Почна Школата за млади лидери во Струга

Македонија

Предизвиците што ги носи четвртата индустриска револуција и како да се биде успешен во оваа драстична промена во човековата цивилизација се во фокусот на Школата за млади лидери, што од денеска до 22 февруари се одржува во Струга, под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

„Промените и предизвиците се насекаде околу нас. Сето тоа што беше основа на третата дигитална револуција, денес е инфраструктура за новата револуција. Сите процеси кои беа аналогни и дигитални, сите оние начини на производство, на трговија, на купување, на администрирање и водење се соочуваат со големи предизвици. Секаде околу нас ги гледаме последиците од таа голема трансформација и дигитализација на општеството и на човековата цивилизација. Секојдневно преку вашите паметни телефони вие сте корисници на многу услуги кои ги креираат машините со вештачка интелигенција. Многу пребарувачи учат од вас и од вашите побарувања, за да го информираат алгоритамот кој ви излегува во пресрет на следното барање или следното истражување. Многу процеси се водени од роботи и се автоматизирани“, рече претседателот Иванов на свеченото отворање на Школата за млади лидери.

Целта на Школата за млади лидери е да се создадат луѓе кои соработуваат, да се научат младите како да користат податоци, информации и како да пристапат до базите на податоци, порача претседателот Иванов.

„Во духот на оптимизмот, на креативноста и иновативноста ви посакувам успешно совладување на оваа обука, да стекнете многу нови знаења, многу вештини, многу пријателства и да сфатите дека секаде во светот системот на образование е критикуван и е во криза. Не е целта да создадете луѓе кои ќе се натпреваруваат, туку целта е да создадете луѓе кои соработуваат. Не е целта да ги научите луѓето како да меморираат, туку како да користат податоци, информации и како да пристапат до базите на податоци. Многу поголема вредност има социјалниот капитал создаден преку вмрежување, преку блискост, размена на искуства и сознанија“, рече претседателот Иванов пред учесниците на годинашната Школа за млади лидери.

На свеченото отворање, покрај претседателот Иванов, се обрати и Талал Абу-Газалех, претседател на Tag-org, глобална организација за професионални услуги и едукација, кој на претседателот Иванов му додели признание за неговиот придонес за новата генерација и за неговите постигнувања во Македонија и светот. На првиот ден од Школата за млади лидери предавање одржа Сани Шенер, извршен директор на ТАВ аеродроми, а се одржа и панел дискусија за предизвиците на 4-та индустриска револуција, тема што е во фокусот на десеттата Школа за млади лидери.

Во рамки на одржувањето на 10. Школа за млади лидери, учесниците ќе го посетат новиот аеродром во Истанбул, отворен во октомври 2018 година, каде ќе бидат запознаени со неговото менаџирање како еден од најголемите аеродроми во светот, а ќе го посетат и седиштето на авиокомпанијата Turkish Airlines.

ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged