Објектите се затворени: Угостителите бараат финансиска помош, 30.000 граѓани остануваат без приходи

Охрид

Од денеска до 20 април ќе бидат затворени сите угостителски објекти низ државата, како и рестораните и кафитериите во хотелите, мотели, хостели, пансиони и други објекти за сместување. Оваа одлука ја донесе Владата, со цел превенција и заштита на граѓаните од Ковид-19.

Исклучок од оваа мерка се рестораните во рамки на хотелите, мотелите, хостели и пансиони за оние лица кои се сместени како гости, но и угостителските објекти на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Објектите кои вршат подготовка и продажба на храна може да продаваат преку онлајн или телефонска нарачка и да вршат достава на храна или самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект, преку пулт.

Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори бара итна финансиска помош за овој сектор по одлуката на Владата за затворање на угостителските објекти како дел од рестриктивните мерки за спречување на ширењето на Ковид-19. Според проценките на Комората, без основни приходи ќе останат околу 30 илјади граѓани кои работат во овој сектор.

-Со оглед на моменталните услови, ја разбираме потребната од носењето на нови рестриктивни мерки кои треба да доведат до подобрување на состојбите на здравствен план. Но, во исто време апелираме дека е неопходно паралелно со тоа итно да се додели и посебна финансиска помош за субјектите кои поради одлуката затворањето ќе останат без било какви приходи. Финансиска поддршка е неопходна за да се обезбеди основна егзистенција и да не се изгубат овие работни места, изјави Мартин Анѓеловски од Туристичко-угостителската комора.

Од Комората посочуваат дека овој сектор е еден од најзасегнатите од кризата предизвикана од пандемијата и оти граѓаните кои работат во овој сектор тонат во долгови.

Please follow and like us:
Tagged