Денес се празнува Свети Атанасиј Велики – Танасовден

Охрид

Свети Атанасиј, наречен Велики е роден во Александрија во 295 година. Едно време минал во пустина заедно со свети Антониј Велики. По враќањето во Александрија станал архиѓакон во александриската црква.

Учествувал на Првиот вселенски собор и иако млад се истакнал со познавање на Светото писмо и со говорништвото. Неговите дискусии имале главна заслуга за победата против ариевската ерес и биле содржани во заклучоците од Собирот, на кој биле осудени еретикот Ариј и неговите приврзаници. Со тоа си го навлекол врз себе гневот на ариевците кои често го клеветеле кај царот.

Свети Атанасиј неколку пати беше прогонуван оттаму од еретиците и неколку пати се враќаше на катедрата. Крајот на животот сепак го помина во својата црква во Александрија. Се упокои во 373 година.

Празникот Св. Атанасиј зимен народот го смета за средзимо па се верува дека главните студови веќе се поминати. Затоа во народното верување тој е победник над силните студови и мразеви кои му се паднале при поделбата на должностите меѓу светците. 

Во Охрид се сметало дека Св. Танасија е „среде зима коложега“ како што на Е. Спространов раскажувачката што му раскажувала за празниците му кажала и една лазарска песна за цвеќињата што никнуваат во овој период од годината.

Качунчица заблʼзвеше:
‒ Блаѕе тебе, трендафиле,
што си имаш арна мајка,
те променвит, те наружвит,
та те пушчʼт среде лето,
стреде лето црвеника,
да те берат јунаците,
јунаците и невести
да те носат пот фесои,
невестите под врзʼлʼт,
девојките на чалмите.

Јас си имам зло машчеа
та ме пушчʼт среде зимʼ,
стреде зимʼ коложега,
да ме берат дрварите
да ме носат по децата,
да ме тркалет по пелишчата.

Свети Атанасиј е домашен празник на многу семејства, но и на цели села. Денеска именден празнуваат Атанас, Атанаска, Танас, Тане, Танаска, Насе, Насте…

Освен зимскиот празник Танасовден нашиот народ празнува уште еден празник посветен на овој светител. Тоа е Танасовден – летен, што се празнува на 15/2 мај денот кога е упокоен св. Атанасиј Велики.

Please follow and like us:
Tagged