Мицкоски го објави планот на Заев и Бучковски за преговорите со Бугарија

Македонија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откри неколку сценарија во односите со Бугарија кои власта ги предлага за да ги почне прегоговорите со ЕУ.

-Прво решение – ЕУ/ЕС да донесе одлука за отпочнување на преговори на 22 јуни без дополнителни условувања, а со дипломатијата која што следи во наредните две недели да се направи притисок врз Бугарија и техничката влада за тие да отстапат од ветото со што ќе се ослободи отпочнувањето на преговори со ЕУ, вели Мицкоски.

Тој додава дека информацијата ја добил од доверливи дипломатски извори и оти едното сценарио предвидува Бугарија да дозволи почеток на преговорите без дополнителни услови, но тоа е малку веројатно.

-Второто има две потпатеки. Првата е прифаќање на дел од бугарската декларација да биде прифтена како дел од преговарачката рамка и ќе влезат во делот „фундаменталс“. Тоа ќе значи преговори заради почеток или колку да се рече. Ова предразбира целосна асимилација и бугаризација или напуштање на преговорите, рече Мицкоски пред новинарите.

Втората подопција, продолжи Мицкоски, е сето ова да се прифати усно со изговор дека Бугарија има техничка влада, а потоа преговорите да продолжат со новата влада.

-Двоецот Заев-Бучковски преговараат со Бугарската техничка влада за прифаќање на условите кои се дел од декларацијата на Бугарскиот парламент, да бидат дел од преговарачкиот момент, и тоа во првиот фрагмент од преговорите (Фундаменталс). На маса за преговори ќе бидат јазикот, традицијата, историјата, културата што ќе значи дека додека не се прифати ова нема да има почеток на преговори – односно, ова ќе биде почеток без крај. Некаде 23-24 јуни ќе биде даден датум за почеток на преговори, но со сите прифатени барања на Бугарија. Со ова, секоја идна влада која ќе сака да започне преговори со ЕУ ќе мора да ги прифати овие барања на Бугарија – со други зборови – асимилација, бугаризација или замрзнување на преговорите, нагласи Мицкоски.

Тој посочува и на опасноста бугарската декларација да биде прифатена усно, а потоа врз основа на тие усни гаранции Бугарија да ја блокира Македонија на патот кон ЕУ.

-Втората можност е сето ова да го прифатиме усно, па да добиеме датум, а потоа кога ќе има редовна влада во Бугарија истата да блокира преговори до прифаќање и официјално на барањата од декларацијата на бугарскиот парламент, вели Мицкоски.

За се ова што се договара, како што вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, зад кулисите, нема потреба да има официјализиран договор кој треба да помине на Влада, туку само усен договор.

По ова, Македонија веќе нема да има проблем со Бугарија, но ќе има со Европската Унија што е значително посериозен проблем. Практично Заев во интервјуто на БГнес сето ова го навестил. ВМРО-ДПМНЕ нема намера ова да го прифати, ниту сака да го прифати исто како и Македонскиот народ, и не само Македонците, но и Албанците, Турците, Власите, Ромите и сите други кои живеат во Македонија, напомена Мицкоски.

Please follow and like us:
Tagged