Пецаков: Власта на СДСМ предводена од Зоран Заев сè што фати во државата исуши, па така и нивото на водата во Охридското Езеро

Охрид

Власта на СДСМ предводена од Зоран Заев сè што фати во државата и исуши, па така и нивото на водата во Охридското Езеро кое за овој период е во алармантна состојба, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, Кирил Пецаков, на денешната прес-конференција во врска со намалениот водостој на езерото, состојба која од ден на ден станува се’ поалармантна.

Тој запраша дали Охридското Езеро за СДСМ е вештачка акумулација, па да можат со ЕЛЕМ безмилосно да го празнат за производство на електрична енергија?

– Дали недостатокот на јаглен придонесува за ваквото поигрување со Охридското Езеро како да е вештачка акумулација? Градоначалникот Константин Георгиески да одговори што се случува со ниското ниво на водата во езерото? Пратеничката Жаклина Лазаревска сега молчи за несовесното и неодговорно однесување кон Охридското Езеро. Власта наместо како природен ресурс езерото го третира како акумулација за производство на електрична енергија. Лицемерно за личен профит го опустошија езерото, но затоа ја поскапеа струјата, посочи Пецаков.

Самото ниво на водата во Охридското Езеро, додаде Пецаков, е алармантно и е директна закана за растителниот и животинскиот свет во езерото.

– Кој ќе понесе одговорност за негативните последици на растителниот и животинскиот свет? За СДСМ ниту Охрид преку дивоградбите, ниту Охридското Езеро со нискиот водостој како да не се заштитени од УНЕСКО, но ги потсетуваме дека сите вакви негативни последици по градот и езерото се противзаконски дела. СДСМ претходно беа најгласни, а сега за нивото на езерото молчат. Сега се власт и како што тврдеа претходно треба да реагираат веднаш, во спротивно ќе ја докажат нивната неспособност, нагласи Пецаков.

Инаку според утринските мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, нивото на Охридското Езеро изнесува 693,18 метри надморска височина, што е за 15 сантиметри под просекот за месец септември (693,33 м.н.в), еден сантиметар над природната кота (693,17 м.н.в.) и само осум сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в.).

Please follow and like us:
Tagged