Денес се празнува Свети свештеномаченик Харалампиј – чувар од болести

Охрид

Светиот свештеномаченик Харалампиј, епископ од Магнезија (Тесалија) настрадал за време на царот Септимие Север кога бил вршен страшен прогон на христијаните. И покрај жестоките репресалии тој јавно ја проповедал Христовата вера, и станал популарен кога воскреснал еден мртовец. Под негово влијание царската ќерка Галина станала христијанка и ги искршила киповите на римските богови. Поради тоа бил страшно мачен. Според едно предание му биле пресечени рацете, а потоа бил исечен со меч. Според друго предание, пак, дури му била одрана кожата, а кога и тоа го примил како доближување до Бога, се помолил на својот Бог и испуштил душа, пред да се спушти мечот на џелатот врз него. Тогаш имал 113 години, а тоа се случило на 23/10 февруари 198 година. Потоа царската ќерка Галина пристојно го погребала, а неговата глава и денес се чува во манастирот Свети архиѓакон Стефан во Тесалија.

Празникот на св. свештеномаченик Харалампиј народот го вика и Чуминден, зашто овој светец од христијанскиот календар е поврзан со болестите и се смета за чувар од нив, а се врзува и со чумата, зашто таа се сметала за најопасна болест. И на фреските во нашите цркви св. Харалампиј е претставен како ја држи чумата во синџири, како ја тепа и мачи. Народот верувал дека св. Харалампиј е заштитник од чумата која ја соборил и победил, а тоа, всушност, бил ѓаволот олицетворен во чума, како што се верувало во Охрид.

Во Охрид „Свети Араламбос“ се сметал за „пануклин празник“. Араламбос се верувало, ја држел пануклата. Спространов со ова верување го забележал и следново предание: „Едно време ко одела по земјава да бијат, је остаале казан со вода, корито, сапун, за да се кʼпит.

Еднуш шетала по земјава пануклата и бијала љуѓе. Еден стар чоек не сакал да побегнит, се скрил дома и се затворил отсекʼде. Нʼк дојт сега да ја видам, си рекол, откʼде ќе влезит! Та му влегла низ оџак и се расчекорила над мангалот да се грејт. Како се грејала задремала. По некое верме отворила дефтерите да и гледат. Стариоф чоек по кротко и и грабнал и в огон. Та се наљутила, удри, чинела со тупајнци и му велела: Ами сега како ќе дʼм јас џуап, а? Удри, удри и се кʼде удирала, само џумки се чинеле. Така гʼ изопрала“.

Пануклата одела само на право и никако не се вртела на лево и на десно. Ако бегале луѓето не ги удирала. Затоа таа велела: „Бежаноа мајка бело носила, небеганоа мајка црно носила“. (Во врска со ова е и пословицата: „Беганоа мајка бело носила, Стојаноа мајка црно носила“, што значи тој што бега ќе се спаси, тој што стои ќе настрада.)
Пануклата се преправала на мачка, кокошка, куче, се. „Еднуш Богдановци ја донесле од Влашко. Некој Елшанци ошле со леп у ними и је зеле в село. Та се престорила на кокошка, застанала на којнот и тргнʼлʼ. Тије не знаеле оту је пануклʼтʼ. Та тамо бидејќи немала меќи постели викала: Врана коска да не донесит во ова село! Шо ме донесофте во овʼ чкркʼ? Тије ја слушале ко викʼлʼ. От Богдановци им изопрала најмладите момчина ‒ се јунаци“.

Please follow and like us:
Tagged