Мицкоски: Заев на избори победува со нарко дилери и шверцери со мигранти

Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по денешната изјава, одговарајќи на новинарско прашање, како ја коментира и оценува акцијата во врска со нарко трговијата во Македонија од страна на високи началници во МВР, посочи дека ваквите лица се всушност војската на Зоран Заев.

Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ претходно реагирало за прилепскиот началник на МВР, но дека немало никаква реакција од владата на СДСМ, за денес да дојде ДЕА и да ги уапси за трговија со дрога.

Исто така Мицкоски објасни зошто тие луѓе ги нарекува војска.

Во Македонија кога се избори во прашање, притисоци, закани, уцени и поткуп не прават цивилни лица, туку прават началници и градоначалници. Ќе ве потсетам овој началник во Прилеп беше предмет на критика од страна на ВМРО-ДПМНЕ и за време на предвремените парламентарни избори и дадовме докази. Гледаме дека не беше реагирано од страна на власта, а сега е уапсен поради тоа што е дел од трговијата со марихуаната, оние 200 килогами фатени и дел од таа мрежа. Ќе ве потсетам на началникот во Штип кој што беше фатен како шверцува мигранти. Слични индиции, еве вас како јавност ве усмерувам и за началникот во Струмичката полиција. Ќе ве потсетам на началникот на Кумановската полиција кога поткупуваше луѓе со дрва на изборите во 2016 година. Ќе ве потсетам на оној градоначалник во Ново Село кој што шверцуваше марлборо пакети. Ќе ве потсетам на двајца градоначалници на Василево и Дојран фатени беа во поткуп на изборите. Зоран Заев на избори победува со овие луѓе, и затоа Зоран Заев не мрда со прст, и затоа ДЕА треба да дојде да ги уапси овие луѓе кои што се денеска главни шверцери и шверцери со мигранти. Затоа што тоа е војската која што на избори врши притисоци, закани, уцени, и поткупува се со цел Зоран Заев да добие глас повеќе и исто тоа ќе биде и понатаму, рече Мицкоски.

Тој ја повика и меѓународната заедница и јавноста да ги следат случувањата.

Истите овие луѓе повторно ќе бидат активни, и не може ништо ВМРО-ДПМНЕ да направи и со народни стражи, ниту пак народот. Затоа што тие кога влегуваат од куќа во куќа и делат пари се придружувани и обезбедувани од униформирани лица. Ова се луѓето кои што вршат поткуп, началници и градоначалници и уште ќе паѓаат во периодот кој што следи. Запамтете и уште ќе паѓаат, посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Please follow and like us:
Tagged