Утре е голем празник: Отсекување на главата на Св. Јован Крстител и слава на Бигорскиот манастир

Македонија

Православните христијани утре го слават празникот посветен на погубувањето на св. Јован Крстител, што секоја година се празнува на 11 септември, а кај народот е познат под различни имиња: Св. Јован Сечиглав, Св. Јован Отсечен, Св. Јован Опсечен и други.

Свети Јован Крстител ужива голем култ кај верниците во христијанскиот свет и оставил значајни траги и во традицијата на македонскиот народ.

Како и другите празници посветени на овој светител и овој ден се празнува со многу внимание, со домашни и народни свечености.

Православните верници за овој ден држат строг пост, не се јаде не само мрсно туку и риба и масло. Останало забележано дека на овој ден луѓето не јаделе ни лубеница, домати, црвено грозје и други продукти со црвена боја што потсетувале на крвта на светителот.

Слава на Бигорскиот манастир

Познатото македонско древно светилиште „Свети Јован Крстител”, попознат како Бигорски манастир, го одбележува Отсекувањето на чесната глава на неговиот славен патрон и небесен застапник, великиот пророк, претеча и крстител Господов Јован.

Одбележувањето на манастирската слава започнува денеска во 18:30 часот со  Свечена архиерејска Вечерна богослужба и Молебен канон во чест на Чудотворната икона на Св. Јован

На 11 септември (петок), во 7:30 часот, ќе се служи Утрена богослужба. Во 8:45 часот е предвиден пречек на надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски, Неговото Високопреосвештенство, г. Тимотеј и на Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, додека во 9:00 часот почнува Света архиерејска Златоустова Литургија.

– Ги замолуваме сите поклоници и посетители совесно да се придржуваат до сите пропишани мерки за здравствена заштита и превенција од вирусот COVID-19, односно, задолжително да носат заштитна маска, да користат средство за дезинфекција и да го запазуваат потребното социјално растојание, велат од Бигорскиот манастир и додаваат:

„Славното Бигорско светилиште, кое низ вековите било гордост на нашите предци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ја јакне верата меѓу народот. Затоа да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно Светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на светиот Претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот Пророк и Крстител, да ги поканиме сите благочестиви православни Христијани да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на својот најголем празник Усекновение, е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна бигорска икона ги слуша и исполнува молитвите на оние коишто со љубов и вера го повикуваат; тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите коишто ревносно го чествуваат неговиот спомен. И кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат! Молитвите на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас!“

Please follow and like us:
Tagged