијата за тестирање во ИЈЗ Скопје.

Освен случаите со ОДВ Електрик пред Охрид и Центарот за јавно здравје се и предизвиците кои го носи туристичката сезона. Поради тоа ги запрашавме надлежните како мислат да се справат со истите
ако како град и тие како ЦЈЗ во најпознатиот туристички центар немаат автентичен приод во креирање безбедна средина и за жителите и за потенцијалните гости?

Оттаму ваквата констатација ја отфрлија како неиздржана и посочија дека Центар за јавно здравје Охрид делува на подрачјето на шест општини: Охрид, Дебрца, Струга, Вевчани, Дебар и Центар Жупа согласно своите надлежности дефинирани со Законот за здравствена заштита и Законот за јавно здравје поседува соодветен стручен и професионален кадар, современа опрема и средства и навремено и ефикасно се соочува со сите предизвици.

Поради тоа што дел од граѓаните со некакви симптоми се жалат дека тешко доаѓаат до тестирање, ги запрашавме охридските епидемиолози дали мислат дека алгоритамот е таков што исклучува многу од потенцијалните заразени, особено ако се има во предвид дека само пред една недела истиот имаше прашање: Дали сте патувале во странство во услови на веќе 2 месеци затворени граници?

Нивниот став по ова прашање беше дека до денес, официјално не добиле ниту една  забелешка или поплака од граѓанин со симптоми на присуство на COVID-19 дека не може да се тестира.

– Од почетокот на епидемијата, секојдневно Центар за јавно здравје Охрид преку најразлични форми на информирање на јавноста, ги охрабруваме и повикуваме сите оние кои имаат некакви симптоми на присуство на COVID-19 да не ги кријат истите, односно да се јават кај својот матичен лекар или кај епидемиологот во Центар за јавно здравје Охрид за да закажат тестирање. Алгоритмот за тестирање, односно содржината-прашањата во анкетниот епидемиолошки прашалник е во надлежност и се изготвува од страна на Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство на РСМ. Во врска со вашиот сомнеж, дозволете да напоменеме дека во државните карантини низ целата држава, а и овде во Охрид и Струга постојано доаѓаат лица од странство, кои доколку пројават некој симптом на присуство на COVID-19, за да бидат тестирани, потребно е да бидат анкетирани според прашањата од истата епидемиолошка анкета, велат од ЦЈЗ Охрид.

ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged