Традиционалната струшка Литија годинава ќе се одржи под строги протоколи и без верници во толпата

Регион

Под строги здравствени протоколи за заштита на населението од ширење на коронавирусот, без традиционалните торжества и толпата верници в петок низ струшките улици ќе се одржи познатата Литија со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“ и чудотворната икона на светецот.

Организаторите апелираат до верниците, доколку сакаат да се поклонат пред моштите тоа да го направат од балконите или тротоарите со почитување на здравствените протоколи.

-Поради актуелната состојба со пандемијата од Ковид-19, годинашната Литија ќе се одржи под строги здравствени протоколи. Низ улиците ќе поминат моштите од Свети Георгиј Победоносец и чудотворната икона со братството и сестринството од Бигорскиот и манастирот во Рајчица, без оркестарот и традиционалните торжества. Апелираме до верниците да не се движат во толпата. Доколку сакаат да се поклонат пред моштите тоа да го направат од балконите и тротоарите со почитување на мерките за заштита, држење растојание и носење заштитна маска, посочи организаторот во изјава за МИА.

Според првичните информации, Литијата ќе се одржи под силно полициско обезбедување и строго почитување на протоколите.

Годинава, во услови на пандемија, моштите од светецот ќе пристигнат од манастирот во Рајчица на раскошно украсен епитаф и по отслужување на вечерната богослужба, Литијата ќе почне да се движи низ струшките улици околу 17 часот. 

Извор: Република

Please follow and like us:
Tagged