(ФОТО) Вонредниот инспекциски надзор утврди нелегални градби на „Сараиште“

Охрид

После жалбите на граѓаните и пишувањата на ОХРИД 24 за нелегално градење на месноста „Сараиште“, одделението за инспекциски надзор при општина Охрид изврши вонреден инспекциски надзор при што, како што пишува во записникот кои ни го доставија граѓаните кои претходно алармираа за ваквата состојба, утврдени се нелегални градби и тоа ѕид од камен, бетонска платформа, метални скали и армиранобетонски скали.

Субјектот кој беше посочен од граѓаните како градител на нелегалните градби, при разговорот со инспекторите се произнесол дека градбите ги изградил сам на своја воља со поддршка на соседите околу уредувањето на просторот кој е во сопственост на Република Македонија.

На прашањето дали поседува техничка документација и дали има дозвола од општина Охрид за уредување на тој дел, субјектот се произнесол дека нема техничка документација и нелегалните градби ги изведувал без решение за изведба кое го издава општината.

Поради тоа, како што е наведено во Записникот, ќе се донесе Решение за отстранување на нелегалните градби.

Граѓаните кои живеаат во близина на „Сараиште“ и кои алармираа за нелегалното градење на една најатрактивните локации на крајбрежјето, велат добивме една битка против узурпирањето и уништувањето на крајбрежјето и езерото, се надеваме дека ова ќе биде поттик за останатите во битката со дивоградбите. Тие воедно упатуваат и благодарност до нашиот медиум за јавната кампања против узурпацијата, дивеењето и нелегалните градби на езерото и крајбрежјето.

Please follow and like us:
Tagged