Денес се празнува Св. апостол Тома

Македонија

Светиот апостол Тома е еден од дванаесетте славни Исусови апостоли. Тома на еврејски јазик значи близнак, но апостолот Тома најчесто е познат како Неверен Тома.

Роден е во Панеида, мало гратче во Галилеја. Бил верен следбеник на Исусовото учење, и присуствувал на сите поважни настани од неговиот живот.

Кога Исус, по воскреснувањето, им се јавил на неговите ученици меѓу нив не бил Тома. А кога тие му кажале дека го виделе Спасителот, Томо не верувал и оттука е наречен Неверен Томо. „Тома еден од дванаесетте наречен Близнак, не беше со нив кога дојде Исус. Другите ученици му рекоа: „Го видовме Господа“. А тој им рече: „Дури не ги видам раните од клинците на рацете Негови, и не го ставам прстот свој во раните од клинците, и не ја ставам раката своја во ребрата негови, нема да поверувам“. А по осум дена учениците Негови пак беа собрани, и Тома со нив. Дојде Исус, кога вратата беше заклучена, застана помеѓу нив и рече: „Мир вам!“ Потоа му рече на Тома: „Дај го прстот свој овде и види ги рацете Мои; дај ја раката своја и стави ја во ребрата Мои и не биди неверлив, но верлив“. Одговори Тома и му рече: „Господ мој и Бог мој!“ Исус му рече: „Тома, ти поверува, оти ме виде; блажени се оние, кои не виделе, а поверувале“. (Јован 20/25-29)

Кога по слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, овие се растуриле по светот за да го шират Исусовото учење, Тома отишол во Индија. Се претставувал како мајстор-ѕидар, а го проповедал христијанството. Таму бил и кога умрела Богородица и на таинствен начин пристигнал три дена по погребот. Многу жалел поради тоа и побарал од апостолите да го отворат гробот и да ја види Божјата мајка. Но кога му ја исполниле желбата и кога го отвориле ковчегот телото на Богородица не било тука. Таа воскреснала и отишла кај својот син. Потоа Томо повторно се вратил во Индија каде што придобил многу неверници кон христијанската вера. Откако ги придобил и жената и синот на царот Миздија овој наредил да го убијат. Војниците го избодиле со копја надвор од градот, а неговите приврзаници го погребале како што му прилега.

Многу семејства овој ден го одбележуваат како своја куќна слава. Во минатото го прославувале дрводелците, бочварите, коларите, столарите, бунарџии , ѕидарите… Се верувало дека тој штити од волци.

Please follow and like us:
Tagged