Утре во Охрид протест против игнорантскиот однос на локалната власт и градоначалникот

Охрид

Здружението за развој „Чекоштина урбан“, на 9. 10. 2020 г., петок, ќе одржи предупредувачки протест на крстосницата помеѓу булевар „Туристичка“ и улица „Хаџи Мустафа“ (патот за Орман/Воска). Протестот ќе се одвива во времето од 16:30 до 17:00 часот.

Како што велат од здружението во дописот испратен до медиумите, протестираат против игнорантското однесување на локалната самоуправа кон нивните барања за решавање на инфраструктурните и други проблеми на жителите и корисниците на недвижен имот во оваа месност.

 – За повеќе од девет месеци постоење, се обидовме да изнесеме некои барања пред Градоначалникот, и по повеќе одбивања, остваривме една средба со него. Одговорот беше начелно позитивен и добивме ветување дека тој за два-три дена ќе не посети, заедно со екипа, за да ја согледа ситуацијата на лице место. Месеци потоа не се одзва, а на повеќе наши интервенции со писмо во кое го повикавме да не посети и да си го одржи ветувањето и ургенција преку портпаролот, остана глув. Ваквиот игнорантен и со тоа увредлов однос на оној кој е должен да се грижи за граѓаните на Општината и да води сметка за нивните потреби, а по закон и да одговори на секоја иницијатива најдоцна во рок од 60 дена, предизвика револт кај членовите на Здружението и другите заинтересирани. Бидејќи другите средства за остварување на нашите оправдани и далеку од мегаломански барања се исцрпија, го организираме овој протест, како сигнал дека сме сериоизни и ќе истраеме во остварување на нашите легитимни колективни права, велат од Здружението.

Тие ги повикуваат учесниците на протестот строго да се придржуваат кон мерките за заштита од Ковид-19, пред се‘ носење маска и одржување растојание.

Инаку месноста опфаќа една урбана заедница (УЗ 18 –Чекоштина) и две катастарски општини (месни заедници), Орман и Долно Лакочереј.

Please follow and like us:
Tagged