Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) ја отфрли жалбата на Владо Жура кон Охрид 24 како неоснована

Охрид

Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), на седницата одржана на 18 мај 2020 година, врз основа на примена жалбa од Владо Жура, ја донесе следната:

О Д Л У К А

ЖАЛБАТА СЕ ОТФРЛА КАКО НЕОСНОВАНА

Интернет – порталот „Охрид 24.мк“ со текстот насловен „Како Охрид во карантин се справувал со епидемијата на чума за Велигден во 1810 година“ не ги прекршил професионалните и етичките стандарди.

ЖАЛБА

До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 22 април 2020 година, Владо Жура, поднесе жалба за текстот со наслов „Како Охрид во карантин се справувал со епидемијата на чума за Велигден во 1810 година“, објавен на 21 април 2020 година, на интернет – порталот „Охрид 24.мк“ (www.ohrid24.mk).

Во жалбата се наведува дека во оспорениот текст има нарушување на авторски права и плагијаторство. Подносителот на жалбата, Владо Жура, појаснува дека интернет – порталот „Охрид 24.мк“ од неговиот личен Фејсбук профил презел и објавил слика/напис без претходно да побара одобрување или согласност. Тој посочува дека медиумот воопшто не го навел авторот на написот, иако на самата слика бил вметнат воден жиг насловен „Жура за Жура“, кој сведочел за авторството на жалителот.

ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ

Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со интернет – порталот „Охрид 24.мк“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Медиумот одговори на наводите на жалбата.

Од „Охрид 24.мк“ нагласија дека, во рамките на оспорениот текст, навеле дека преземената слика му припаѓа на Владо Жура, кој е подносител на претставката. Во исто време, посочија дека, веднаш по приемот на жалбата, објавиле и извинување до жалителот и дека се согласуваат да започне процес на медијација меѓу двете страни.

Сепак, во комуникацијата со жалителот Владо Жура, тој потенцираше дека не е согласен на помирување со интернет – порталот, по што Советот за етика ја продолжи постапката.

ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ

Комисијата за жалби утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА

На седницата на 18 мај 2020 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина.

Комисијата, најнапред, утврди дека се работи за текст кој се заснова на слика/историски запис и пренесува информација за тоа како Охрид се борел со чума во 1810 година. Оспорената содржина е од јавен интерес, зашто сведочи за историски период и ги информира читателите каков бил животот во време на епидемија пред два века.

Комисијата изгради став дека интернет – порталот „Охрид24“ не го прекршил Кодексот на новинарите, со тоа што презел и објавил слика/запис од Фејсбук профилот на жалителот, Владо Жура, кој се повикува на авторство на документот.

Оттука, без да навлегува во автентичноста и потеклото на историскиот запис и дали воопшто самиот подлежи на нечија авторско-правна заштита, Комисијата утврди дека „Охрид24“, за разлика од другите медиуми кои се предмет на истиот жалбен процес, постапил фер и коректно. Медиумот на крајот од текстот го навел името и презимето од каде што е преземена сликата (фото Владо Жура), а во меѓувреме, по покренувањето на жалбената постапка пред Советот за етика, самоиницијативно и јавно му се извини на жалителот:1

„Интернет порталот ОХРИД 24 упатува јавно извинување до господинот Владо Жура, поради тоа што на ден 21.4.2020 година од неговиот Фејсбук профил без негова согласност ја презедовме јавно достапната фотографија за тоа како Охрид пред 210 години за Велигден бил во карантин“, се вели во извинувањето на „Охрид24“, објавено на 28 април, 2020 година.

Во овој контекст, Комисијата ја цени, и во оваа прилика, ја поздравува подготвеноста на медиумите да се коригираат и извинат, кога ќе се утврди пропуст во содржината. На тој начин, новинарот го штити сопствениот интегритет и интегритетот на медиумот во кој што работи.

Во исто време, Комисијата ги повикува медиумите јасно и експлицитно да го наведуваат изворот и авторот при преземање на содржини од друг медиум или од социјалните мрежи.

* * *

Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како што е погоре наведено. Во работата на Комисијата учествуваа членовите Мирче Адамчевски, Сефер Тахири, Мери Јордановска,Теофил Блажевски, Лилјана Пецова – Илиеска и Ердем Ахмет.

Се обврзува интернет – порталот „Охрид 24.mk“ (www.ohrid24.mk), во согласност со членот 18 од Деловникот за работа на Комисијата за жалби, да ја објави оваа одлука.

Со почит, Совет за етика во медиумите на Македонија

Претседател на Комисијата за жалби Мирче Адамчевски

Please follow and like us:
Tagged