Учениците се враќаат на настава во клупите, задутре почнува учебната 2021/2022

Македонија

Учебната 2021/2022 година на 1 септември ќе почне со отворени училишта за основците и средношколците. Настава со физичко присуство со полн капацитет и примена на соодветни антиковид-протоколи препорача Главниот кризен штаб на 16 август, а одлуката наредниот ден ја донесе Владата на седница.

Поради високиот број заразени со коронавирус во Тетово и Гостивар, Комиисјата за заштита од заразни болести, на барање на Општина Тетово, одлучи само средните училишта во овие градови да организираат онлајн-настава во првите две недели од септември.

На седница во вторникот Владата ги усвои Планот за одржување на наставата и протоколите за постапување на основните и средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство.

Ослободени може да бидат ученици со ретки болести или попречености, деца од семејства со хронични болести, по барање од родителите, како и од други немедицински причини со дозвола на училиштето.

Враќање на сите ученици во училишните клупи е прво од трите сценарија што пред два месеца ги подготви Министерството за образование и наука. Според МОН, тоа е и најпосакувано сценарио зашто е во интерес на учениците и е препорачано од УНИЦЕФ и ОЕЦД.

Доколку се влоши епидемиолошката состојба и се зголеми ризикот од ширење на заразата, ќе се премине на друг модел на настава односно ќе се примени некое од двете резервни сценарија – второто е комбинирана настава со наизменично ротирање на две групи ученици – онлајн и со физичко присуство, и третото сценарио е модел на настава како минатата учебна година – едни ученици да бидат во училиштата, а други постојано да следат настава на далечина.

За евентуална промена на моделот на наставата ќе одлучи Комисијата за заштита од заразни болести и МОН ќе постапи по нејзините инструкции. 

Во учебната 2021/2022 новина е воведувањето на Концепцијата за основно образование усвоена во март годинава. Најпрво ќе почне да се применува во прво и во четврто одделение, за кои новите наставни програми по сите предмети се веќе изработени од Бирото за развој на образованието.

Планот на МОН е етапно да биде воведена во другите одделенија и за пет до шест години деветгодишното основно образование да биде целосно реформирано.

Согласно Концепцијата, годинава треба да почне и дигитализацијата односно употреба на дигитални учебници – најпрво во четврто одделение, кои ќе може да се преземат од платформите. Набавени се десет илјади таблет-компјутери, наменети пред сè за чевртоодделенците од семејства во социјален ризик, за да може да ги користат учебниците со мултимедијални содржини. Според предложениот закон, за учениците до трето одделение и натаму ќе се користат печатени (хартиени) учебници.

извор: Лидер

Please follow and like us:
Tagged