“Новото задолжување ќе го платат граѓаните, локалната власт наместо да се раздолжува од сопствен буџет трошеше милионски суми на нови вработувања и невладини организации”

Охрид

Општина Охрид ќе се задолжува за да враќа стари долгови. Ова следува откако советниците од СДСМ и коалицијата ја изгласаа одлуката за долгорочно задолжување на општина Охрид.

За советниците од опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, спорен е и моментот во кој се носи оваа одлука односно пред престојните локални избори.

Според координаторката на советничката група, Гордана Коњаноска, не е во ред на два месеци пред локални избори да се носи ваква одлука и повторно да се удира по џебот на граѓаните.

-Ќе го нагласам фактот дека ние трошиме и располагаме со средства од граѓаните на општина Охрид и овој заем ќе треба некој во иднина да го враќа. Сметам дека не е во ред да го правиме ова на два месеци пред избори, особено ако се има предвид фактот дека многу постапки на локалната власт во изминатиот период, не укажуваат на цврста решеност да се намалува континуирано долгот, макар и со минимални сопствени средства, рече Коњаноска.

Како што посочи таа, во прилог на тоа зборуваат големиот број на нови вработувања, апсолутно непотребни, како и останатото недомаќинско работење.

-Нема граѓанин на Охрид којшто може да најде логика и оправдувања во толкавиот број на ново вработени на многу чудни позиции. Не постои човек кои што здраворазумски размислува да може да оправда дека сите јавни претпријатија и локалната самоуправа имаат потреба од толкав број на нови вработувања. Значи доколку тоа не се случуваше буџетот ќе беше во подобра кондиција. Од друга страна факт е дека се трошеа милионски суми на пари за невладини организации, за спорт и други ставки, нагласи координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Охрид.

Please follow and like us:
Tagged