(ФОТО) Почнуваат Божикните пости: Еве што треба да јадете секој ден

Охрид

За православните христијански верници кои се водат според јулијанскиот календар, денеска започнува шестнеделниот божикен пост.

Постот ќе трае 40 дена, односно до Божик, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.

Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник.

Божикниот пост е втор по должина на траење, веднаш по велигденскиот. Во однос на „строгоста“ за употреба на храна, божиќниот пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење вино, масло за јадење и риба.

Во Православната црква практика е во текот на божикниот пост верниците да се исповедаат и по можност да се причестат за да бидат што подостојни во подготовката за празнување на Христовото раѓање – Божик. Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божикниот пост, посни се и сите славски трпези.

Божикниот пост, како и останатите повеќедневни постови, датира од првите векови на христијанството и се споменува во делата на светите лица од 4 и 5 век.

Првобитно постот траел седум дена, а одлуката христијаните пред празникот – Раѓањето Христово да постат 40 дена е донесена на Собор во 1166 година.

Траењето на божикниот пост се објаснува и со четириесетдневното патување на тројцата мудреци до Витлеемската пештера, во која е роден Богомладенецот Исус. Затоа се вели дека постот е ѕвезда водилка за сите кои христијанството го одбрале за своја вера, како што за мудреците кои верувале во пророштвото за раѓањето на Спасителот единствена водилка била најсветлата ѕвезда на небото, која се движела од западот кон истокот и која ги довела во Витлеем.

Инаку, постот не е само воздржување од намирници од животинско потекло. Важно е и да бидете умерени во количините, но и скромни во начинот на припремање. Почитувајте го она што природата го дала, јадете ги овошјата и зеленчуците во нивниот природен облик, чајот пијте го без шеќер, пијте доволно течности, а во деновите кога е дозволено масло, користете ладно цедено.

Постот ќе ве научи да бидете умерени, да не подлегнувате на искушението за грицки и десерти, засладени сокови и енергетски пијалаци и секако, да ја прескокнете брзата храна.

Постењето во христијанството е многу повеќе од начин на исхрана. Тој е и воздржување од лоши мисли, односно да се мотивирате себе да ги анализирате своите дела, да се покаете, како и редовно да се молите.

Please follow and like us:
Tagged