Вечерва и утре сите патишта водат кон манастирот Свети Наум

Охрид

Вечерва и утре илјадници верници ќе го посетат манастирскиот комплекс „Свети Наум” на брегот на Охридското езеро.

Таму палат свеќи за здравје и се поклонуваат на гробот во кој почива Свети Наум Охридски Чудотворец.

Дебарско-кичевската епархија информира дека за време на празникот на преподобниот Наум Охридскиот Чудотворец, ќе има богослужби во манастирот. На 02 јули во 19:00 часот ќе биде отслужена Празнична вечерна богослужба, а на 03 јули 2020 година, во 07:30 часот ќе започне Утрената богослужба. Пречекот на Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски, г. Тимотеј, како и на Митрополитот Европски г. Пимен, ќе биде во 08:45 часот, додека светата архиерејска Литургија ќе започне во 09:00 часот.

Годинава поради здравствената криза предизвикана од коронавирусот, празникот посветен на светителот Св. Наум Охридски Чудотворец, кој ужива голем култ во охридскиот и поширокиот крај, оваа година ќе биде одбележан во вонредни услови.

Црквата ги повика верниците и граѓаните на почитување на пропишаните здравствени мерки за заштита од Ковид 19. 

– Ние, како Црква, заедно и свештенството и народот, сме должни да се грижиме за нашето здравје, како и за здравјето на нашите ближни. Од таа причина, поради настанатата состојба со корона вирусот КОВИД-19, ги известуваме верниците кои сакаат да дојдат во манастирот и да се помолат на големиот светител, дека ќе мора да се придржуваат кон мерките на Владата за спречување и ширење на вирусот, што подразбира носење на заштитна опрема (маска, марама, шал и слично), како и држење на определеното растојание. Истовремено, Ве известуваме дека оваа година нема да се поставуваат тезги во манастирскиот двор. Се надеваме дека верниот народ ја разбира нашата грижа, особено што ова е грижа, пред сѐ, за нив, за нивното здравје и за нашата иднина. Господ, нашиот Бог, по молитвите на преподобниот Наум Охридски, да нѐ избави од сите искушенија и да ни дарува здравје, мир и голема љубов, та победувајќи го невидливиот непријател, уште повеќе да ја зацврсти нашата вера и да нѐ сплоти како народ, кој верно ќе им служи на Црквата и на Татковината, се вели во соопштението од Дебарско-кичевската епархија.

ОХРИД 24

Please follow and like us:
Tagged