Златните маски и златото од Требеништа на изложба

Култура

Повеќе од 400 артефакти од некрополата во Требеништа, Охрид, заедно со прочуените златни маски кои се наоѓаат во музеите во Бугарија, Србија и Македонија, од март до август за првпат заедно ќе бидат изложени на големата заедничка изложба во Археолошкиот музеј во Скопје. Изложбата се организира во чест на 100-годишнината од откривањето на некрополата во 1918 година, а првично беше најавено за во ноември лани.

Изложбата прво ќе биде изложена во Скопје, па во 2020 и 2021 во Софија и Белград, а интерес пројавиле и археолошките музеи од Париз, Берлин, Виена и Загреб.

Некрополата Требеништа, која се наоѓа кај селото Горенци во близината на Охрид, била случајно откриена во 1918, при копање ровови од бугарски војници. Бројните златни, сребрени и бронзени предмети од гробовите биле пренесени во Музејот во Софија каде и денес се наоѓаат. Истото се случува и со следните наоди од истражувањата во 1932 и 1934 кои ги извел Народниот Музеј од Белград каде и денес се наоѓаат.

Меѓу бројните луксузни предмети се и прочуените четири златни маски, од кои денес две се изложени во Националниот институт и Музеј при Бугарската академија на науките во Софија и две во Народниот музеј во Белград. Наодите датираат од 6 век пред. н. е.

Со македонските ископувања во Требеништа во 1972 од Заводот и Музеј од Охрид, биле откриени погребувања и од помладите хронолошки рамки на оваа некропола, а наодите кои се наоѓаат во Охрид исто така ќе бидат дел од изложбата. Меѓу нив е и златната маска најдена кај Горна Порта во 2011.

ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged